На Велика Сабота во текот на денот се прават последните подготовки за празникот.
Во светата и Велика Сабота го празнува боготелесното погребение и слегувањето во адот на Господа Бога и Спасителот Исуса Христа, преку Кого нашиот род беше призван и пријде во вечен живот.
Сите дни ги надминува Светата Четириесетница, од целата света Четириесетница, најголема е Страстната и Велика седмица, а од Страстната седмица најголема е Великата и Света Сабота. Не се нарекува велика седмица затоа што тие денови се поголеми или часовите подолги, туку заради великите и надприродни чудеса и дела на коишто нашиот Спасител ги изврши во неа, а најмногу во Великата Сабота.
Како што во првото создавање на светот, откако го изврши секое дело, а најглавното последно – во шестиот ден го создаде човекот, во седмиот ден Он одмори од сите Свои дела и тој ден го освети нарекувајќи го сабота, што се толкува како „одмор“.
Така и сега, откако изврши сè извонредно, а во шестиот ден го пресоздаде изветвениот човек и го обнови со живоносниот Крст и со смртта, во следниот седми ден се упокои од извршените дела, заспивајќи со животворен и спасителен сон. Словото Божјо слегува со телото во гроб, слегува и во адот со Својата нетлена и Божествена душа, разделувајќи се во смртта од телото коешто го предаде во рацете на Отецот, Кому му ја принесе и Својата Крв, што стана избавување за нас.
Во адот, Господовата душа не беше задржана како другите свети души, бидејќи Тој не подлежеше на прародителската клетва како тие. Се всели во гроб, нашиот Господ Исус Христос телесно и со Божеството. Беше со разбојникот во рајот и во адот беше со Својата обожена душа. Натприродно и со Отецот и Духот седеше, како Бог неопислив секаде беше истовремено. Божеството не пострада во гробот, како што не пострада ниту на Крстот.
И тление, односно разделување на душата од телото, претрпе Телото Господово, но распаѓање на телото – не. Јосиф, пак, откако го зема светото Тело Господово, во погреба во нов гроб близу Јерусалим, во градина, и на влезот стави голем камен. Јудејците, пак, по петокот, пристапија при Пилата и му рекоа: „Господине, помниме дека оној измамник рече, додека беше жив, дека по три дни ќе воскресне, затоа сметаме дека е добро твојата власт да им заповеда на војниците да го запечатат гробот.“ Кога рече Христос „ќе воскреснам“? Можно е ова Јудејците да го заклучија од историјата за Јона.
Пилат им одговори: „Ако бил измамник, зошто се грижите за Неговите зборови? Тогаш значи е умрен.“ Безумните велеа: „Ако го осигураш гробот, нема да го украдат.“ Пилат им заповеда сами со војниците да одат и да го запечатат гробот со свој печат, а не со туѓи стражари и туѓ печат, за да не излаже некој за Воскресението Господово. Адот, пак, е избезумен бидејќи чувствува голема сила: заради неправедното примање на Христа, тврдиот и аголен камен, ги изблу и сите мртви кои од памтивек ги држеше во својата утроба и ги имаше за храна.