Православните верници денеска го слават пазникот Тодорова Сабота.
Празник на приврзаноста кон велигденскиот пост. Именден празнуваат: Тодор, Тодорка, Божидар (доаѓа од Тео-Бог и дар).Јавувањето на св. Теодор Тирон и укажувањето на подлите намери на царот Јулијан Отстапник биле повод да се востанови празникот Тодорова Сабота, што се празнува во првата сабота од Велигденските пости, односно првата сабота по Прочка.
Споменот на светиот великомаченик Теодор Тирон се празнува на 2 март/17 февруари. Но, кај нашиот народ попознат е другиот празник поврзан со овој светител, а тоа е Тодорова сабота (Тодорица), подвижен празник, што се празнува во првата сабота од Велигденскиот пост.
Свети Тодор во Цариград живее каде владеел царот Јулијан Отстапник. Така бил наречен поради тоа што во младоста бил христијанин, а подоцна кога станал цар се откажал од христијанството и со сите средства ги прогонувал христијаните.
Таа година сакајќи на некој начин да им напакости на христијаните, а знаејќи колку им значи Велигденскиот пост, особено првата недела по која некои се причестуваат, царот наредил сета храна што се продавала по пазарите да се попрска со крв од жртвите принесувани на идолите.
Но тогаш на цариградскиот патријарх не во сонот, туку на јаве, му се јавил свети Теодор Тирон и му рекол да им забрани на христијаните да купуваат храна од пазарите зашто таа ќе биде испоганета со крв. Наместо тоа цела недела да јадат пченица со мед. Патријархот така постапил, христијаните цела недела јаделе жито и така останале неосквернети. Во спомен на овој настан првата сабота од Велигденските пости е наречена Тодорова сабота, тогаш се оди во црквата и се носи жито.
Според едно предание од Гевгелиско, свети Тодор бил војник во царевата војска и кога дознал за намерата на еврејскиот цар да го укине христијанскиот пост трчал со коњот од место во место за да ги храбри христијаните да издржат зашто, како што претпоставувал, Евреите до првата сабота морале да попуштат. Тоа негово предвидување се покажало точно поради што црквата го прогласила за светец.
Во спомен на овој подвиг на Теодор Тирон се празнува Тодорова сабота празник во народот познат како Тодорица. Овој празник спаѓа во оние празници што немаат постојан датум туку зависат од Велигден. Секогаш се паѓа во саботата по Прочка, што значи првата сабота по овој празник, односно на крајот од првата недела од големите Велигденски пости.
Иако Тодорова сабота е црковен празник, а на тоа упатуваат повеќето обичаи што се изведуваат во црквата, сепак, на овој ден се изведуваат и повеќе обичаи кои очигледно водат потекло од многу постари времиња.