Совети за едноставна но гламурозна шминка соодветна за новогодишната забава ни дава познатиот make-up artist Виктор Мирчевски.
Следете ги неговите совети и бидете убави!
За да си поминеме убаво на некоја забава важно е да бидеме со нашите блиски, со луѓето кои ги сакаме, со семејството, пријателите, со сите оние со коишто ни е пријатно. Но, исто така многу е важно и да се чувствуваме убаво и да бидеме задоволни од себе си. Важни фактори што влијаат на расположението и самодовербата на секоја жена се облеката, а секако и шминката. Ако изгледаме убаво така и ќе се чувствуваме. Токму затоа денес ќе се задржиме на шминката. Како да ја избереме вистинската шминка за пригодата поразговаравме со нашиот познат мејк-ап артист Виктор Мирчевски кој со задоволство ја прифати нашата покана и сподели неколку интересни совети за шминкање, а посебно за изборот на новогодишната шминка за нашите читателки.
Кои се најпопуларните трендови на шминка за оваа сезона? Дали зачадените очи се сеуште „ин“ или полека излегуваат од мода?
Техниката на сенчење во различен и нерамномерен интензитет или како што популарно се нарекува „зачаден изглед“ е во тренд, но во една поинаква форма. За оваа сезона сенчењето нека биде поинтензивно на внатрешните агли на очите и кон веѓите. Ова особено ќе им стои на девојките со нешто поголемо растојание меѓу очите. Лесно е да проверите. Растојанието меѓу очите треба да е еднакво на должината на едно око.
За да изгледаме убаво обично се доволни пудра, маскара и убав кармин. Какви бои на кармини се во тренд оваа сезона?
Вистински темни и длабоки нијанси. Боја на модра слива, темни тонови на шумско овошје, боја на вино со виолетов тон, бордо, темна слива… Колку потемно, толку поинтересно. Другата варијанта е да носите сјај за усни (обоен или проѕирен). Сјајот е повторно ин.
Фото: Андреј Аговски | Модел: Ана Ежова | Коса: Studio Allure | Облека: Ирина Тошева
Кога ќе видиме жена или девојка која е премногу нашминкана не можеме а да не се запрашаме како ли изгледа без шминка!? Колку шминка и е всушност потребна на една жена?
Доколку ги оставиме настрана професиите што се одвиваат пред камера, приватно шминката не е неопходност, а станува потреба само во случаи кога станува збор за посериозни естетски камуфлажи. Преголема количина најчесто преминува во кич, но тоа е сепак прашање на вкус. Јас го дефинирам шминкањето како задоволство што претставува ритуал за славење на убавината. Сепак, нема ништо лошо во изборот да не се носи шминка, или пак да се ужива во полн несесер со декоративна козметика и да се експериментира.
Ваша препорака за дневна шминка? Што е задолжително, а што може да се изостави?
Би рекол малку коректор, маскара, руменило и нешто на усните. Свежиот изглед секогаш буди пријатни чувства. Сепак е прашање на личен избор и стил. Се восхитувам кога ќе видам дами кои додека чекаат да се запали зеленото светло на семафорот во два потези нанесуваат совршена линија со молив за очи. Интересно е од време на време да се проба нешто ново и да се избегнат вообичаените рутини.
Дали нашите девојки и жени имаат навика често да ги бараат Вашите професионални услуги, или професионалната шминка е резервирана само за денот на свадбата?
Периодов бев концентриран на поинакви проекти како модни едиторијали, кампањи и видеа. Ова креативно многу ме исполнува. Точно е дека венчавките кај нас се поводи за коишто често се бара професионална услуга, но има и поинакви поводи. Чест ми е кога ми била подарена довербата на денот на венчавката. А, станувам близок со моите редовни клиенти со кои сме се подготвувале за најразлични поводи и секогаш имаме нов изглед што сакаме да го пробаме.
Сјајно или мат? Вештачки трепки можеби? Каква шминка да избереме за новогодишната забава?
Има најразлични невообичаени тенденции и трендови: графички очи, сјај на капаците и тенот, мали украси како монистра или малку светки на долниот капак, јаки веѓи … Лично би советувал да се одморите од вештачките трепки, или користете ги на начин кој ќе направи да изгледаат помеко и природно. Или пак експериментирајте. Сте размислиле ли да ги залепите на долниот капак? Доколку не сте ексцентрични, а сакате поинтензивен изглед, како мој предлог погледнете најновото видео што го снимив со Еликсир за Lancôme.
{youtube}NcxYQW3gjSE{/youtube}
Како шминката да остане во текот на целата вечер?
Трајноста зависи од неколку фактори. Квалитетната козметика секогаш е попигментирана и трае подолго. Дополнително соодветниот извор за типот на кожа е многу важен. Секако дека ако имате масна кожа ќе биде потребно фиксирање со пудра во прав. Професионалните фиксатори за шминка не се за секојдневна употреба, па ако сакате вистинска долготрајност подобро изберете професионална услуга. Најнакрај, доколку е неопходно напудрете се дополнително, обновете го карминот или направете ситни корекции во текот на вечерта.
Твој совет за неопходната нега на лице по долгата забава? Кои средства за отсранување на шминката се најдобри според тебе?
Привично, колку и да сте уморни, отстранете ја шминката. Млекото за отстранување шминка е навистина неопходност. Не е доволно механичкото отстранување како во случајот на користење на различни „магични“ ракавици и други производи од микрофибер. Доколку користите водоотпорна козметика потребен е и соодветен продукт или наједноставно: кокосово масло.
Каде планираш да ја дочекаш оваа нова година?
Одам за Барселона и очекувам дека овој град одново ќе ме инспирира. Вообичаено ги користам зимските празници за патувања.
Еднаш месечно објавувате видео за шминка, но дали сте отворени за дополнителни совети? Како можат нашите читатели да ве контактираат?
Се изненадив од ефектот на видеата и колку интерес има. Со задоволство одговарам на секое дополнително прашање. Активен сум на социјалните мрежи, особено на мојот Facebook профил [кликнете тука за профилот на Виктор].