Сандра Малетски: „Живеј го животот со полни гради, шири љубов и позитивна енергија околу себе„
Девојката која важи за инспирација околу уредување на домот во минималистички стил за многу луѓе со нејзиниот профил на социјалната мрежа Инстаграм. Сопруга и мајка на Миа која веќе четири години заедно со своето семејство живее во соседна Бугарија. Сандра Малетски по професија е дипломиран педагог – магистер по менаџмент на човечки ресурси.
Како се одлучивте да живеете во Софија?
Сопругот живее во Софија уште од неговите студентски денови. После свадбата за околу една година живеевме во Израел, а пред да се роди Миа се вративме во Софија. Тука е нашиот дом и тука јас живеам веќе скоро 4 години, со исклучок на минатата година која што ја поминавме на Филипини.
Колку време ви беше потребно да се навикнете на животот таму и што ви е поразлично од претходно?
Со оглед на тоа што додека мојот сопруг студираше, јас скоро секој месец бев тука. Не ми беше потребно многу време да се навикнам. Многу е слично да не речам скоро исто со она на кое што сум јас навикната, за разлика од Израел и Филипини кои се едно сосема поинакво искуство во секоја смисла.
Колку и како ве промени мајчинството?
Ме промени доста, ми се променија приоритетите. Мислам дека станав посилна, поорганизирана и научив да функционирам со многу помалку сон. Ми се појавија нови чувства , емоции, неизмерна љубов што не се опишува со зборови.
Имате навистина инспиративен профил на Инстаграм за уредување на домот и креации, од каде добивате инспирација?
Кога го реновиравме станот најмногу инспирација црпев од Пинтерест и некои профили за домашно уредување на Инстаграм. Соработувавме со дизајнери кои ни помогна околу проектот, односно да го реализираме она кое што си го имавме замислено заедно со сопругот. Многу често сакам да менувам детали во домот, најчесто тоа го правам со различни декоративни перничиња, вазни, свеќи итн. Моментално во план ми е да ги сменам рачките на кујната :)
Има ли некој посебен дел од денот кој ви е најинспиративен?
Утрото, особено после појадокот кога ќе си седнам со една шолја кафе. А и навечер особено пред спиење, тогаш знаат да ми дојдат куп идеи особено за некакви промени во домот, декорации, фотографии и тн.
Која е вашата утринска рутина?
Стануваме со Миа, појадуваме и кога е убаво времето шетаме надвор на сонце и го поминуваме утрото во игра заедно.
Бјути рутина која редовно ја применувате?
Двојно чистење на лицето, серум,крем и СПФ ми се нешто задолжително. Два пати неделно маска за лице, омилени ми се sheet маските за лице.
Каков тип на облека ве опишува?
Удобна, женствена, неутрални тонови и минималистичка.
Што ве прави среќна и исполнета?
Моето семејство, времето поминато со мојот сопруг и ќерка. Кога сите мои блиски се живи и здрави.
Како се релаксирате?
Со чашка кафе и убава книга, прошетка во парк, убав филм.
Кое е вашето животно мото?
Животот е премногу краток за да се троши на неважни работи. Живеј го со полни гради, шири љубов и позитивна енергија околу себе.
Што најмногу ви недостасува во ова време на пандемија?
Слободата на која не и обрнувавме многу внимание пред пандемијата, патувањата, поминување на повеќе време со нашите родители т.е. бабите и дедовците на Миа.