Во Македонските медиуми денес една од најчитаните вести е за деветте лица кои во Македонија се вратија од Австрија и се сместени во карантин.
Во прашање членови на оркестар од Битола кои заради новите мерки наместо дома, кај своите семејства, се сместени во карантинот на Криволак.
Тие за А1он сведочат дека не биле единствените кои влегле на македонската територија, но завршиле како единствените кои се во групниот карантин во Пепелиште. Тие се жалат и на лошите услови во карантинот, дека перниците не се перени 20 години и дека на ова место ќе фатат болест.
„Ние ќе измрзнеме и ќе се разболиме од ова, од здрави ќе станеме болни. Бараме да одиме во домашен карантин“ велат тие. Тие додаваат дека не сакааат да останат во касарната и дозволуваат да бидат тестирани во секое време. „Помогнете, сакаме да си одиме“ велат тие.
По објавување на сторијата од страна на а1он, веста подигна голема прашина и на социјалните мрежи.
Еве еден од коментарите што можевме да го прочитаме на социјалните мрежи на оваа тема:
Прв кризен кикс
Од 200 луѓе отприлика што до вчера беа заглавени на преминот Унгарија – Хрватска и требаше да се префрлат во карантин само оркестар од осум Роми е префрлен таму. Се надевам дека ќе се добро и после сѐ ова ќе ја тужат државата за дискриминација.
Страшен и недопустлив пропуст.
Условите во карантин се такви какви што се. Навикнете се. И на полошо. И на лежење по ходници и на пренатрупани соби… Видете некоја снимка од Италија. Не е ова паничење, то ќе е доколку не сме одговорни. Сите.
Не е ова работа шо можат да ја завршат 50, 100, 500 луѓе, ова е задача на сите!
Порталите имаат проблем со говорот на омраза за оваа вест. Не е приоритет кој будала шо пишал сега, но ко ќе се стиши ова се надевам дека ќе бидат поднесени пријави.
Со свој коментар се јави и познатиот доктор Ненад Лазаров кој на својот Фејсбук профил редовно споделува совети и информации.
Еве што им порача на луѓето што завршија во овој карантин.
„Колку они не ја разбираат сериозноста на ситуацијата и дека е дај шта даш… Седете таму е побебедно е од било каде на друго место, ќе поминат 2 недели.“
„И на крај ќе добијат и перници и ќебиња и храна и се што треба луѓево на Криволак. Останатите што можете и треба, седете дома, во моментов е привилегија да си дома и да не мораш никаде!“
Во продолжение прочитајте уште неколку негови совети што докторот Лазаров деновиве ги сподели на социјалните мрежи, а се поврзани со ситуацијата во која што се наоѓаме поради пандемијата од новиот коронавирус.
„Општите ординации се оставени сами на себе, без елементарна заштита, никаква помош во ресурси, НИКАКВА! Не теретите со цела администрација плус на секојдневната работа, хартии од секаде, а помош никаква! Свесни ли сте што ќе се случи ако ние колабираме и почнеме да затвораме ординации?“
„Пари не бараме, бараме дезинфициенси, маски, ракавици, или ние не сме дел од здравствениот систем?“
„Седете дома, еден заразен од ординација, значи една ординација помалку! Колеги, Дебар, држете се!“
„А убеден сум дека сите ќе си го плаќаме кафето од Номад, само сега со уште поголем ќеиф бидејќи знаеме дека со ќеиф ни го прават, гестот е сосема доволен! Сакам да ги видам и производителиве наши домашни на дезинфициенси и сапуни, покажете општествена одговорност.“
„Итно државата да покрие и помогне со маски, ракавици и дезинфициенси во примарно здравство, постоиме не само за фалење по конференции! Ало фирми наши производители, не молчете, помогнете!“ порачува докторот Лазаров.
Соопштение од Хелсиншки комитет
Хелсиншкиот комитет за човекови права изразува загриженост во однос на сместувачките услови за групната изолација за лицата сместени во Центарот за обука во Пепелиште – Криволак.
– Во медиумите беше објавено сведоштвото на лицата сместени во Центарот за обука во Пепелиште – Криволак, каде што евидентни се лошите хигиенски услови и недостатокот на соодветни легла. Во текот на денешниот ден, Министерството за одбрана соопшти дека „Центарот за обука во Пепелиште е само привремен простор каде треба да се извршат епидемиолошките прегледи согласно медицинскиот протокол. По завршените прегледи, лицата веднаш ќе бидат преместени во реновираниот Завод во Демир Капија -, наведува Хелсиншки комитет во соопштение.
Комитетот апелира до надлежните институции, во секој момент, да се имаат предвид човековите права и човековото достоинство, особено кога станува збор за мерки на групна изолација. Додава дека условите во овие простории треба да ги исполнуваат домашните и меѓународните стандарди во смисла на пристап до соодветни легла, хигиена, оброци и здравствена заштита.
– Дополнително, потсетуваме дека согласно член 54 став 3 од Уставот на РСМ, ограничувањето на слободите и правата не може да биде дискриминаторско по основ на пол, раса, боја на кожа, јазик, вера, национално или социјално потекло, имотна или општествена положба. За крај, ја повторуваме пораката која ја испрати Високата комесарка за човекови права при Обединетите нации, Мишел Башелет: “Ковид-19 е тест за нашите општества, сите учиме и се адаптираме согласно мерките кои се преземаат против вирусот. Човековото достоинство и човековите права треба да бидат во фокусот и центарот на овие мерки, а не нешто со кое што ќе се соочиме понатаму -, стои во соопштението на Хелсиншкиот комитет за човекови права
Триесет и три лица од Кочани во домашна изолација
Триесет и три лица од Кочани во моментот се наоѓаат во домашна изолација, како задолжителна мерка за спречување на потенцијалното ширење на заразата со коронавирусот, информираа денеска кочанските општински власти.
Градоначалникот на Кочани, Николчо Илијев упати повик до граѓаните одговорно и сериозно да се придржуваат кон препораките и мерките од надлежните институции и да ги применуваат без какви било отстапки.
– Ги повикуваме сите лица кои во изминатиот период патувале во високоризичните и средноризичните земји, да се самоизолираат. Сите жители да ги почитуваат мерките и прораките од Министерството за здравство и од Светската здравствена организација. Препорачуваме да се избегнуваат непотребни контакти, граѓаните да не се собираат во групи, и да не излегуват без потреба. Не дозволувајте полициските или медицинските служби да ве опоменуваат поради вашето несовесно однесување! Непочитувањето на препораките за заштита од болеста КОВИД-19 е казниво – стои во повикот од градоначалникот Илијев.