Ја покажа и својата романтична страна, никој не го знаеше ова – Коста Костадинов откри како и каде ја запросил Марија
Еден од најпосакуваните ергени во нашата земја одлучи да „рипне во тавче“, а срцето му го освои вистинска убавица.
Костадин Костадинов е македонски политичар и пратеник во Собранието на Република Македонија од редовите на СДСМ. Од 2016 до 2017 година бил вршител на должноста Градоначалник на општина Струмица откако Зоран Заев по парламентарните избори формирал парламентарно мнозинство и подоцна ја презел функцијата премиер на Македонија.
Основното и средно образование го завршил во родниот град, додека високо образование завршил на Економскиот факултет при ФОН Универзитетот.
Во емисијата „Магазин“ на Сител телевизија зборуваше за приватниот живот и за големата одлука која ја направи на почетокот на годинава.
Коста одлучи да ја запроси својата долгогодишна партнерка Марија Десанова.
Фотографија од прстенот на социјалните мрежи сподели младиот политичар, кој напиша и емотивна порака.
„Животот ми овозможи да те запознаам, Бог пушти знак да се препознаам себеси и да си го препознаам животот со тебе“ напиша тој и додаде:
„Нека љубовта трае до последниот атом. Затоа што си моја, затоа што те сакам. Од овде до небото и назад“ , напиша Костадинов на својот профил на Фејсбук.
Тој откри како изгледало запросувањето и каде се случило.
„Не знаеше дека ќе се случи такво нешто. Не сум лик кој што емотивно реагира на работите. Бевме во Бугарија на скијање, договорот беше прво да биде во еден ресторан кој што има услови за Ковид. И си велам ајде сега, обично не сакам гужви. Отидовме во ресторанот и со сопругата на другарот се допишувавме и велам сега е моментот, но дојде менаџерот на ресторанот рече дека гости некои од Италија мора да влезат во ресторанот да вечераат. Знам дека и Марија не сака гужви. И го сменивме планот, план Б беше во собата во хотелот. Таа беше изненадена. Не клекнав на колена, но беше убав момент кој треба да го паметиме и двајцата“, раскажа Коста.
Тој истакна дека не е романтичен лик и дека врската со Марија ја градат онака како што и давјцата сметаат дека е најправилно, а тоа е на база на огромно разбирање.
Со Марија се запознале многу одамна преку заеднички пријатели. Тој се познавал со другарките на Марија од Битола, кои дошле во Струмица на забава и така Коста и Марија започнале прво другарска врска, која подоцна преминала во љубов.
Неговата професија носи големи предизвици и проблеми и токму затоа се труди да има издувен вентил кој ќе му помогне да се релаксира.
„Мојот издувен вентил се Лана кучето што го вдомивме со Марија, моторите, планинарењето…“, раскажа Коста.
Тој додаде дека е исклучително задоволен што ја има Марија за партнерка, која одлично се носи со сите негови обврски и има разбирање за природата на неговата професија.
Освен за љубовта, тој раскажа и за детството, кое му било поврзано со баба му и дедо му, кои се едни од најважните ликови во неговиот живот, а кои биле задолжени и за неговото воспитување.
Неговите другари велат дека приватно Коста е многу поинаков од оној сериозен лик кој сме навикнати да го гледаме на малите екрани.
„Најчесто се дружам со тие од основно училиште другарите. Нема да ги сменам за ништо на светот. Тие и ме разбират, со нив можам и поопуштен муабет да си правам. Таков спој на другари, различни карактери кои можат да се носат едни со други навистина е редок пример, но еве јас најмногу се дружам со нив“, потенцираше Костадинов.