Свадби под маски, се подготвува протокол за нивно одржување среде епидемијата од корона
Со оглед на тоа што од понеделник во Македонија ќе бидат релаксирани дел од ригорозните карантински мерки за заштита на населението од коронавирусот, во план се различни протоколи за почнување со работа на различни дејности, без да се загрозува здравјето на граѓаните.
Во наредниот период по 15 мај се очекува отворање на угостителските објекти, но со посебен протокол за работа. Граѓаните посебно се заинтерсирани за овој домен, посебно поради тоа што голем број свадби беа закажани и мораше да се откажат поради коронавирусот.
– Комисијата за заразни болести подготвува повеќе протоколи за тоа како ќе се организира работата на рестораните, хотелите, училиштата и градинките, и на средината на мај ќе биде претставен концептот, изјави министерот за здравство Венко Филипче, без да прецизира некои детали освен дека и во овој случај ќе мора да се држи растојание и ќе има препорака како да се наместат масите во угостителските објекти.
Во овој период, венчавки сепак се случуваа но во матичните служби и во присуство само на двајца сведоци. Свадбените веселби засега е нешто што ќе биде разгледувано во наредниот период, зошто повлекува и венчавка во црква, кои со уредбите на Владата останаа затворени за големите верските празници како Велигден, бидејќи забрането е масовно собирање на граѓаните.
Од мерките на Владата кои ќе останат во наредниот период секако е носењето заштитни маски, што е задолжително во многу земји од светот.
Угостителите реагираат, мерките ќе ги преполоват приходите
Во Хрватска здравствените власти препорачаа како во услови на коронавирус би можеле да функционираат кафулињата и ресторантите, што предизвика револт кај угостителите.
„Доколку се воведат мерки дека мора да има одредено растојание меѓу масите, тоа автоматски ќе го намали бројот на истите и со тоа ќе ги преполови приходите. Исто така, ако треба да ставиме прегради од плексиглас, ова предизвикува голем број проблеми од прашањето каде угостителите ќе купуваат плексиглас, бидејќи Хрватска нема фабрика за нивна изработка, најблиските фабрики се во Италија и Шпанија, и тие тоа ќе го остават сами за себе. Потоа, тука е проблемот кој од гостите ќе сака да седи толку заграден. И уште една работа е кој угостител ќе може да си ги дозволи овие прегради и сите други мерки“ – рече Марин Медак, претседател на Здружението на угостители во Хрватска.
Угостителите предупредуваат дека доколку работите не се вратат на старо до 1 јуни, ќе пропаднат дури 80 проценти од угостителските објекти во Хрватска, што пак е верижна реакција затоа што и нивните добавувачите ќе пропаднат.
„Еден угостителски објект на пример, ако масите ги распореди на по 5 метри може да има 70 проценти помалку маси, со што автоматски му паѓаат приходите за толку многу, затоа тоа е смешно, не може да работи на тој начин. Или ќе работиме како порано, или воопшто не. За секоја маса, преградите се околу 1.000 евра за да е направат според сите стандарди, и повторно кој ќе седи во стаклен кафез?“ се прашува Медак.