Синдикатот за образование, наука и култура-СОНК утре ќе организира предупредувачки штрајк во сите основни и средни училишта во земјава.
Одлуката за штрајк на првиот училиштен ден СОНК ја донесе на 23 август затоа што не се согласува покачувањето на платите на наставниците да биде 5 проценти, туку за онолку колку што е зголемена минималната плата во државата, односно до 25 проценти.
И покрај апелот на реосорниот министер Арбер Адеми утре настава да има, Неделков на прес-конференција подоцна соопшти дека е дефинитивна нивната одлука за предупредувачки штрајк утре, а настава ќе има од вторник. СОНК овој месец ќе очекува преговори со МОН за да најдат заемно прифатливо решение, а ако го нема до крајот на месецов, можно е да организира генерален штрајк.
-Нашиот синдикат утре ќе штрајкува. Нашите членови и сите други кои не се наши членови, а сакаат да се приклучат кон штрајкот, ќе бидат во штрајк. Тоа значи дека ќе одат на работа, ќе бидат во просторија одредена за штрајк, но нема да ги извршуваат воспитно-образовните обврски и нема да ги прифаќаат учениците дојдени на училиште, рече претседателот Јаким Неделков.
Очекува поддршка и од родителите, а во однос на нивната збунетост дали утре да ги пратат децата на училиште, одговори дека не е надлежност на СОНК, туку на училиштата да укажуваат или апелираат дали да доаѓаат или да не. Притоа праша која е причината учениците утре да дојдат ако не бидат прифатени од наставниците и нагласи дека СОНК нема да биде одговорен ако се случи некоја несакана последица за здравјето и безбедноста на учениците