Андријана Јаневска е една од најдобрите и најпознати македонски пејачки, со вокал кој ја милува душата, скромна и ненаметлива таа успешно ја изгради својата кариера без многу помпа и по тоа се издвои од нејзините колешки. Успешна не само на естрадата туку и во образованието каде што постигнува многу успеси, а моментално е доктор на науки на Факултетот за музичка уметност во Скопје. „Работата како наставник многу ме исполнува, бидејќи отсекогаш сум имала желба да работам со деца и млади. На Факултетот за музичка уметност има многу талентирани студенти кои после годинешниот концерт на 6 декември докажаа дека веќе се професионалци! Работата во операта беше нешто сосема друго, запловував во изведувачките води, но истовремено се обидував да ги слушнам „одвнатре“ делата кои ги свиревме. Но, и работата како истражувач ме исполнува, навистина уживав додека со мојата професорка Родна Величковска работевме на докторатот“- вели за Гламур Андријана Јаневска. Целото интервју со неа прочитајте го во продолжение…
Приватна архива
Кога почнав да го читам Вашето портфолио можев да забележам дека Андријана е навистина многу успешна во сето она што со години наназад го работи а и многу богато портфолио имате. Вашата музичка наобразба започнува уште на 6 години, може ли накратко да ни го раскажете Вашиот почеток и од каде желбата и талентот за музика?
Кога имав 5 години, моите родители ми купија мало детско пијано од скопскиот саем. Пијаното беше повеќе како играчка, но јас буквално секој ден свирев на него и истражував. Пробував да ги отсвирам мелодиите на песничките кои ги знаев тогаш. Така моите родители забележаа дека имам интерес и желба, па ме однесоа во нижото музичко училиште „Илија Николовски Луј“ и оставија на професорите да проценат дали имам талент. Таму ми рекоа дека јас сум родена за виолина и така започна мојот заеднички живот со музиката со која до ден денес сме неразделни.
Приватна архива
Првата композиција ја имате напишано на 11 години, како се случи тоа едно 11 годишно девојче да создаде композиција?
Тоа е порив кој го носев во себе. Освен што пишував мелодии, пишував и текстови и пробував да ги склопам во песна. Тогаш за првпат се запознав со хармонијата како поим, ме интересираше како може да звучи истата мелодија со различни акорди.
Освен што сте прекрасен вокал вие исто така свирите и виолина пијано, гитара и бас гитара, од каде желбата да музицирате на толку инструменти и кој се Ви беше ментор?
Виолината е мој прв инструмент, завршив нижо и средно музичко училиште на отсек виолина кај проф. Иле Темков, а потоа дипломирав виолина на ФМУ во класата на проф. Љубиша Кировски. Пијано научив да свирам во средното музичко училиште и сè уште вежбам за да се одржам во форма, додека бас гитара научив со помош на мојот сопруг Гино кој е рок гитарист.
Приватна архива
Дебитиравте на Скопје Фест 1998. Повторно настапувате на Скопскиот фестивал 2000 година каде го лансирате мега хитот „Твоето писмо, моја Библија“. Се сеќавате ли на настапот и дали очекувавте оваа песна да стане толкав хит?
Се сеќавам многу добро, бидејќи навистина посветено се подготвував за настапот, од самиот иглеед, па сè до сценските движења. Бев многу изненадена кога песната стана хит, веднаш после фестивалот. Буквално утредента се пушташе на сите радио станици.
Приватна архива
Професор сте на Факултетот за музичка уметност во Скопје. Редовно вработена сте во Македонската опера и балет, како прва виолина. Колку Ве исполнува работата како професор а од неодамна и доктор на науки?
Работата како наставник многу ме исполнува, бидејќи отсекгаш сум имала желба да работам со деца и млади. На Факултетот за музичка уметност има многу талентирани студенти кои после годинешниот концерт на 6 декември докажаа дека веќе се професионалци! Работата во операта беше нешто сосема друго, запловував во изведувачките води, но истовремено се обидував да ги слушнам „одвнатре“ делата кои ги свиревме. Но, и работата како истражувач ме исполнува, навистина уживав додека со мојата професорка Родна Величковска работевме на докторатот.
