Ах, Скопје … ова нема да ти го заборавам – Калиопи со силна порака што ја стресе Македонија! (видео)

Поп-дивата Калиопи, позната по својот неодолив глас, енергија и искрена љубов кон публиката, во петок вечерта го одржа првиот од трите закажани акустични концерти во Филхармонија. Во претпразничен, топол и магичен амбиент, таа им приреди на присутните вечер исполнета со транс од емоции, спомени и музика што допира до сечија душа.
Публиката беше пријатно изненадена од необично уредената сцена, која симболично го претставуваше нејзин дом, раширен ќилим, трепкачки свеќи и камин што „гореше“ во чест на свежите скопски ноќи.
Впечатокот беше дека секој присутен навистина е гостин во нејзиниот топол, музички дом. Во текот на двочасовниот концерт, со поддршка од бендот, гудачки квартет и придружните вокали Маја и Јулија, се „режеа“ хитови од различни периоди, од „старите“, незаборавни песни, до нови материјали, брзи ритми и длабоки балади. Посебен момент беше музичкиот „времеплов“ посветен на хитови од Скопскиот фестивал од 70-тите години, песни што Калиопи ги слушала како млада и им се восхитувала.
Вистински бисер на вечерта беше и премиерната изведба на првата, досега неслушната верзија на песната „Казна“ на Ромео Грил, нумера што првично требало да ја претстави Македонија на Евровизија 2016 во Стокхолм, пред изборот да падне на „Дона“.
По концертот, исполнета со емоции, Калиопи им се обрати на своите сограѓани со трогателна порака.
-Ах, Скопје … Ми требаше време да се разбудам од синоќешниот сон …. Толку среќа и надеж на едно место … Ние … вие … СÈ! Ви се поклонувам, мили мои … Бескрајно благодарна што ве имам, што се имаме. Честитки до моите прекрасни луѓе кои ја живееја истата емоција заедно со мене, на сцена и зад сцена, пишува Калиопи на својот Фејсбук профил.
Петочната вечер беше само вовед во нејзиното предновогодишно музичко патешествие во Скопје. Следуваат уште два концерти, на 6 и 7 декември, во организација на „Прагма“.




