Реклама
MAMAИнтервјуКафе муабет

Балет по 40-та? Овие успешни мајки и жени ѝ кажаа „ДА“ на својата детска мечта со помош на Елизабет Колевска

Балетот не е само за малите и младите – Елизабет Колевска ги инспирира жените во позрели години да ја откријат својата грациозност, самодоверба и страст преку танцот.

Реклама

Елизабет Колевска е магистер по балетска педагогија – современ танц. Работи како педагог во ДМБУЦ Илија Николовски Луј, раководи со приватното балетско училиште “Арабеск”-Штип и е хонорарен професор по сценски движења на Универзитетот Еуропа Прима и ФМУ Скопје. Партиципира на конференции и симпозиуми во земјава и надвор, каде ги излага своите пишани трудови.

фото-Елизабет Колевска, приватна архива

Но, освен што е успешна во тоа што го прави, Елизабет им помага да си го реализираат сонот на бројни жени од различни професии. Всушност, им го исполни сонот од детството, да станат балерини, иако се во зрели години. 

фото-Елизабет Колевска, приватна архива

Така, Елизабет, во нејзината креативна „работилница“ создава идни балерини од малите членови на групите, но води и групи за рекреативен балет за возрасни.

Маркетинг

Танцот е слобода, но и дисциплина. Како Вие лично ја доживувате оваа уметност, особено од перспектива на жена?

– Можеби токму затоа и сум се пронашла во танцот како уметничка форма. Јас сум многу слободољубив човек, но во исто време сакам и дисциплина и ред. Сметам дека слободата е прекрасна за да ни даде простор за истражување и спознавање на самите себе, а принципите и дисциплината нѐ учат на постојаност, истрајност, борбеност. Спојката на овие две крајности ни отвара еден дијапазон на можности за професионални и лични надоградби.

Водите групи и за најмали, но имате и група составени од возрасни жени кои се посветиле на балетот. Како се менува телото на танчарите низ месеците, низ годините, и како танцот им помага на повозрасните жени да останат поврзани со нивната женственост?

– Балетската естетика се рефлектира врз ставот, манирите, движењето. Може да биде воочена и кај дечињата, но и кај возрасните. Многу често разговарајќи со родителите, тие споделуваат колку позитивни промени гледаат кај своите деца откако тие ќе започнат да се бават со танц.

Маркетинг

Кај возрасните и покрај рекреативниот приод, се подобрува нивното држење на телото, болките во грбот исчезнуваат, се чувствуваат поподвижни, полесни, а секако тоа влијае и на нивната самодоверба и чувство со себе.

Кога сме кај децата која е вистинска возраст да се почне со балет и како родителите да препознаат дали детето навистина има талент за балет?

– Јас сум на ставот дека уметноста и танцот треба да бидат присутни уште од најрана возраст. Сметам дека музиката и движењето влијаат многу позитивно на растот, развојот, перцепцијата, односно на целосниот психо-физички развоен процес. Токму затоа во Арабеск развивме програма наречена бејби балет, во која нашите најмали членови со возраст помеѓу година ипол и три години, вежбаат заедно со своите мајки.

фото-приватна архива

Секако дека овде не станува збор за директно навлегување во балетскиот вокабулар и пракса, туку за развивање на одреден опсег на движења, спознавање на нови простори, изнаоѓање на креативни решенија, запознавање со своето тело и неговите можности. Групната активност ги учи на развивање чувство за останатите, ги учи на трпение, ги подобрува концентрацијата и вниманието, учи да слушаат, да се адаптираат и да комуницираат на нови начини.

фото-приватна архива

Од аспкет на посериозен приод, децата со возраст околу 7-8 години, можат поадекватно да одговорат на задачите и предизвивите во танцот, а воедно и посвесно, со сопствена иницијација да покажат колкав е нивниот интерес кон него.

фото-приватна архива

Во однос на талентот, нештата се комбинирани. Талентот без желба, нема функција. Затоа детето пред сѐ навистина треба да покаже интерес за да може потенцијалот да дојде до израз. Некогаш потенцијалот се крие и во напорната работа. Родителите во консултација со стручни лица/педагози може да го следат овој процес и да видат каде истиот може да ги одведе.