Ако треба да бирате само работа во опера или на факултет, што би одбрале?
Уште минатата година го одбрав факултетот, иако и работата во опера многу ме исполнуваше. Сепак, како педагог повеќе се пронаоѓам.
Неколку години сте главен музички ментор на македонските претставници на детскиот Евросонг, како е да се биде главен ментор и колку тоа Ве исполнува, што всушност подразбира оваа функција?
Неколку години имав прилика да соработувам со многу млади изведувачи кои нè претставуваа на детскиот Евросонг. Со оглед на тоа што децата треба да бидат максимално подготвени за еден таков грандиозен настап, секојдневно вежбавме и се подготвувавме. Мојата задача беше вокално да ги подготвам, да се извежба секој детаљ од песната, земање воздух, фразирање, интонација, дикција, артикулација итн.
Сте биле и придружен вокал на многу уметници, меѓу кои и на Влатко Стефановски, Џибони и Бајага.
Имате напишано многу композиции и аранжмани за биг-бенд во доменот на популарната музика, а се јавувате и како текстописец на многу популарни песни. Како успевате сето ова да го постигнете без многу помпа за разлика од други Ваши колеги, толку скромно од Ваша страна ненаметливо а толку богата биографија? Дали скромноста е Ваша доблест?
Скромноста подразбира умереност, самоконтрола и пристојност, природност и едноставност во однос на исполнувањето на сопствените желби и стремежи. Скромноста и ослободувањето од егото се во основата и на сите најголеми светски религии и верски учења. Се обидувам да се соочам со своите слабости, но и да развијам чувство за емоциите на другите луѓе.
Во 2020 година ја снимавте композицијата Together is beautiful на композиторот George Fenton како единствен виолинист од Македонија во светскиот оркестар The Earth Orchestra. Беше снимен и документарен филм во кој бевте интервјуирана, а кој се прикажа на познатата телевизија BBC Earth. Истата година ја сними композицијата One Human како единствен интерпретатор. Како дојде до овие соработки и до нивна реализација?
Ми пристигна мејл со понуда за соработка која без размислување ја прифатив. Речиси никогаш не сум одбила никаква работа или проект, затоа што не е сè во парите, никогаш не знаете што тој проект ќе ви донесе понатаму. Некогаш познанствата се многу поважни.
Добивте неодамна и Прво место за најдобра пејачка во светот? Што значи оваа награда за Вас?
Да бидам искрена, не очекував дека таа вест толку бргу ќе се прошири. Вообичаено новитетите околу мојата кариера ги споделувам на мојот ФБ профил, па оттаму порталите го презедоа постот кој стана вирален. Инаку, тоа беше светски натпревар помеѓу изведувачи од многу земји. За да се пријавам таму добив покана, а за финалистите одлучуваше жири. Потоа, десетте финалисти меѓусебно гласавме, па ми беше чест што токму колегите и конкурентите ме изгласаа.
Нешто ново е што потпишавте договор со светската филмска и забавна компанија „Ворнер брос, Малку да ни кажете за ова повеќе?
Некаде во април 2022 година добив мејл од соработникот на композиторот Wilbert Roget II, со понуда за соработка. Најнапред требаше да отпеам една композиција од околу 3 минути, на измислен јазик. Ми беше кажано дека е за видео игра, но не за која. Откако прифатив, композиторот ми испрати демо снимка, од прилика како би сакал да звучи финалиот производ. Вокалите ги снимив во моето студио Гиновски, каде професионално работиме со сопругот Гино веќе 15 години. Откако им ја испратив снимката беа воодушевени, немаше никакви технички ниту уметнички замерки. Ме прашаа дали би била слободна да отпеам уште неколку песни кои би биле дел од официјалниот саундтрак на играта, а јас се согласив. Во следниот период ги снимив и останатите композиции за кои исто така не најдоа замерка. Ми платија за работата и ми пишаа дека ќе ме известат кога играта ќе излезе официјално. Дури после една и пол година ми стигна мејл дека станува збор за видео играта Мортал Комбат 1 и дека пред да излезе официјално, мора да потпишеме договор со Warner Bros Games.
Минатата година настапивте на Макфест, ако споредите некогаш и сега Макфест што недостасува?
