Апасиев за Амар: Брилијантен студент со 9.8 просек што живее со самохрана мајка – тоа не е хендикеп, тоа е благослов

Лидерот на Левица, Димитар Апасиев му даде поддршка на младиот левичар Амар, кој и покрај одличниот успех на факултет и знаење на четири странски јазици, бил принуден поради сиромаштија да ги стави студиите во мирување и да работи разни работи – од бензиска пумпа до месара.
Апасиев посочи дека Амар, иако живее со самохрана мајка, успеал со свој труд и достоинство да се избори за своето место, а од наградата на Ораторската вечер си купил прв лаптоп во животот и машина за миење садови за мајка му.
„Имаш брилијантен млад човек кој не се продаде, кој не побара услуга од ВМРО-СДСМ шемата. Наместо тоа, одбра да се бори и да помогне да се изгради нова, неискварена партија. И токму тој човек некој го нарекува ’елитист’ и му вика дека тоа е негов хендикеп?!“, напиша Апасиев.
Со остра реакција, тој порача дека тоа не е хендикеп, туку благословот на левичарите, кои животот ги направил борци и лавови, а не „мази со ароганција“.
„Амар е симбол на својата генерација – искрен, трудољубив и достоинствен. И токму затоа, нормалниот, урбан свет ќе го поддржи. Со пенкало. За вјек и веков,“ завршува Апасиев.
Двајцата кандидати за градоначалници на Скопје, Амар Мециновиќ од Левица и Орце Ѓорѓиевски од ВМРО-ДПМНЕ, на дебата на Канал 5 телевизија, синоќа ги спротивставија своите ставови.
Ѓорѓиевски изјави дека поради слабата излезност на првиот круг од локалните избори не победил и оти верува дека во недела на 2 ноември, кога ќе се одржи, вториот круг од изборите граѓаните ќе излезат во поголем број и оти ќе победи.
Тој истакна дека досега немало разлика од 60.000 гласови меѓу противкандидатите на локални избори во Градот Скопје, како што е разликата помеѓу него и Амар Мециновиќ од Левица.
При претставувањето, Ѓорѓиевски истакна дека е политиколог и доаѓа од приватниот сектор, како и дека е горд што е член на ВМРО-ДПМНЕ. Мециновиќ, пак, кажа дека студирал на Политички студии но дека нема дипломирано, дека работел различни работи, меѓу другото, и како фриленсер и дека се гордее со тоа.
Мециновиќ пак, ја коментираше ниската излезност на гласачите во првиот круг од Локалните избори 2025, истакнувајќи дека таа произлегува од недовербата во политички промени.
-Излезноста почива на тоа што нашите граѓани не гледаат политички промени кога ќе дојде до трансфер на власт. Малата излезност е генерално продукт на тоа што нашите граѓани сметаат дека не можат да делуваат со своето гласачко право кое го имаат – не можат да ја сменат судбината – рече Мециновиќ.
Тој додаде дека народот не е деполитизиран, туку индиферентен, бидејќи не верува дека може да се дојде до вистинска промена. Според него, вториот круг од изборите отвора нова политичка реалност во Македонија.
-Сега имаме други околности, втор круг каде што има натпревар меѓу ВМРО-ДПМНЕ и Левица, и сметам дека со самото тоа што ги живееме првите денови од оваа нова политичка реалност во Македонија, многу граѓани ќе се охрабрат и допрва ќе излезат во вториот круг – изјави тој.



