Бирам да научам преку болка, ама да живеам преку љубов – интервју со Ана Бунтеска
Ана е поетеса на секој што барем еднаш во животот стоел на работ меѓу љубовта и болката, пред амбисот на внатрешната борба, загубен во пределот меѓу светлината и мракот, меѓу исполнетоста и празнината. А кој ли не се нашол таму, во тој скриен предел?

Нејзините зборови се како прегратка, топли, човечни, искрени до болка. Нејзините стихови не се украс на хартија, туку огледало во кое секој може да се препознае.
Ана Бунтеска е поетеса која не зборува од височина, туку од широчина. И од близина – од зеницата на срцето. Таа е гласот на жените што го чувствуваат истото, но не секогаш имаат сила да го изговорат, ниту умеат да го претворат во збор. Поетеса е и на мажите што преку нејзините стихови се нурнуваат во внатрешните хоризонти на жената, откривајќи го при тоа и сопствениот потиснат немир.
Ана е поетеса на секој што барем еднаш во животот стоел на работ меѓу љубовта и болката, пред амбисот на внатрешната борба, загубен во пределот меѓу светлината и мракот, меѓу исполнетоста и празнината. А кој ли не се нашол таму, во тој скриен предел?
Нејзините стихови допираат без да бараат дозвола. Гребат, копаат, соблекуваат. И одново, облекуваат. Со леснотија зборува за најтешкото, за чекањето, за недоизречените зборови, за љубовта што не завршува со точка, за простувањето, за тивкиот мир што доаѓа по сите бури.
Некои прашања во ова интервју произлегуваат токму од нејзината поезија, зашто кај Ана стихот и животот се едно.

„Велат, чоек тежи колку што му тежи зборот/И ниту еден бадијала не е кажан“. Кој збор што неодамна си го слушнала ти оставил трага или те поттикнал на подлабоко размислување?
– ,,Крени рачна”. Два збора, кои ме подзамислија и ми дојдоа како освестување. Со оглед на тоа дека кројката ми е таква каква што ми е (читајте, никаква), сите работи ги доживувам премногу силно и длабоко. Дали било радост, тага, болка, среќа или емпатија, сеедно.
Влегувам во чувствата како да ми е секој ден последен, но човек сепак треба да знае кога е време да крене рачна и да се погледне себеси и другите (но и она што му се случува) од дистанца.
Не се секогаш работите такви какви што се чинат на прв поглед. Балансот или ставањето граници во себе и за себе, е здрава работа. Ете, тие два збора се обидувам да ги практикувам почесто и подоследно. Не дека ми е совладана вештината, ама како велат…човек учи додека е жив.
„За очи во очи да се погледнеме/Ќе те чекам/За да ни се вкрстат патиштата/Јас одејќи некаде/Ти враќајќи се од некаде…“ Дали ти се подраги непланираните средби, кога не си подготвена за разговор и кога може да се пропушти нешто важно што би сакала да го кажеш?
– Одамна не зборувам многу, научив да го пишувам она што го чувствувам, сакам, мислам. Средбите со драги луѓе ми се секогаш добредојдени, планирани или непланирани. Можеби затоа што со нив можам и да молчам, а да знаат дека ми е убаво, дека сум среќна што ми се тука, до мене.
Од друга страна, тоа што ми е важно за да го кажам, секогаш наоѓам начин за да биде ставено на астал. Нема добро време за разговор во кој човек ќе се соголи себеси знаејќи дека може да биде повреден, исто како што нема лошо време за искреност која на долги патеки секогаш е поисплатлива.
Кога „те сакам“ се изговара без тежина, дали тоа сè уште е љубов, или станува нешто друго?
– За мене и едно прашано ,,како си”, ,,дали е сѐ во ред” или кажаното ,,јави се кога ќе стасаш” се облици на љубов кои секогаш имаат тежина. Некогаш и не треба да се артикулира љубовта, се покажува и искажува преку ситни работи кои сме ги потцениле во нивната тежина.
Во ова време на инстант односи без длабочина, на врски во кои од првиот ден се кажува ТЕ САКАМ, ништо не опстојува долго. Како да свикнавме на површност колку да ја задоволиме емотивната глад.
Сакам да сакам на начин на кој ќе му е на другиот убаво, не само мене. Зборовите треба да бидат огледало на тоа што го носиме во душата, а не на моментална страст, возбуда или само затоа што сме биле долго време без љубов.
Кога чекањето е долготрајно, дали се претвора во нов вид љубов или во нов вид заборав и каков?
