Ана Винтур доби наследничка – која е Клое Мал, новата главна уредничка на Вог
Назначувањето на Клое Мал за наследничка на Ана Винтур е историски момент за Вог. Таа доаѓа со долгогодишно искуство во рамките на списанието и јасна визија како да го внесе брендот во нова ера.

По месеци шпекулации и предвидувања, модната индустрија конечно доби одговор на едно од најжешките прашања – кој ќе ја наследи Ана Винтур, легендарната главна уредничка на Вог (Vogue) која речиси четири децении го обликуваше изгледот на модниот новинарски свет.
Одговорот пристигна директно од самата Винтур: новата шефица на уредништвото на „Vogue US“ е Клое Мал, досегашна уредничка на Vogue.com и едно од најблиските имиња до самиот центар на брендот.
Која е наследничката на Ана Винтур?
Клое Мал не е непознато лице во светот на „Vogue“. Таа првпат се приклучи кон редакцијата во 2011 година како уредничка за социјални мрежи, а во следните години постепено ја градела својата позиција – од пишување лесни и забавни текстови за венчавки и забави, до интервјуа со светски ѕвезди како Џиџи Хадид и Грета Гервиг.
Инаку, 39-годишната Клое е ќерка на славната глумица Кендис Бергер.
Во 2022 година станува едно од гласовите на брендот преку подкастот „The Run-Through with Vogue“, кој го води заедно со Чиома Нади, уредничката на британскиот „Вог“.
Нејзиното унапредување значи дека таа ќе го води секојдневното работење на „Вог“ во печатено и дигитално издание, директно одговарајќи пред Ана Винтур. Иако нема да биде „главна уредничка“ во класичната смисла на зборот, Мал ќе има клучна улога во дефинирањето на иднината на американскиот Вог.
Ана Винтур останува, но во нова улога
Важно е да се потенцира дека Ана Винтур не си заминува целосно. Таа останува на позициите глобална уредничка и директорка на „Вог“ и глобална директорка за содржина на „Conde Nast“, со што ќе продолжи да го надгледува не само „Вог“ туку и други престижни изданија како „GQ“, „Architectural Digest“, „Vanity Fair“, „Bon Appétit“ и „Teen Vogue“.
Со оваа одлука, јасно е дека нејзиното влијание врз модната сцена останува силно, но со фокус на пошироката стратегија и глобалниот развој на медиумите на Conde Nast.

Процесот на избор – борба меѓу блиски луѓе
Новата функција долго време беше предмет на јавни шпекулации. Дури и на платформата Полимаркет (Polymarket) се појавија обложувања кој ќе ја наследи Винтур.
Меѓу потенцијалните кандидати се спомнуваа имиња како Ева Чен (директорка за модни партнерства на Инстаграм), Сара Мунвес (прва главна уредничка на списанието „W“ и поранешна вработена во „Вог“) и Никол Фелпс (која ги води Vogue Runway и Vogue Business). Сите кандидати, како и Мал, припаѓаат на најтесниот круг на соработници на Винтур, што само потврдува колку цврсто таа го држеше клучот за наследството.
Што значи ова за модната индустрија?
Назначувањето на Клое Мал испраќа силна порака дека Вог сака да продолжи со континуитетот, но и со внимателна адаптација кон дигиталната ера.
Мал е дел од „Вог“ повеќе од една деценија и добро го познава балансот меѓу традицијата и новите медиумски трендови. Во својата прва изјава таа вели дека е „возбудена и благодарна“ што има можност да го води списанието во време кога „модата и медиумите се развиваат со невидена брзина“.
Ана Винтур, пак, нагласува дека Клое многупати покажала способност да најде рамнотежа меѓу богатото наследство на „Вог“ и неговата иднина.
„Возбудена сум што ќе продолжам да работам со неа, не само како менторка, туку и како нејзина ученичка“, изјави Винтур, реченица што многумина ја читаат како симболична предавање на факелот, но и како знак на доверба во младата уредничка.
Овој потег е дел од пошироките трансформации во медиумската куќа Conde Nast. „Vanity Fair“ неодамна го назначи Марко Гуидучи за глобален уреднички директор, со цел да го освежи 100-годишното издание. Сите овие промени укажуваат дека компанијата се обидува да се прилагоди на новите навики на публиката и на дигиталниот пејзаж кој доминира во медиумите.