Реклама
Интервју

Сашко Коцев: „Најмногу ми недостасува аплаузот на публиката“

Реклама

Разговаравме со нашиот омилен актер

Еден од нашите најдобри и несомнено еден од најомилените актери на публиката, Сашко Коцев, во низата на маестрални улоги, ја вброи и најголемата – во октомври 2017 година се оствари и во улога на татко, кога со сопругата Смилјана Бундовска Коцев ја добија ќерката Јоана. Денес поразговаравме со него, а токму оваа негова улога во животот беше она што и најмногу не интересираше. Неспорниот талент, леснотијата со која се трансформира пред камерите или кога е на театарската сцена, како и опуштеноста и едноставноста се епитетите кои го опишуваат како актер, но и како човек, па најверојатно токму затоа и нашиот искрен разговор со него беше зачинет со доза на хумор. Нешто што едноставно не може да биде изоставено кога е Сашко во прашање, па дури и кога зборувате за сериозни теми, посебно во едно вакво „лудо“ време, кога некако сите заборавивме дека сме најубави кога сме насмеани. Поразговаравме и за неговата кариера, но како што веќе споменавме, се обидовеме да извлечеме од него и нешто за неговото семејство и неговата наследничка, со чие доаѓање на свет неговиот личен и професионален живот неминовно доби нова (најубава) димензија.

Кога се роди твојата љубов кон актерската професија, дали отсекогаш знаеше дека еден ден ќе застанеш на „даските што живот значат“?

Тоа „даските“ се чудна работа. На првата аудиција, шесто одделение, ме испрати мојот наставник по мајчин јазик, кој и воопшто ми ја втемели идејата за литература. Јас до тој момент не знаев каква е таа „даска“. Влегов во Домот на културата во Куманово и.. замириса на некој застојан воздух, на штици бојадисани одамна, кои го менуваат мирисот кога ќе се загреат рефлекторите. А баш тој момент кога си на сцена, рефлекторите те имаат заслепено и ти не гледаш кој има во гледалиште, ме обзема засекогаш. Таму беше еден кумановски режисер – аматер кој ме воведе во таа магија.

Маркетинг

Имаш богато искуство како актер и безброј настапи пред публика. Имаш ли трема пред премиера и како се справуваш со неа?

Оној кој ќе рече дека нема трема, значи дека нема никаква одговорност кон своето дело, без разлика дали е тоа претстава, монодрама, стендап или воопшто одржување на некој мотивационен говор пред помала публика.

Маркетинг

Јас сум од оние кои не оставаат ништо на случајност и затоа секогаш сум многу возбуден, тремосан, дури и нервозен. Секако со искуството доаѓа и вештото прикривање на сето ова. Најтешки се театарските премиери. Секој си ја има својата мантра пред претставата, некој зборува трипати повеќе од вообичаеното, некој само молчи, некој во последен момент го доучува текстот, некој се загрева физички, некој се расправа со сите и цел свет му е крив. Хм.. вака пишувајќи мислам дека ги правам сите овие работи… (Смеење)

Имаш ли некои твои ритуали со кои ја одржуваш кондицијата?

Секако, пред секоја претстава вежбам за да ми дојде повеќе крв во мозокот со што мислата би ми била побрза. Но, сево ова зависи која претстава се игра вечерта. Пред секоја претстава имам различни ритуали. За некои морам да бидам два и пол часа пред почетокот.. да заборавам, на надворешниот свет. А за некои обратно, сакам да дојдам што посвеж и понезагреан, и се правам дека баш ми е гајле. Сето ова се осознава по пат.

„Не можам да ја опишам тагата заради отсутноста од дома и од моите две дами“.

Како успеваш да го усогласиш приватниот живот со работните обврски?

Морам да признаам доста тешко, но тоа не значи дека не е изводливо. Ако твојот партнер точно знае и ја разбира твојата работа НЕМА проблем. Но, секако се јавуваат недостатоци на заеднички поминато време, што раѓа доста недоразбирања.. кои секако се од љубов, а не од нетрпение. Најтешка ми беше 2019 година. Во истата година подготвував претстава со главна улога МАКБЕТ, подготвував ЗЛАТНА БУБАМАРА, играв во краткометражен филм, три улоги во три серии и три во долгометражни филмови. Едноставно не можам да ја опишам тагата заради отсутноста од дома од моите две дами.

Дали ти беше тешко по неверојатно брзото темпо на работа како актер наеднаш, заради ситуацијата со Короната, да бидеш принуден да запреш, да нема престави, одеднаш да ја снема магијата што се создава само на театарските штици? Како го минуваш времето сега и дали ти недостасува публиката?

