Денеска од 18 часот, во Младински културен центар (МКЦ) по осми пат ќе се одржи манифестацијата Роденден на уметноста.
За светски роденден на уметноста, 17 јануари е прогласен во 1963 година од францускиот уметник Робер Фију, припадник на групата „Флуксус“.
Во Детскиот креативен центар ќе се отвори изложбата на фигури од пластелин, изработени од деветгодишниот Максим Цветановски, а ќе има и работилница за деца со Доротеј Нешовски.
Во Џебното кино ќе има бесплатна Љубовна филмска ревија со ремек-дела на светската кинематографија, а од 20 часот ќе се отворат изложбите од Музејот на раскинати врски, кој по 11 години повторно доаѓа пред македонската публика, и на Сашо Димоски.
Во 20.30 часот во кино Фросина промоција на книга има Љупчо Јолевски, еден од најистакнатите македонски новинари. Во неговата книга „Радио“, на повеќе од 700 страници, тој вклучи интервјуа со имиња од македонската културна сцена направени во последните пет години за Радио Слободна Европа.
Во салата 25 Мај ќе има концерти на бендови од Македонија и Србија, поетскиот перформанс „Песнило 2019: Литература на вриење“ и диџеј сетот на Виолета Качакова и Мирко Попов.