Бидете внимателни кога купувате автомобил од овие земји – продавачите без усул прават измами

Европскиот пазар на половни автомобили, за кој се проценува дека вреди 635 милијарди евра во 2024 година, сè уште е погоден од измами и недостаток на транспарентност.
Според истражувањата, речиси пет проценти од автомобилите имаат лажна километража, додека 40 проценти претрпеле штета што често се крие од купувачите.
Според претходните проценки на Европскиот парламент, загубите поради манипулација со километражата изнесуваат околу 5,3 милијарди евра годишно, при што многу случаи остануваат неоткриени. Покрај финансиските последици, прикривањето на историјата на оштетувања на возилото претставува и сериозен ризик за безбедноста на купувачите.
Рокас Медонис, извршен директор на литванската компанија carVertical, истакнува дека борбата против измамите останува тешка поради недостатокот на размена на податоци меѓу земјите-членки и фрагментираните системи за регистрација. Иако ЕУ има напредни алатки, како што е системот EUCARIS, националните закони за приватност (GDPR) честопати спречуваат ефикасна размена на информации, што измамниците го користат во своја корист.
Земји како Германија, Белгија и Италија го ограничуваат споделувањето на податоци за историјата на возилата при извоз, ставајќи ги купувачите во други земји од ЕУ во поголем ризик. Спротивно на тоа, Шведска и Финска успешно ја избалансираа транспарентноста и приватноста, дозволувајќи пристап до податоците за возилата дури и откако ќе ја напуштат земјата.
Затоа, експертите ја повикуваат Европската Унија да ги хармонизира регулативите како што се GDPR и Законот за заштита на податоците за да се обезбеди единствена и транспарентна база на податоци за информации за половни автомобили. Таквиот пристап, верува Медонис, би ги заштитил потрошувачите, би ја зајакнал довербата и би создал пофер дигитална економија во Европа.
Што може да направат купувачите?
Стручњаците советуваат купувачите да не се потпираат само на цената или изгледот на возилото. Проверката на историјата на возилото преку специјализирани извештаи, потврдување на потеклото, како и детална механичка инспекција се клучни за да се избегне купување „мачка во вреќа“.
Како што вели Матас Бузелис од carVertical:
„Купувачите честопати ни не знаат дека нивното возило е увезено – и тоа овозможува сериозни проблеми да останат скриени“.