После три полни сали за стенд ап комедијата наречена „(Нат)просечен Македонец“ во салата „Јане Сандански“ во Скопје, Атанас најавува и четврта на 15 декември. Тие успеаја да испишат историја со три полни сали за една недела на стенд ап комедија, нешто што за првпат се случува во Македонија па и пошироко на Балканот. Атанасовски и Костадиновски се познати како дуото Тино и Атанас. Тие се дел од актерската екипа во Театар Комедија. Изминатиов период имаа и успешна турнеја низ Германија со стенд ап шоуто „Шпрехензи дојч“, која почна на 20 септември во Хамбург, а заврши на 13 октомври во Минхен.
„Желба ни беше како артисти кои што сакаат да се изразат да направиме во голема сала, а исто така и се поклопи идејата да се запознаеме со Ален кој е дел од Авалон продукција, и така кога се поклопи идејата на едно место почна да функционира затоа што и тој имал иста слична идеа. На право место ќе речам права работа, ете така ќе речам се случи „(Нат)просечен Македонец“ – вели во разговорот за Гламур актерот Атанас Атанасовски.
Како се случи стенд ап комедијата „(Нат)просечен Македонец“ и дали ви беше со цел да настапите во голема сала?
Како да кажам, се случи спонтано ама во прав момент, се случи прво една наша замисла моја и на Тино конечно да настапиме во голема сала, затоа што сите наши идоли и сите наши примери за стенд ап комедијата што ги гледаме работат во големи сали. И желба ни беше како артисти кои што сакаат да се изразат да направиме во голема сала, а исто така и се поклопи идејата да се запознаеме со Ален кој е дел од Авалон продукција, и така кога се поклопи идејата на едно место почна да функционира затоа што и тој имал иста слична идеа. На право место ќе речам права работа, ете така ќе речам се случи.
Колку време ја подготвувавте стенд ап комедијата?
Материјалот за „(Нат)просечен Македонец“ го подготвуваме еден месец, но го имавме во глава. Го тестиравме во Германија на турнејата кога бевме, зошто мораш да го тестираш, сепак стенд апот е малку осетлива работа и ако не го пробаш пред луѓе може и да не функционира. Едно е што имаш во глава а друго е кога треба да се интерпретира пред публика. И го тестиравме во Германија и таму ја избрусивме темата „(Нат)просечен Македонец“, залепивме и една стара тема на Тино што сосема одговара на „(Нат)просечен Македонец“ и се залепи целото и се појави еден тип на сценарио.
Испишавте историја со три полни сали Јане Сандански за една недела, какви ти се емоциите и впечатоците?
Искрено уште не ми се спласнати емоциите, не можам целосно да сфатам што се случува, зошто пробав овој период додека се подготвував да се исклучам малце од социјалните мрежи и си ставив на телефонот има една опција како лимит на апликациите и можев да ги користам само по 10 минути во денот и тоа што гледам уште не ми се спласнати емоциите, но вчера кога ставија некои слики од настапот сфатив дека е нешто убаво што се случило, не сакам да се израдувам и да речам- ејј како врвот до сега, зошто мислам дека ќе ми се уништи магијата, идеите понатаму што ги имам.
Како поминавте во Германија и турнеите што ги имавте?
Поминавме одлично организацијата на Легаси маркетинг на Филип Зиков и Сашо Зиков браќата Зикови всушност беше на ниво како да сме најголеми ѕвезди. Супер не истретираа, публиката беше навистина во голем број и имаше добра реакција, добар фидбек, македонска публика исто, истите луѓе сме но мислам дека е пожелна публиката за нешто македонско бидејќи немаат толку контакт често со нас, да доаѓаат и наши бендови, и други артисти, гледаат македонски шоуа но сепак тоа не е многу често. Така да кога дојдовме они беа пресреќни и ние убаво си поминавме.
Многумина не беа во Јане Сандански за да уживаат во Вашиот хумор на стенд апот „(Нат)просечен Македонец“па дали можеби ќе има уште еден во најава скоро?
Да на 15 декември ќе се случи четвртиот кој сака да дојде еве информација за сите заинтересирани. И луѓето од Авалон велат дека има голема посетеност на страната и дека од македонските артисти што продале највеќе карти сме ние.
Дали во иднина имате веќе во глава некоја со нова тема стенд ап комедија што би можеле да ја видиме?
Да секако бидејќи гледаме дека народот го сака тоа. И се надевам за некој месец и нова тема.