Систина: Владимир Блажев – Панчо е стабилен и во моментов не е во животна опасност

Пејачот на бендот ДНК, Владимир Блажев – Панчо, повреден во пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани е во стабилна состојба и во моментов е не е во животна опасност, соопшти стручниот лекарски конзилиум во Клиничката болница „Аџибадем систина“ каде што се лекува.
Пациентот Владимир Блажев од денот на приемот до денес се наоѓа во еднициата за интензивно лекување. На овој оддел се применува највисоко ниво на медицинска грижа. По спроведување на интензивното лекување, она што можеме да кажеме е дека пациентот е стабилен и дека во моментов е надвор од животозагрозувачка состојба. Неговото лекување продолжува во единицата за интензивна нега, во третманот е вклучен мултидисциплинарен тим лекари со цел да овозможат најдобра медицинска грижа“, велат од „Аџибадем систина“ и нагласуваат дека информацијата за здравстената состојба на Панчо е дадена од страна на лекарскиот тим кој е одговорен за неговиот третман и е единствена официјална информација потврдена од болницата.
„Во ваква исклучително сензитивна состојба во која се наоѓа државата, да не дозволуваме простор за шпекулации и непроверени информации“, велат од болницата по различните вести за состојбата на Панчо кои главно се шират на социјалните мрежи.
Потсетуваме, трагедијата во Кочани што ја зави цела Македонија во црно се случи ноќта помеѓу 15 и 16 март околу 03.00 часот наутро.
Трагедијата се случи на концертот на ДНК, кога пиротехниката го зафати и запали кровот, по што пожарот се прошири за само неколку минути, а од досегашната истрага, местото имало само една отворена врата.
Покрај Андреј кој загина на лице место во пожарот, и тоа откако се вратил за да им помогне на другите, згасна животот на уште седум млади музичари од групата ДНК. Меѓу настраданите лица од пожарот се и тапанарот Ѓорѓи Горгиев, клавијатуристот Филип Стевановски, гитаристот Александар Коларов, фотографот Александар Ефремов, придружниот вокал Сара Пројковска, тон-мајсторот Игор Велков и битбоксерот Мартин Атанасовски кој исто така беше дел од ДНК.
Во страшната несреќа загинаа најмалку 59 лица, а повредени се речиси 200 кои моментално се наоѓаат на лекување во болници.