Една од основните вештини што треба да ја совлада секој родител е да научи како да зборува со своите деца. Од начинот на кој зборувате со вашите деца тие учат како да зборуваат со другите. Следат некои совети на искусни родители кои ќе ви ја олеснат комуникацијата со вашите деца:
1. Поврзете се пред да им кажете што да прават
Пред да им кажете на вашите деца што треба да прават, клекнете до нивото на очите на вашето дете и воспоставете контакт со очите за да го добиете вниманието на детето. Научете го како да се фокусира: „Мери, погледни ме во очи“, „Томи, погледни ме во очи“. Користете го истиот говор на телото и кога ги слушате вашите деца. Внимавајте контактот со очите да не е премногу силен бидејќи детето ќе го перцепира како израз на контрола а не на поврзување.
2. Обратете му се на детето
Започнете го барањето или молбата со името на детето, “Мила, дали ќе сакаш/ Јован, те молам …“
3. Бидете кратки
Користете го правилото на една реченица: кажете ја главната насока во првата реченица. Што подолго зборувате, тоа е поверојатно дека детето нема да ве слуша. Премногу зборување е вообичаена грешка која се прави кога се разговара за одредено прашање. Тоа му остава впечаток на детето дека не сте навистина сигурни што сакате да кажете. Ако детето ве наведе да продолжите да зборувате, може да ве наведе да застраните од темата.
4. Бидете едноставни
Користете кратки реченици со едносложни зборови. Слушајте како децата комуницираат меѓусебно и забележувајте. Кога ќе го забележите кај детето тој вкочен, незаинтересиран поглед, знајте дека веќе не ве разбира.
5. Побарајте од детето да ви ги повтори молбите или наредбите
Ако не може, значи дека се премногу долги или премногу комплицирани.
6. Дајте понуда што детето не може да ја одбие
Можете да преговарате со дете од две или три години, посебно за да избегнете недоразбирања. „Облечи се за да можеш да излезеш надвор и да си играш.“ Дајте причина за вашето барање што е од корист за детето, и тоа таква што е тешко да ја одбие. Ова му дава причина да се помести од позицијата на моќ и да го направи тоа што сакате да го направи.
7. Бидете позитивни
Наместо „не трчај“, обидете се со: „Внатре одиме полека, надвор можеме да трчиме.”
8. Започнете ги вашите барања со „Јас сакам“
Наместо „Слези“, кажете „Сакам да слезеш“. Наместо „Сега Бети е на ред“, речете „Сакам да и дадеш ред на Бети.” Ваквиот начин функционира добро со деца кои сакаат да удоволат, но не сакаат да им се наредува. Со тоа што ќе речете „сакам“, давате причина детето да се усогласи со вашите барања а не само наредба која треба да се послуша.
9. „Кога …тогаш”
„Кога ќе ги измиеш забите, тогаш ќе почнеме со приказната“. „Кога ќе ја завршиш домашната, тогаш можеш да гледаш телевизија“. „Кога“, што укажува на тоа дека очекувате послушност, функционира подобро од „ако“, што укажува дека детето има избор кога воопшто не мислите да му дадете избор.
10. Прво нозете, па устата
Наместо да викате „Исклучи го телевизорот, време е за вечера!“, влезете во собата каде што детето гледа телевизија, седнете малку со него и погледајте заедно, и потоа, за време на рекламите, кажете му на детето да го исклучи телевизорот. Тоа што сте дошле кај детето укажува дека сте сериозни во врска со вашето барање, инаку детето ќе ја протолкува наредбата како прашање на избор.
11. Дајте можност за избор
„Дали сакаш прво да ги облечеш пиџамите или да ги измиеш забите?” „Црвената маичка или сината?”
12. Зборувајте правилно во однос на возраста на детето
Колку е помало детето, толку поедноставни и пократки треба да бидат вашите наредби. Земето го предвид нивото на разбирање на вашето дете. На пример, една вообичаена грешка што ја прават родителите е да прашуваат тригодишно дете „Зошто го направи тоа?” Повеќето возрасни не можат секогаш да одговорат на тоа прашање во врска со нивното однесување. Обидете се наместо тоа со „Ајде да позборуваме малку за тоа што го направи.”
