В недела осмомартовско „Женско рели 2025“ – натпревар на вештини, брзина и еднаквост
Автомобилистичката федерација на Македонија (АФМ) организира Женско рели низ улиците на Скопје во недела.

Организацијата на #женскорели2025 се одвива според планираното, со забележителен раст на интересот за учество. Досега се пријавени над 80 учеснички од сите возрасти, а бројката се очекува дополнително да се зголеми до денот на одржување.
За учество, секоја натпреварувачка мора да поседува возачка дозвола и сопствено возило, а во тимот е задолжително присуство на совозач.
Автомобилистичката федерација на Македонија (АФМ) го организира ова рели во недела низ улиците на Скопје, а ова е веќе шести пат како ваквиот настан се одржува. Релито е составено од два дела: градско возење по однапред зададена рута (која се соопштува непосредно пред стартот) и брзински испит – т.н. гимкана.
„Преку натпревар во вештини и брзина, сакаме да ги поттикнеме сите девојки и жени активно да се вклучат во овој убав спорт. Автомобилизмот не е само забава, туку и можност за развој, промоција на вредности и култура на однесување во сообраќајот. Ова е важно за сите нас, бидејќи како жени ќе испратиме силна порака на еднаквост, позитивен дух, внимание и почит – како кон нашите натпреварувачки, така и кон сите со кои секојдневно ги делиме улиците на градот“, изјави Кристина Станојковска, потпретседателка на АФМ.
Релито е поддржано од повеќе домашни и меѓународни партнери. Автомобилистичката федерација на Македонија, како членка на ФИА, планира организација на уште повеќе вакви настани и натпревари во наредните години, со цел да се подигне не само видливоста, туку и привлечноста на мотоспортот во Македонија.