Во последно време се’ поголем број наши луѓе заминуваат да работат во Германија, а меѓи нив најмногу медицински сестри и градежни работници.
Пред три години германската министерка за работа и социјални прашања Андреја Налес откри дека Германија во следните пет години би требало да даде дозволи за 20.000 работници од земјите од Балканот – Македонија, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Србија, Албанија и Косово. Тоа дека на Германците им се потребни работници, го потврди деновиве и канцеларката Ангела Меркел која преку видео обраќање го најави новиот закон за доселување кој треба да стапи на сила од 8 март следната година (види тука), а со кој ќе се олесни процедурата за вработување на лица кои се од земјите надвор од Европската унија.
Во овој момент во Германија најбарани занимања се од медицинската струка, од доктори, специјализанти, медицински сестри до негуватели, потоа од ИТ секторот и програмирање од кои се бараат инженери, но се бараат и градежни и работници од услугите за транспорт и слично. Само во Германските железници во следните пет години ќе има потреба од 100.000 нови работници, кои доколку во Германија не дојдат работници од други земји, нема да можат да ги најдат.
Граѓаните од западен Балкан привилегирани
Правилото за вработување на граѓаните од западен Балкан содржи и можност за вработување на полуквалификувани и неквалификувани работници. Но тоа донесе до тоа за неквалификуваните работници обработката на податоци да трае многу долго. Но како што вели Штефан Мајер, државниот секретар на Министерството за внатрешни работи, во претставништвата не треба да се создаваат гужви и застои бидејќи новиот закон се однесува всушност само за квалификувани работници.
„Кој ги исполнува условите за вселување и по двете правила може да го избере она кое за него е поповолно. Ако некој не исполнува барањата за вселување по новиот закон тогаш за тоа лице се уште постои можност да се всели во Германија на основа на правилата за западен Балкан“ вели тој и додава дека заради овие мерки во Германија дошол голем број полуквалификувани и неквалификувани работници, а во голем дел и постари.
Од овие причини Германија во иднина би можела да се соочи со дополнителни оптеретувања поврзани со пензијата на овие работници, па според новиот закон оние лица што се постари од 45 години ќе мораат да покажат дека досега доволно уплаќале во пензиското осигурување.
„Тоа е една можност, а друга е на новата работна позиција во Германија да заработува најмалку 3600 евра бруто“, истакна Штефан Мајер пред неколку месеци.