Сузана Гавазова им објави војна на оние Македонци од Австралија што ѝ се закануваат преку Фејсбук
Не ви се плашам, мене народот ме сака, им порача пејачката
Реакциите на социјалните мрежи не престануваат
По заканата од страна на некои поединци, па и здруженија на нашинците во дијаспората упатени кон музичарите што пееја на прославата на „Денот на независноста“ организирана од страна на Општинската организација на СДСМ – Кисела Вода, на Фејсбук денес се огласи и познатата фолк-пејачка Сузана Гавазова.
Имено се случи голем скандал откако беа објавени имињата што ќе настапат на „Традиционалниот пикник во Пеленица“.
„Ниту сум ја предала Македонија ниту сум ја украла, тој што ја предал нека му ја мисли, а тој што ја украл, рацете да му се исушат“, напиша Гавазова на Фејсбук.
Станува збор за традиционална прослава која се одржува на еден од најважните празници за нашата земја, но која бидејќи беше организирана од владејачката партија СДСМ, предизвика бура од реакции на социјалните мрежи, првенствено кај симпатизерите и поддржувачите на опозициската ВМРО-ДПМНЕ.
Фото: Принтскрин/ Фејсбук
Многумина на социјалните мрежи ги критикуваа музичарите кои што првично беа на плакатот, а меѓу нив најгласни беа некои здруженија на Македонци од дијаспората, и тоа најмногу од Австралија.
Тие им се заканија на пејачите дека ќе ги бојкотираат нивните настапи во земјата во која што живеат, а една таква закана беше објавена и на Фејсбук страницата „Македонска коалиција“ која можете да ја видите во продолжение:
Фото: Принтскрин/ Фејсбук
Заради преголемите притисоци некои од музичарите решија да се откажат и не учествуваа на прославата, а меѓу нив прв беше фолк-пејачот Мите Јорданов кој се огласи на социјалните мрежи и истакна дека прифатил да настапува затоа што станува збор за празник кој го слават сите Македонци, но кога видел дека настанот ќе биде политизиран и партиски одбележан, решил да се откаже од истиот.
Фото: Принтскрин/ Фејсбук
„Почитувани фанови да се настапи за Денови на независноста на мојата земја Македонија, како автор и изведувач на македонска музика за мене е голема чест. Тој празник е за сите коишто си ја сакаат и почитуваат својата земја, и истиот сметам дека не треба да биде политизиран или одбележан со партиски симболи“, напиша познатиот фолк-пејач Јордан Митев во својата објава на Фејсбук.
Фото: Принтскрин/ Фејсбук
По него своето учество го откажа и неговите колеги Татјана и Новица Василевски, кои веќе неколку години живеат во Австралија, како и Адријана Кеш, додека Сузана Гавазова заедно со Благоја Грујовски и Сања Цинцева решија да се појават на прославата и да пеат за народот.
Фото: Принтскрин/ Фејсбук
Тие воедно истакнаа дека не се политички определени и дека пеат за Македонија, но и покрај нивниот став, „војната“ со оние што беа најгласни и не бираа зборови за музичарите што настапија на прославата продолжи.
Фото: Принтскрин/ Фејсбук
По серијата нови напади и закани упатени преку социјаните мрежи, пејачката Сузана Гавазова реши да се огласи и им упати остри зборови на оние што ја критикуваат.
Еве што им порача таа:
„Ред е и јас да кажам за тоа што некој се обидува да ме „уништи“ со тоа што ме нарекува предавник, среброљубец, пеам бугарски песни, пеам горански песни, српски, ромски, грчки. Само да знаете, Македонија е срцето на Балканот и од тука еден пеач треба се да знае“.
„Не можете да ме уништите кои и да сте, не се плашам од вас, мене народот ме сака затоа што сум направила добрини, правам и ќе правам.“ пишува на Фејсбук Гавазова.
„Срамота е што се обидувате на жени, мајки и пејачи кои го дале цел живот за македонска песна така да пишувате и така да навредувате“.
„Зошто не се обидете така на маж? Затоа што немате храброст, па затоа удирате на жена“, вели во своето обраќање Гавазова и додава:
„Ниту сум ја предала Македонија ниту сум ја украла, тој што ја предал нека му ја мисли, а тој што ја украл, рацете да му се исушат“.
„Ви пречам што пеам секакви песни, а не ви пречи што браќата Срби ечат во Македонија“, го заври својот коментар Гавазова.
Па, што мислите вие за оваа тема? Само ве молиме без недолични коментари, навреди и омаловажувања, туку културно и на еден достоинствен начин искажете го вашето мислење на нашата официјална Фејсбук страница. Коментарите што не се во согласност со нашите правила, ќе бидат избришани…