Именден празнуваат: Стефан, Стефанка, Стефанија, Фанија, Фанка, Стојан, Стојанка, Стојмен, Стоичко.
На третиот ден од празникот Божиќ светата православна црква го празнува споменот на светиот архиѓакон и првомаченик Стефан. Тој е наречен првомаченик затоа што тој прв настрадал за Христовата вера.
Веднаш по слегувањето на Светиот Дух во Ерусалим била формирана христијанска општина, биле избрани седум ѓакони да се грижат за сиромасите, за болните, старите, вдовиците и да ги делат подароците што христијаните ги давале на црквата. Најстар во тие седум ѓакони бил Стефан поради што бил наречен архиѓакон.
Народот го празнува Свети Стефан на 9. I./27 XII, а тоа е третиот ден од празникот Божик. Тогаш се оди на именден кај Стефановци, но сите песни, верувања и обичаи што се изведуваат на овој ден се поврзани со Божик.
Името Стефан (исто така и Стеван), води потекло од грчкиот збор „stephanos“, што значи круна, венес, па името Стефан буквално би значело крунисан. Името е длабоко поврзано со верата и со симболиката на венецот.