Реклама
Хороскоп

Модерни вештерки и гатачки ги демнат Македонците на Фејсбук

Реклама

Новите урбани вештерки, гледарици и гатачки и гатачи се мошне моќни и на социјалните мрежи

Фото: Илустрација

Тие ветуваат дека ќе ви ги решат комплицираните љубовни проблеми, но и дека за одредена сума можат да ви ги вратат поранешните сопружници.

Па доколку сте несреќно вљубени, оставени или очајни отворете очи и никако не наседнувајте на нивните понуди. Ваквите вештерки и бели магови ги преплавија социјалните мрежи и своите услуги дебело ги наплаќаат.

Маркетинг

Па така на Фејсбук постојат многу страни на кои се нудат вакви услуги, а како што тврдат, ја тргаат и црната магија, бајат од уроци и го враќаат саканиот сигурно и засекогаш.

Покрај ова тие нудат и услуги да ја исчистат куќата од зло и нечисти сили, а наводно можат да ја тргнат црната магија и преку ваши фотографии. Но и покрај тоа што е страшно што тие се богатат на туѓата несреќа, очигледно дека Балканот е плодно тло за вакви „арамии“.

Маркетинг

Постојат и гатачки и бели вештерки кои наплаќаат и по неколку илјади евра за своите услуги, а интересно е и тоа што кај нас, и највлијателните луѓе во бизнисот, па и политичарите користат услуги од нив. Сетете се само на примерот со Никола Груевски и „гатачката“ што во неговиот кабинет го советуваше што треба да прави додека беше премиер.

Фото: Илустрација

Што вели црквата за бајачите и гатачите

Барањето на магиско инстант решение за проблемите кои во животот нè оптеретуваат, не е во согласност со православното предание. Сите проблеми кои во животот ни се даваат, се своевиден благословен од Бога, крст преку којшто се спасуваме. Како што вели преподобниот Серафим Роуз: „Животот сите ги распнува на крст, наше е дали ќе бидеме како благоразумниот разбојник на крстот, или како оној неразумниот“.

Желбата проблемите да сè надминат на брз магиски начин е неблагословена, пишува списанието „Огледало“.

Наместо тоа потребно е да го согледаме целиот наш живот, да ги видиме причините за нашите болести и страдања, честопати, иако не секогаш, кога ќе се отстранат причините престанува и страдањето. Црквата Христова ги има сите спасителни Свети Тајни, и средства кој ни се потребни не само за спасение, туку и средства којшто даваат одговор на сите поставени прашања. Затоа кога човекот спасението од своите душевни и телесни страдања, го бара надвор од Црквата, кај бајачите и гатачите, тој ја негира Црквата, односно испраќа порака дека за проблемите во неговиот живот Црквата, православното учење и предание немаат соодветен одговор.

Но кои се всушност бајачите и гатачите

Голем дел од бајачите се измамници. Еден дел од нив, се случува навистина да им „помогнат“ на луѓето. Тоа се случува поради тоа што тие ја користат демонската енергија, а демоните со оглед на тоа што се паднати ангели и со оглед на тоа што се духовни битија, се многу интелигентни, па се случува да ги предвидат работите, или болеста којашто тие ја предизвикале во човекот преку нивното присуство во него ја повлекуваат. Но тоа го прават не поради добрина, туку да го заблудат човекот и да го оддалечат од Бога. Во една прилика кога старецот Пајсиј го запрашале дали маѓепсник може да излекува човек тој одговорил:

„Некој којшто е потресуван од демонот, може да го направи да се чувствува добро, со тоа што демонот ќе го испрати кај друг. Затоа што маѓепсникот и ѓаволот се колеги, та му вели на ѓаволот: „Излези од овој, и оди кај оној“. Го вади демонот од него, и го праќа кај некој роднина или познат којшто му има дадено право на ѓаволот. Всушност, тој што имал демон вели: „Јас страдав, но тој ми направи Да бидам добро“ и, така маѓепсникот станува популарен.

Но она што е најлошо е големата штета којашто ја претрпуваат оние коишто ги посетуваат.

Имено откако човекот ќе им поверува на бајачите, и откако на магиски начин привидно и привремено ќе си реши некој негов животен проблем, тој тогаш сериозно се оддалечува од Бога и постанува роб на ѓаволот. „Лекувањето“ на една болест ќе го плати со друга болест. Најчесто голем дел од оние што оделе по бајачи имаат силен неспокој, силен немир, а завршуваат и со душевни болести и самоубиства, по подолг период од посетувањето на бајачите и гатачите.

Со таквиот чин човекот што ги посетува гатачите се оддалечува и од Црквата и од причестувањето со светите Христови Тајни, за што јасно и недвосмислено сведочат светите канони. Светиот Василиј Велики баењето и одењето по бајачи го споредува со убиството и предлага слични епитимии.

Фото: Принтскрин/ Јутјуб

Значи луѓето што одат по гатачи не треба да се причестуваат додека не се покајат.

Токму затоа сите кои оделе по маѓепсници, најнапред треба да се исповедаат и да се покајат за тоа, а потоа да почнат да живеат духовен-црковен и литургиски живот. Само така ќе најдат спокој и мир за душите.

Проблемите пак и болестите треба да ги лекуваме лечејќи ги гревовите и страстите кои довеле до нив. Бидејќи гревовите доведуваат до болести. Оние болести кои нема да се исцелат и покрај надминување на гревот кој довел до нив, да ги прифатиме со благодарност кон Бога, како дар од Него, преку кој дар на таинствен начин ги спасува нашите души.

Извор: Бигорски.орг.мк, Огледало.мк, Курир.рс

Сите најнови вести поврзани со ѕвездите можете да ги следите на Гламур, убедливо најчитаниот портал за познатите во Македонија (види тука), како и на нашите страници на социјалните мрежи со вупно преку 1.000.000 фанови. Сите актуелни теми и случувања, најновите трачеви и најинтересните вести на едно место. Придружете се и на нашата официјална Фејсбук заедница ТУКА и бидете во тек со настаните, додека најинтересните текстови и интервјуа со познатите можете да ги следите и на Инстаграм ТУКА .

Поврзано

Back to top button