ИнтервјуНега и здравје
COVER STORY

Анксиозноста е опомена, удира само кога се инаетиме со себе – поглед на животот низ очите на Мартин Јованоски

Од борбата со стравот до споделувањето на искуствата: Мартин Јованоски открива како успеал да се справи со паничните напади и да создаде простор за поддршка.

Advertisement

Мартин Јованоски, овластен сметководител и автор на книгата „Зошто јас? Мојата борба со стравовите и паничните напади“, се стекнал со искуства кои го обликувале неговиот пат и го мотивирале да ја сподели својата борба со анксиозноста.

Во интервјуто, тој искрено зборува за своето искуство со панични напади, моментите кога му беше потребен простор за себе и своето гледиште за тоа како општеството се справува со менталните здравствени проблеми.

Advertisement

Во светот кој полека се буди за потребата од разбирање и поддршка, Мартин ја отвора дискусијата за значењето на толеранцијата, прифаќањето и искрената комуникација.

Денес, кога менталното здравје сѐ почесто се спомнува, но ретко се разбира длабински – како гледаш на новиот тренд на „анти-анксиозен“ маркетинг и „брзи совети за смирување“ што го преплавија Интернетот?

– Многу искрено, на сите тие реклами, совети и суплементи гледам како можност за брза заработка и експресно брзо приоѓање до една огромна целна група која во очај без збор ќе пристапи до сѐ што ѝ се нуди. За жал!

Анксиозноста е многу реална и е епидемија од светски размери, последниве години и ние на Балканот во истото се уверивме. И да, некому нема да му се допаѓа кажаново, меѓутоа, апчиња за анксиозност и панични напади не постојат, апче за страв исто така не постои!

Advertisement

Јас добро знам дека ќе беше совршено да има некое апче од кутија, некое мало чудо на фармацевтската индустрија после кое сѐ ќе исчезне и ќе биде како порано, а анксиозноста ќе ја снема за навек, ама…такво нешто не постои.

Анксиозноста е многу комплексна. Треба да се демонтира, треба да се разбере, да се исчита. Секогаш има причина, секогаш има нешто што гуши, нешто што ВЕДНАШ треба да се промени. И за тоа апче не треба. Ниту некогаш требало.

Групата што ја водиш на Фејсбук станува сѐ поголема, што значи и повеќе приказни, повеќе болка, но и повеќе надеж. Кога луѓето бараат поддршка од тебе, кој е тој момент кога и ти си кажуваш: „Сега ми треба простор за мене“?

– Порано тој момент речиси и го немаше. Можев по цел ден да комуницирам, да пристапувам, да утешувам, да препраќам и да се дадам целосно без никаква последица на мене, на моето секојдневие, рутини и обврски. Или пак, на здравјето…најмалку на здравјето!

А многумина околу мене ме предупредуваа да внимавам, да не се прегорам. И не послушав нормално, и да, се истрошив, прегорев. Па ми требаше еден период да се вратам назад. И дури тогаш разбрав што сакаа да ми кажат, на што точно мислеа.

И си ветив дека оттогаш ќе подзастанам, ќе внимавам на себе. Едноставно е, ништо не можам да променам и никому не можам да помогнам ако се уништам попат. Многумина и ме осудија зошто ме снема. Ми замерија, ме нарекоа со доста тешки зборови. Ама не се лутам, никому не се лутам. Немав сила да објаснувам секому посебно. Ја научив и таа лекција.

Ако денес ја пишуваше книгата „Зошто јас?“ одново, што би додал, променил или продлабочил во неа?

– Најискрено, не би променил ништо. А многупати сум го размислувал баш ова.

Можеби би додал повеќе описи на некои места. Подетални, подлабоки описи за на читателот да му стане појасно какви слики сум имал пред очиве во тие претежно неубави мигови. Можеби малку во тој правец би чепнал, меѓутоа, во суштина 99% од „Зошто јас?” не би ја менувал.

Знаете, од старт се работеше за несовршености. За голи несовршености фрлени на хартија. Без тактизирање, без глумење и занесување!

фото-приватна архива

Маана, пад, плач, очај, болка, борба, борба, борба…. и сѐ ова истурено на 173 страници. Морав да ги убедам луѓето дека сите паѓаат и сите тонат, дека падовите се нормална работа, а стравовите се составен дел од секојдневието.

Дури потоа можев да зборувам за мојата најверна партнерка, за мојата анксиозност. Дури после знаев дека луѓето вистински ќе ме доживеат, ќе ми веруваат и на крајот ќе ја сфатат пораката.

Гледаме генерации млади кои уште во тинејџерски години се борат со анксиозност. Што мислиш, каде најмногу грешиме како општество во начинот на кој ги учиме децата да се справуваат со емоции?

– Уфф…ова е вистинското прашање!

Грешиме, многу грешиме…не сите, меѓутоа огромен дел од нас грешат, прават елементарни грешки со децата, грешки кои после чинат многу.

