Владата донесе одлука за скратување на забраната за движење за време на викенд.
Почнувајќи од утре, во сабота и недела, граѓаните ќе можат да се движат во периодот од 05 часот до 19 часот.
Откако се појавија фотографии на социјалните мрежи од вчерашниот собир во Струга на кои се критикуваат оние кои не држеле никаква дистанца, ниту пак носеле заштитни маски, многумина се прашуваат зошто полицијата не реагирала на кршењето на мерките според кои забранети се масовни собири, како и собири на повеќе лица на дистанца помала од два метри.
Свештенството при храмот Св. Георгиј, организатор на традиционалната литија што се одржа во Струга, а по која уследија реакции за непридржување на верниците до мерите за заштита од вирусот Ковид-19, соопшти дека црквата неколку дена претходно и пред самиот настан гласно повикала на придржување на мерките дадени од државните власти и потенцира дека нема никаков простор за обвинување. Тие апелираат до политичките партии и сите општествени чинители да не ги користат активностите на Црквата за наведување на граѓаните да не ги почитуваат мерките, а до оние кои се декларираат како верници, да бидат внимателни, одговорни и послушни на црковното началство, бидејќи, потенцираат, со самоволието се предизвикуваат само несакани и неблагословени нешта.
-Бидејќи на социјалните мрежи и на одредени интернет гласила се појавија обвинувачки текстови во врска со традиционалната Струшка Еордија – Литија со моштите и чудотворната икона на Свети Георгиј Победоносец, сметаме дека е потребно да дадеме мислење од името на клирот на МПЦ-ОА. Со цел да не згасне оваа древна културна манифестација во Струга, која, патем, е дел од значајното културно наследство на Македонија, заштитено со закон, а во исто време да се испочитуваат и профилактичките мерки донесени од страна на Владата, во соопштението од Црквата по повод овој настан, објавено на 4 мај, и проследено од страна на голем број медиуми, беше сосема јасно укажано дека верниците треба да се придржуваат на превентивните мерки на државните и здравствените власти, стои во соопштението.
По ова се јави и министерот Филипче, кој преку Фејсбук порача дека сцените што ги видел во Струга биле крајно разочарувачки за него. „Ги толкувам единствено како целосно непочитување на здравствените работници и сите кои деноноќно работат за да ја надминеме кризата“, вели министерот за здравство Венко Филипче на својот профил на Фејсбук.