– Мислам дека чекањето има една точка од која или ќе прерасне во љубов, или ќе стане товар. Заборавот чинам дека доаѓа подоцна, кога човек ќе се исчисти себеси од сите емоции кои ги имал додека чекал.
Ми се случило чекањето само да ми го потенцира чувството на убеденост дека е тоа-ТОА, но ми се има случено и она другото, чекањето да ми стане неизвесност која ме дроби и ми носи неспокој. Затоа велам дека човек треба да го почувствува моментот за да е на чисто со себе (во умот и срцето) дали ќе чека или ќе продолжи, дали ќе остави да го чекаат или ќе го прифати ризикот да е оставен во минатото.
Секое избрзување, но и секое непотребно одолговлекување е меч со две острици. Впрочем, чекањето е убаво ако подразбира меѓусебно запознавање, намирисување, чекор по чекор градење на еден однос во кој и двајцата ќе бидат она што се, засебно но и заедно.
Дали недовршените средби и патиштата што не сме ги изоделе до крај, понекогаш носат подлабока вистина од оние што сме ги завршиле, затвориле, изоделе?
– Ако нешто ме вади од колосек и ме прави несигурна и полна страв, тоа се токму тие патишта, недовршени, насила прекинати или кои останале само една убава желба за патување. Имам една таква љубов која ќе ми остане секогаш пресна рана, лузна која зараснува, ама и која лесно повторно се отвора. Токму таква, завршена а без точка, ставен крај ама недефиниран. Има минато доволно години за да знам дека иако нема точка, сепак нема ниту запирка, ама чудна работа…секогаш ми го враќа назад истото чувство на загуба, како да било вчера. Затоа не сакам недовршени работи, работи кои во себе ја носат таа неизвесност која остава прашалници дали можело и поинаку.
Кога зборовите се претвораат во камчиња без ред, што го спасува мозаикот – простувањето, времето или способноста да се сака повторно?
– Или можеби сѐ заедно. Простувањето е лек, несомнено. Но, да не е само мисла или желба, да биде искрено оти инаку е самозалажување.
Порано чував гнев во себе, памтев, преживував и се јадев однатре. Сега сум ѓоамити помудра, па простувам. Не заборавам, ама не чувам бес. А не заборавам само за да се преиспитам и себеси зошто ме погодило нешто и како можам да се поштедам во иднина. Немам време, ниту сила имам за да се лутам бесконечно.
А научив и да си простувам сама на себе за сите работи кои сум си ги стокмила, мислејќи дека сум многу паметна или искусна. Потоа и времето е фактор, не за друго туку дека одраснуваме некои ситуации, луѓе и состојби.
А сакањето е нешто што секогаш е иљач. И кога велам сакање, не мислам само на одредена личност, ами на сакање воопшто. Себе, другите, животот кој е прекрасен со сите свои подеми и падови. Налет, каков и да е, наш е.
Ако зборот останува како сенка во срцето и по годините, дали тоа значи дека зборот е потраен од љубовта?
– Зборот е потсетник кој нѐ враќа на истото место кога сме го прочитале, вкусиле, напишале. Има љубови во кои не се потребни зборови, ама нема збор во кој љубовта е одвишок. Ден денес кога читам некои книги или песни, кога слушам некаква музика или гледам фотографии кои биле сведок на нешто што сум минала и што оставило трага на мене, го имам потполно истото чувство како кога ми се случило.
Љубовта ја носиме во нас, зборовите само знаат да го извадат тоа што сме го закопале, свесно или несвесно.
Ако срцето е кантар, како би се мерела тежината на зборот: според болката што ја носи или според љубовта што ја буди?
– Ах, зависи како е баждарен кантарот и со што сакаме да ни е полно срцето. Не бегам од болката, тврдам дека болката е потребна за да се совлада некоја лекција која не сме ја совладале, ама не мислам дека треба мазохистички да се прпелкаме во неа. Ништо не тежи повеќе од таа леснотија на љубењето и љубовта.
Она што болката знае да го искасапи на ситни парчиња, љубовта наоѓа волшебен начин да го зашие, залепи, излекува.
Како велат, дури и цвеќињата траат подолго ако им се зборува со љубов и топлина. Нам ни е потребна поголема топлина, повеќе љубов, поголемо разбирање. Болката е неодминлив дел од сечиј живот, ама дали ќе стане начин на живот, тоа е веќе избор. Бирам да научам преку болка, ама да живеам преку љубов.