Ангажирана масовна актерска екипа, од Никола Ристановски до Тони Михајловски и Владо Јовановски – започнаа првите читачки проби за претставата „Варвари“ на Милчин
Главните ликови се припадници на различни социјални класи: интелектуалци, работници и обични луѓе, кои ги претставуваат различните ставови и конфликти на тогашното руско општество.
Денеска, на 3 февруари, започнаа првите читачки проби за претставата „Варвари“, дело на рускиот писател Максим Горки, а во режија на Владимир Милчин. Делото „Варвари“ е драма која се занимава со социјалните и моралните конфликти на почетокот на 20-тиот век во Русија. Претставата се одвива околу интелектуалецот, кој се соочува со растечките разлики меѓу старото и новото, традицијата и модерноста.
Главните ликови се припадници на различни социјални класи: интелектуалци, работници и обични луѓе, кои ги претставуваат различните ставови и конфликти на тогашното руско општество. Тие се поставени во ситуација на морална дилема, каде што мораат да се соочат со своите лични и социјални вредности.
Ова дело за првпат се поставува во Македонија.
Во претставата игра масовна актерска екипа од 23 актери: Тони Михајловски, Габриела Петрушевска, Никола Ристановски, Звездана Ангеловска, Софиа Насевска-Трифуновска, Владо Јовановски, Григор Јовановски, Ана Стојановска, Оливер Митковски, Тања Кочовска, Александар Микиќ, Верица Недеска, Сашко Коцев, Гораст Цветковски, Јордан Симонов, Сашка Димитровска, Емил Рубен, Александар Ѓорѓиески, Дамјан Цветановски, Ивица Димитријевиќ, Александар Михајловски, Jана Вељановска и Стефан Спасов. Од нив, повеќето се студенти на проф. Владимир Милчин, режисерот на претставата.
Владимир Милчин (1947) е режисер кој работи во МНТ од почетокот на неговата кариера –бил и драматург и режисер во Драмата при МНТ во периодот од 1970 до 1982 година, а „Варвари“ е негова 24-та режија во театарот.