Можеби недостасува големиот ревиски оркестар, но дури и без него, од Макфест произлегле огромен број хитови кои до ден денес ги пееме.
Какво е Вашето мислење за македонската музичка сцена, што недостига кај нас?
Имаме многу квалитетни музичари, автори и вокали, но недостасува медиумската поддршка, односно музички емисии, проекти, топ листи итн. Погледнете ги телевизиските програми во соседството и сè ќе ви стане јасно.
Како би се опишале себеси со неколку збора?
Оптимистка и авантуристка.
Скоро 15 години сте во брак со Драган, како се запознавте и со што Ве освои, што е потребно за успешен брак?
Да, 15 години (од 2009та). Се запознавме во бифето на Македонската опера и балет, а ме освои со неговата смисла за хумор, интелект и продуховеност. За успешен брак неопходна е почитта и сознанието дека секоја личност е различна, со различни ставови, погледи и потреби. Кога тоа ќе се сфати, кога наместо љубомора ќе постои поддршка, нема нешто што нема да можете да го постигнете.
Мајка сте на два сина Димитар и Кристијан, каква мајка е Андријана и дали Вашите синови имаат талент за музика?
Ги учам да бидат љубезни, трпеливи, учтиви и да помагаат секому кому му треба помош. Ги учам да ја сакаат природата и животните, да не ја загадуваат околината, да кажат добар ден на постари, да се однесуваат простојно. Ги учам дека вистинската среќа не доаѓа од материјалните работи со кои располагаме, па така, кога ќе пораснат треба да бидат способни да ја распознаат вистинската вредност на нештата, а не нивната цена. Инаку, Димитар свири пијано кај проф. Бобан Мирковски, додека Кристијан свири виолина кај проф. Петар Поповски.
Љубител сте на шахот од каде љубовта?
Како мала играв шах со дедо ми, но за жал во тоа време не постоеја шаховски школи, па дури на 25 години почнав професионално да тренирам кај ИМ Орце Данчевски во шаховскиот клуб Гамбит. Играв на официјални натпревари и навистина посветено вежбав секој ден по неколку часа, но откако го родив првото дете, целосно се посветив на мајчинството.
Што друго прави Андријана во слободно време кога не е тоа врзано за музиката?
Сакам природа и првиот слободен момент го користам за шетање во парк, на Водно, покрај Вардар или во блиската околина, низ Бардовци. Секако, никогаш не сум сама, туку шетам со моите деца, па освен што се рекреираме, имаме време и да си поразговараме на разни теми. Имам многу цвеќиња за кои секојдневно се грижам и не ми претставува никаква тешкотија. Во летниот период на настапите одам со мојот мотор, па така ги спојувам работата и задоволството. Сега пред Нова година секој ден изработувам украси од хартија, тоа ме релаксира и уживам во декорирањето. Сакам и да читам, а со сопругот имаме домашна библиотека со над 1000 книги. Секогаш сакам да учам нешто ново, па веќе две години интензивно го изучувам италијанскиот јазик. Навечер пред спиење сакам да гледам филм или некоја серија.
Кој е Вашиот дневен ритуал?
Секој ден ден ставувам во 7 часот и пијам кафе, пред официјално да почнам со обврските. Задолжително појадувам и потоа денот може да почне. Секој ден ручаме фамилијарно, во 14 часот и тоа е време кога сме сите заедно. Така растев јас и сакам истото да го практикуваме во моето семејство. Инаку, си легнувам околу 23 часот, па имам доволно време да се наспијам. Секако, понекогаш сакам да излезам на пијачка со пријателите, тоа е вообичаено после некој настап.
Се ближи новата година, Што прво Ви паѓа на ум кога ќе се спомене Нова година и каде ќе ја пречекате најлудата ноќ?
За дочекот на 2025 година ќе пеам во Битола, а потоа фамилијарно одиме на зимување во Маврово каде секоја зима се дружиме со нашите пријатели и нивните деца. За мене секој дел од годината има своја убавина, па така и Новата година која носи мир и спокој со најблиските, кога конечно малку ќе здивнеме од обврски и ќе уживаме во домашна празнична атмосфера.