фото-приватна архива

Танцот и балетот не се само физичка активност, туку и емоционална и психолошка терапија. Како влијаат на жените во менопауза, кога често се јавуваат промени на расположението и намалена самодоверба?

– Токму ова често пати го зборуваме со жените од групата за рекреативен балет за возрасни. Физичката активност е неминовна, но часот го доживуваме буквално како емоционална и психолошка терапевтска сесија.

Споделуваме за промените во телата со кои се сретнуваме, за емоциите од кои сакаме да се ослободиме. Часот го креираме на база на тоа чувство.

фото-приватна архива

Мислам дека успеавме да изградиме една безбедна и топла средина, во која не се плашиме да бидеме себеси. Танцот и движењето ни помагаат да се прифатиме, да се засакаме, да си покажеме колку сме си важни себе и едни на други.

Со кого е потешко да се работи, со децата или со повозрасните жени?

– Јас сум човек кој сака луѓе, така што уживам да работам и со возрасни и со деца. Сакам кога градам релации, да споделувам и да примам.

Во однос на тежината, кај децата одговорноста е поголема. Тие се како мали сунѓери кои примаат се што ќе им споделиш. Нивните наставници имаат огромен удел врз тоа како се градат понатаму како личности. Некогаш ми се случува да се видам и себеси преку нивните однесувања. Тоа е знак колку тие го пресликуваат светот околу нив и навистина треба да работиме на она што им го поднесуваме.

Како ги охрабрувате повозрасните жени да се препуштат на танцот без страв или срам? Со каква опрема доаѓаат на часовите?

– Танцот е невербална комуникација. А невербалната комуникација претставува 2/3 од целосната комуникација. Тоа го прави пријатна зона и за екстроверите, но и за оние поинтровертните. Тој е емоција. Експресија. Раскажување приказна.

фото-приватна архива

Како што веќе кажав и претходно, ние говориме преку своите тела. Стравот и срамот обично доаѓаат од несигурноста, осудата. А ние работиме токму на спротивното.

фото-приватна архива

За време на часовите жените доаѓаат во облека која е комотна за нив. Скоро сите имаат балетски патики, трико, па дури и здолниште (хитон) за вежбање. Многу е убаво кога визуелно ќе ја надополнат естетиката на балетот, тоа им помага да се почувствуваат поженствени и да се препуштат повеќе.

Кој е најубавиот комплимент што сте го добиле од жена која почнала да танцува во повозрасни години?

– Како што го читам прашањето, така ми одекнуваат зборовите на една драга наша „рекреативна балерина” која постојано ми вели дека односот, начинот и ставот ја поттикнуваат да застане и да вежба дури и во деновите кога вољата е некаде на ниско ниво.

Се радувам што успеваме да се покренеме, да имаме импакт едни врз други и да се задржиме со години во нашата мала танцувачка заедница.

Дали има некоја порака што би им ја упатиле на жените кои мислат дека е „предоцна“ да почнат да танцуваат?

– Никогаш, за ништо не е предоцна! Танцот може само да не вивне низ ритамот на животот!

Ќе завршам со еден цитат: „Одличните танчари не се одлични поради својата техника, туку поради својата страст.“ – Што за Вас значи овој цитат и како ја гледате страста за танцот кај жените кои ги водите?

– Марта Греам! (се смее, н.з). Се согласувам. Техниката е важна, но страста пленува. Страст за животот, страст за танцот. Сѐ додека делиме иста страст, ќе има за што да ви зборуваме и покажуваме.

Сите најнови вести поврзани со ѕвездите можете да ги следите на Гламур, убедливо најчитаниот портал за познатите во Македонија (види тука), како и на нашите страници на социјалните мрежи со вупно преку 1.000.000 фанови. Сите актуелни теми и случувања, најновите трачеви и најинтересните вести на едно место. Придружете се и на нашата официјална Фејсбук заедница ТУКА и бидете во тек со настаните, додека најинтересните текстови и интервјуа со познатите можете да ги следите и на Инстаграм ТУКА .

Поврзано

Back to top button