Атиџе на Сара Џесика Паркер и гледаше на кафе, но во Македонија беше заборавена и оставена сама
За Атиџе холивудскиот сјај траеше кратко, а потоа едно време беше заборавена, оставена сама со своите пчели ...

Медената хероина со години живееше сама со својата болна мајка во нивната трошна куќа во Бекирлија, а по големиот успех на документарецот нејзиниот животот потполно се промени. Но и покрај сите работи што и се случија, таа и денес преживува благодарение на своите пчели и нејзиното правило половина за нив, половина за мене, делејќи го со нив медот на половина…
Големиот успех на „Медена земја“ ги изненади сите, а главната хероина ја однесе и во Холивуд каде многумина беа воодушевени од неа.
Да, Атиџе Муратова како ѕвезда на „Медена земја“ беше жената која едноставно не можеше да остане незабележана на 92-то доделување на Оскарите во 2019 година, а како што пренесуваа тогаш и странските медиумите, по номинацијата на документарецот (потсетуваме, Медена земја е првиот документарец во историјата на Оскарите номиниран во две категории – Најдобар странски филм и Најдобар документарен филм), на големата свеченос во Лос Анџелес, сите сакаа да се сликаат со неа, па дури и најпознатите светски актерки.
Принтскрин/ Јутуб, 360 Степени
Тогаш дури и Сара Џесика Паркер била премногу возбудена што ја сретнала Атиџе откако го изгледала филмот, а како што изјави тогаш за медиумите продуцентот Атанас Георгиев, нашата медена хероина ѝ гледала на кафе на познатата холивудска актерка која се прослави со популарната серија „С*ксот и градот“.
И така Атиџе преку ноќ стана ѕвезда, луѓето едноставно ја обожаваа, за да веќе во следниот момент, да биде заборавена.
Фејсбук/ Сузана Турунџиева
Но за среќа, не од сите…
По сиот тој холивудски сјај, Атиџе се врати да живее осамено во селото Бекирлија, каде друштво и правеа само нејзините диви пчели. Таа преживуваше благодарение само на нивниот мед, кој со пчелите секогаш го делеше на половина, живеејќи во трошната куќа од филмот.
Нејзината мајка, Назифе Муратова, која исто така ја имаше во филмот, почина за време на снимањето, пред Атиџе да замине на Оскарите. Но таа како да претчувствуваше што ќе се случи, па за неа, „кралицата пчела“ во филмот, продуцентот во една пригода ќе изјави:
„Мислам дека ни направи некаква магија за да внимаваме на нејзината ќерка откако ќе почине“, изјави тогаш Георгиев.
И навистина, нејзината тешка судбина не беше заборавена од сите, па со помош на хумани луѓе таа доби куќа во село Дорфулија.
И благодарение на хуманоста на поединците, медената Атиџе доби и покуќнина и ја реновираше куќата во кој што живее.
Принтскрин/ Јутуб. ТВ 24
Таа потоа си го оствари и сонот, односно испеа и сними неколку песни, а во една пригода имаше и настап со Сузана Турунџиева.
И сето ова иако е далеку од она што му е потребно на еден човек за пристоен живот, сепак можеме да кажеме дека на нашата медена хероина животот потполно и се промени по снимањето на филмот.
„Половина за пчелите, половина за мене“
Таа во јануари го прослави својот 61 роденден, но овој пат во својата нова куќа во Дорфулија која е оддалечена 20-на километри од куќата во која се снимаше документарецот што го освои светот.
Принтскрин/ Јутуб
Таа и денес живее крпен живот, преживувајќи со медот што ќе го продаде од пчелите за кои и денес вели – додека ги има ќе го има и здравјето.
И како што вели таа понатаму, и денес се надева само во своите пчели, ниту во пензија, ниту пак во нешто друго.
„Нема ли пчели, нема ни здравје да има“, изјави во една пригода оваа извонредна жена која зборува четири јазици (турски, македонски, албански и влашки) и која го шармираше дури и Холивуд со својата појава.