Да расчистиме, младите не знаат како треба, младите учат, младите влегуваат во светот неизгнасени и чисти, а ние сме тие што ги водиме. Значи, од нас гледаат и од нас учат!

Веќе подолго време креираме општество каде покажувањето емоција е еднакво на срам и слабост. Креиравме општество каде се глуми, се глуми секојдневно, 24 часа во денот. Го сведочиме најлошиот театар на светот каде нашите деца се приморани, во блиска иднина, да ни ги земат костумите и улогите.

Креиравме општество каде сите сакаат да поминат по полесниот пат, без нималку труд и работа. Снобовско дувло каде сите сакаат да бидат богати и плитки, пардон, сакаат да изгледаат богато на Инстаграм.

Креиравме општество каде сите патат од тоа како ќе изгледаат, каде вистинската љубов се крие, а поезијата стана неатрактивна, заостаната, смешна. Општество на жални осамени роботи кои се продадоа за смешни пари. Тоа е од западот дојдено претпоставувам.

И во такво сивило младите треба да чувствуваат. Да се смеат, да подаваат рака, да другаруваат…Тешко тоа…

Како овластен сметководител, работиш во средина која најчесто не се поврзува со емоции – дали твоето искуство со анксиозност влијаеше на начинот на кој комуницираш со колегите, клиентите, со светот на „строгата“ логика?

– Со добар дел од клиентите сме и пријатели. После години и години соработка и спонтано споделување на радостите, ама и на маките…со време некако се поврзуваш. Не пиеме кафиња заедно и не си одиме на гости, ама ете, си се чувствуваме блиски на еден посебен начин.

Гледам тој свет на бројки, закони, правила и добро кажавте “строги логики”, да го омекнам со полесна, поедноставна, пријателска комуникација. Анксиозноста во суштина помага во делот на проценката на луѓето, и тоа уште од оној првиот, основниот контакт, каде најчесто прашалниците се најголеми. Тоа и ми помогна во работата доста. Го нарекував шесто сетило, една од многуте награди кои ги добив од кога и подадов рака на својата анксиозност.

Кога ќе дојде тежок ден – ден кога анксиозноста пак чука на врата – што е првата мисла што си ја велиш сам на себе? Имаш ли некој личен ритуал?

– Да, имам! Порано одбивав да прифатам дека постојат такви денови, едноставно тешки и мачни за поднесување, денови во кои мислата те убива, а немирот ти го парализира телото. Одбивав да прифатам и се бунтував. Се тепав со себеси за да го запрам чувството што побрзо, што поефикасно. Уште истиот ден да запре, уште од утрото, да го победам, да го уништам. Па да бидам среќен и исполнет, како сите други таму надвор…Тврдоглав и упорен-со глава во ѕид!

Со време научив. Со време прифатив дека сѐ тоа е човечко, дека се’ тоа е нормално и едноставно треба да се прифати. И верувајте само тоа и си го велам. Си дозволувам да не бидам ОК, си дозволувам да ми сметаат луѓе, работа, социјални мрежи, навики, рутини, очекувања и разговори. Си дозволувам да лежам по цел ден, да не се смеам, да сум нервозен и да пијам сам кафе.

Сосема е ОК да не си ОК понекогаш!

Тоа е големата лекција!

фото-Маја Аргакијева

Што би сакал да постои во Македонија – институција, платформа, простор – што би можело реално да им помогне на луѓето со анксиозни растројства, а денес недостасува?

Во Македонија би сакал да постои толеранција, подадена рака и разбирање. Институции имаме, психијатри и психолози имаме, апчиња имаме, има сѐ на интернет. Ми фали разбирање и прифаќање. Да стишат осудите. Овој народ да престане со таа непотребна глума и меѓусебе да си се довери. За маките, за стравовите, за несовршеностите…за сѐ она што нѐ прави луѓе.

Дозволата да не бидеме ОК периодично и менталното созревање и хигиена, делуваат повеќе од 100 антидепресиви.

Анксиозноста е опомена! Потсетник! За нас работи, удира само кога се инаетиме со себе!
Зборувајте и дајте си дозвола да паднете. Да бидете несовршени и различни. Дозволете си да бидете покажани со прст! Лекува, моќно е, прекрасно е!

Сите најнови вести поврзани со ѕвездите можете да ги следите на Гламур, убедливо најчитаниот портал за познатите во Македонија (види тука), како и на нашите страници на социјалните мрежи со вупно преку 1.000.000 фанови. Сите актуелни теми и случувања, најновите трачеви и најинтересните вести на едно место. Придружете се и на нашата официјална Фејсбук заедница ТУКА и бидете во тек со настаните, додека најинтересните текстови и интервјуа со познатите можете да ги следите и на Инстаграм ТУКА .
Advertisement

Поврзано

New Ad
Back to top button