Според календарот на МПЦ (Јулијанскиот календар) денеска е 17 јануари.
Денеска е Св. Антониј Велики. Според календарот на МПЦ (Јулијанскиот календар) денеска е 17 јануари. Денеска именден празнуваат: Антон, Антоние, Андон, Антоанета, Доне, Дончо, Донка, Тони…
Свети Антониј е роден во Среден Египет, во 251 година. На 20-годишна возраст остана без родителите. Мораше да се грижи за останатото богатство и за својата помала сестра. Еден ден во црква ги слушна зборовите: Ако сакаш да бидеш совршен, оди продај го имотот и раздај го на сиромасите и ќе имаш ризница на небото, па дојди и врви по мене, па го раздаде имотот, а со малиот остаток ја згрижи сестра си и го започна подвижничкиот живот.
Целиот негов живот стана исполнување на овие зборови. Во текот на многу години ги помина сите скалила на духовниот живот и со својот живот стана пример за сите мо¬наси до денешен ден. Се упокои мирно на свои 105 година, во 356 година.
Свети Антониј Велики е роден во 251 година во среден Египет. Направил многу подвизи, особено се истакнал во борбата против еретиците. По молба на св. Атанасиј ја посетил Александрија во 335 година за да помогне во борбата против еретиците на Ариј кои биле силни и по поразот на Никејскиот собор (325). Неговото пристигнување во главниот град предизвикало големо внимание. Многу пагани дошле да го видат, а многумина сакале и да го допрат поради неговата слава.
Тогаш мнозина пагани го прифатиле христијанството. Иако неписмен, (не знаел грчки, ни латински, туку само египетски) водел кореспонденција со св. Константин Велики и го бранел св. Атанасиј Велики од клеветите на непријателите. Бил строг и кон неправедните судии и им го споменувал Страшниот суд, како и нивната должност да бидат милостиви и справедливи.
Доживеал длабока старост. Си заминал од овој свет на 105 години. Кога си го почувствувал својот крај на двајцата негови ученици им оставил завет да го погребаат тајно за луѓето да не го знаат местото на неговиот гроб. Починал на 17 јануари 356 г. (с.с.)
М. Цепенков во записите за светците вели дека „свети Наум, Свети Андонија и свети Спирудон – да лекуат улаите.“ Во прегледот на еснафските празнувања Цепенков запишал дека св. Антониј го празнувале како еснафски празник ковачкиот-цигански еснаф како и цигуларите и амалите.