Фејсбук порaка од младо момче која го потресе регионот : „Доста ми е од вашето жалење, празни сте и негативни”
23-годишниот Ади Бебаниќ споделил приказна со своите пријатели на Фејсбук која е срж на сето она што нѝ се случува на сите нас денес, иако се трудиме да не гледаме многу работи, луѓе и ситуации околу себе.
Овој текст е за сите оние кои ја вртат главата, игнорирајќи и заборавајќи ја суштината на животот.
Статусот на Ади ви го пренесуваме во целост:
„Во декември 2011 година, светот се сруши. Си замина сѐ што сакав и сакав да бидам. Не го сакам декември, ниту зимата. Таа ми го зеде татко ми и никогаш не го врати. Имаше 44 години. Ми беше сѐ, а никогаш не му го кажав тоа и никогаш нема да си простам. Останав во домот со три жени, неговата мајка, мојата мајка и мојата сестра. Мама имаше 38, а сестра ми 14 години.
Со месеци бев сѐ во тоа семејство, внук, брат, син. Домаќин кој правеше кафе. Секој ден правев ручек и вечера. И истата ја фрлав, бидејќи не јадеа, не можеа од мака и тага. Бев и оној кој со месеци не спиеше, бидејќи бришев туѓи солзи, а никогаш не заплакав. А сето тоа време бев и одличен ученик во гимназија.
Десет дена по таа декемвриска ноќ, сестра ми едвај преживеа операција на цревата, една, па втора, па трета. Докторите си играа со неа, ја сечеа како што сакаа, а секоја грешка ја поправаа со ново сечење. Повторно не плачев.
Една година по кобниот декември, имав 18 години. Истата болница, нова дијагноза. Сега мама. Болест со три букви. Немаш татко, а сега нема да имаш ни мајка – секоја вечер истиот кошмар, истата грижа и страдање. Повторно не плачев. Плачеше мојата сестра, не можевме двајцата.
Година дена никој не работеше, а сите имавме потреба, не знам што јадев и од што живеев, но никогаш не се откажав.
Сега имам 23. Работам од 18 години. Имам 5 години работно искуство, го сакам она што го работам и се смеам сѐ додека одам на работа. А никогаш не сум имал некој да ми биде ветар во грбот или да ме насочи.
Мојата сестра има 21 година, најубава е на свет и има две работи. Минатата недела ми позајми пари, итно ми беа потребни. А мојата мајка денес е „буцка” која повторно е во бело и е најомилениот фармацевт во градот на Неретва.
Не го пишувам ова за да „пукам” кон нечија сентименталност. Денес не ми е потребно сожалување, ги живеам моите соништа. Го пишувам ова бидејќи ми е доста од тоа колку се жалите и колку ви пречи сето она што ви се случува. Полни сте со негативност и празни сте. Никој од нас немал сјаен живот. Бевме и тажни и мртви, па повторно живи, и гладни, па повторно сити.
Земете го животот во свои раце и протресете го. Зграпчете ја шансата и сакајте ја земјата по која одите, ваша е. Ова не е мотивациски говор.
Ова е итен апел да престанете да бидете кукавици, да престанете да осудувате сѐ што не ви е природно на социјалните мрежи, да престанете да бидете дел од војската која постоела додека не сте биле ни родени, да престанете да се делите и ве молам, немојте да мразите.
Го имате овој живот, искористете го. Сакајте со цело срце.
Добра ноќ”, напиша Бебаниќ.