Во сите интервјуа до сега сум рекол дека сум зависник од оној адреналин додека си токму на тие штици.. Но зависник уште повеќе од аплаузот со кој те испраќа публиката на крајот од претставата. Тоа е оној момент која согледуваш што си сработил, како си го сработил тоа и колку ја сакаш твојата работа. Тој аплауз може да те вивне високо, но и да те тресне доста ниско.

Но сепак, секој актер е зависен од тој звук.

Во гардероба ги соблекуваме улогите и ги облекуваме нашите приватни кошули, но звукот од аплаузот не престанува во ушите уште долго. Сега од како станав татко, престанува само кога доаѓам дома и ќе те пречекаат четири мили љубовни очи. Дури сега научив улогите да ги соблекувам пред домашната врата.

Затоа сега многу ми недостасува оваа рутина. И не можам да го дочекам денот на громогласниот аплауз.

„Оваа ситуација ме натера да забоавам на престижот и да погледнам вистински во моите најблиски“

Пандемијата на Ковид-19 ни ги промени плановите на сите и неминовно се одрази на нашиот живот. Но, дали ова што ни се случува со пандемијата може да се доживее и како еден необичен подарок, односно ако ги тргнеме настрана сите оние лоши моменти, да го доживееме и како нешто што нѝ овозможи да посветиме повеќе време на семејството и на нашите деца?

Покрај навиката и она што погоре го напишав, мене оваа ситуација ме натера да застанам на земја, да ги погледнам вистински моите најблиски, да заборавам на престижот и трката со животот или трката со самиот себе и со успехот. А инаку, практично кажано, мислам дека сум испаднат од форма. И тоа е уште една од причините заради кои не би сакал оваа ситуација да се одолжи уште многу. Инаку, што се однесува до тоа што сега некако повеќе време поминувам со семејството, тоа секако дека ми дојде како подарок.

Твојата сопруга е докторка, специјалист радиолог. Дали како семејство чувствувате притисок заради ситуацијата и како успевате на крајот од денот да останете нормални во едно вакво фрустрирачко време?

Притисокот е голем, но таа работи во терциерното здравство каде се запазуваат сите протоколи и има максимална заштитеност. Инаку, кој рече дека остануваме нормални во ова, како што велите – фрустирачко време?! (Смеење)

Пред неколку години се оствари и во улога на родител. Што значеше раѓањето на Јоана за тебе и каков е Сашко Коцев како татко?

Најубавите мигови на еден татко се – од раѓањето на бебето, до земање од болница на мајката и бебето. Тоа некогаш се три, а некогаш пет дена. Зошто?

Па твојот семеен буџет е неограничен, славиш до сабајле пет дена, мноооогу си среќен, дури и ако не славиш сопругата те прекорува и вика оди бе негде со другарите, нели си среќен!!! А што е најважно, ти си женет и имаш дете! (Смеење).

Инаку, што се однесува до тоа каков сум како татко.. тоа не можам да зборувам за себе каков сум. Се трудам максимално да бидам грижлив, присутен, забавен како татко, готвач-татко.. и се што повлекува татковството. Посебно татко на првото дете (Повторно смеење).

Дали готвиш дома и дали уживаш во тоа?

Готвењето за мене е медитација, време за сам со себе. Инаку сум готвач со мени – ова го јадеш сега и никогаш повеќе. Затоа што не готвам по рецепти, туку импровизирам и експериментирам. Готвам од рецепт – што се нашло по дома. Ама на домашните им презентирам дека ова е прочуен светски рецепт.

Истото, нормално, никогаш нема да можам пак да го зготвам. До душа, не ми го ни бараат. (Смеење)

Како се чувствуваш кога заради обврските нема да можеш на пример да се прошеташ со ќерката и како мислиш дека таа го доживува тоа?

Мислам дека до сега со мојата ќерка сум се прошетал во точните моменти. Баш кога ме немало точно долго време колку да не ја осети мојата отсутност, доаѓам и се обидувам да го направам денот уште поведар и повесел.

Дали постои нешто што може да те исфрли од рамнотежа кога си со семејството?

Се бањаш во езеро или море со своето мало две или три годишно дете и сопругата. Нормално нели, тоа не знае да плива. Во најубавиот жар на играта, од плажата некој довикува ‘Еј, оди да се сликаме’ (вистинска случка, во неколку наврати) Сепак, рамнотежата е нарушена за кратко… знам колку на тој човек кој е моја публика му значи тоа што ме сретнал во живо.

Се сликаме и разменуваме по некоја реплика….

Поврзано

Back to top button