13. Зборувајте социјално исправно
Дури и дете од две години може да ја научи фразата „ве молам“. Очекувајте вашето дете да биде културно. Децата не треба да сметаат дека добрите манири се предмет на избор. Зборувајте со вашите деца како што сакате тие да зборуваат со вас.
14. Зборувајте психолошки точно
Заканите и судовите најверојатно ќе го натераат вашето дете да заземе одбрамбен став. Пораките со „ти“ ќе го замолчат детето. Пораките со „јас“ немаат нијанса на обвинување. Наместо „Ти треба да го направиш ова …” или „Ти мораш …,” обидете се со „Јас би сакал ….” или „Многу се радувам кога ти …” Наместо „Треба да ја исчистиш масата,” речете „Би сакал да ја исчистиш масата.” Не поставувајте прашање, кога негативен одговор не е прифатлива опција. „Ќе си го дигнеш ли палтото, те молам?” Едноставно речете, „Дигни си го палтото, те молам.”
15. Запишувајте
Потсетувањата можат лесно да се претворат во досадување, посебно за децата во пред тинејџерски години кои сметаат дека постојаното повторување што треба да направат ги става во позиција на робови. Без и да кажете збор можете да пренесете сè што сакате да кажете. Едноставно земете хартија и пенкало. Оставајте им хумористични пораки на вашите деца. Потоа седнете си и гледајте како ја завршуваат работата.
16. Смирете го детето што вика
Колку погласно вика детето, толку потивко и поблаго треба да одговорите. Дозволете му на детето да се издува додека повремено вметнувате коментари како „Разбирам“ или “Можам ли некако да ти помогнам?” Понекогаш само присуството на некој што внимателно слуша ќе го смири настапот на бес. Ако се спуштите на неговото ниво, ќе имате два случаи за смирување. Вие бидете возрасниот во односот со вашето дете.
17. Утешете го детето
Пред да ја дадете наредбата, воспоставете ја емоционалната рамнотежа на вашето дете, бидејќи во спротивно само ќе си го губите времето. Детето не прима ништо кога е во тешка емоционална состојба.
18. Повторете ја вашата порака
На малите деца работите треба да им се повторуваат по сто пати. На децата под 2 години им е тешко да ги примаат вашите наредби. Повеќето деца на 3 години почнуваат да ги сфаќаат наредбите, така што полека почнуваат да го примаат она што го кажувате. Повторувајте се помалку и помалку како што расте детето. Децата на пред тинејџерска возраст го сметаат повторувањето за досадување.
19. Дозволете му на детето да си ја заврши мислата
Наместо „Не оставај неред зад себе,” обидете се со: „Павел, размисли каде би сакал да ти стои опремата за фудбал.” Тоа што ќе му дозволите на детето да ги пополнува празните места најверојатно ќе резултира со усвојување на материјалот.
20. Користете правила со рима
„Кој не сака раче да даде, нема ниту банана да јаде“. Кажете им на децата да ги повторуваат.
21. Давајте примамливи алтернативи
„Не смееш да одиш сама во паркот. Но, можеш да си играш кај соседите во дворот.“
22. Претходно известете ги што следи
„Наскоро си одиме. Кажи „чао“ на другарчињата, кажи „чао“ на играчките …”
23. Отворете го затвореното дете
Внимателно избраните зборови ќе ги отворат малите затворени умови и усти. Држете се до темите кои знаете дека го интересираат вашето дете. Поставувајте прашања на кои треба да се одговори со повеќе отколку само „да“ или „не“. Држете се до конкретни работи. Наместо „Си помина ли убаво на училиште денес?” обидете се со „Што беше најинтересното нешто што го направи денес?”
24. Користете „Кога ти …јас се чувствувам …бидејќи…”
Кога ѝ бегаш на мама во продавница јас се плашам бидејќи можеш да се изгубиш.
25. Затворете ја дискусијата
Ако прашањето е навистина затворено за дискусија, кажете го тоа изрично. „Нема да се предомислам во врска со ова. Извини.” Ќе се поштедите од понатамошно исцрпување и на себе си и на детето. Користете „службен“ тон кога го правите ова.
Превод и адаптација: www.stipka.com.mk
Извор: www.askdrsears.com