Реклама
Интервју

„Не ме интересираат трендови, ме воодушевува индивидуалниот стил“.

Реклама

Интервју со дизајнерката Росица Мршиќ

Таа и самата ги носи своите модели како во официјални, така и во неофицијални пригоди и во нив се чувствува како во своја кожа. На прашањето кои три парчиња се клучни во нејзиниот плакар, таа одговара: фустан, фустан, фустан. Не ја интересираат трендовите, туку индивидуалниот стил,  и максимално е посветена на своите клиенти на кои им нуди висококвалитетни парчиња облека кои носат безвременска естетика и се носат многу сезони. Таква е и нејзината последна колекција која изобилува со париски шик и женствени, романтични модели на кои не можеме да им одолееме. Да, таа е Росица Мршиќ, една од нашите најдобри модни дизајнерки, со која поразговаравме, се подруживме и заедно со фотографката Ерина Богоева го направивме ова интересно интервју.

Маркетинг

Твојот прв допир со модата?

Модна недела Париз 2001

Каков стил преферираш?

Минималистички, прецизен, интригантен, субтилен

Дали би можеле да ни го опишете во една реченица стилот на некоја девојка што сте ја сретнале неодамна, а ви оставила добар впечаток?

Храбро и умешно комбинирање на стилски различни парчиња облека, кое делува интересно а не е нападно.

Што е хит оваа сезона?

Не ме интересираат трендови, ме воодушевува индивидуалниот стил.

Кои три парчиња се клучни во твојот плакар?

Фустан, фустан и фустан.

Што би сакала да работиш кога не би била во светот на модата?

Внатрешно уредување е вториот мој животен драјв.

Како изгледа твојот процес на создавање?

Интензивен, себе предизвикувачки, експериментален и полн со идеи.

Кажи ни нешто повеќе за твојата најнова колекција?

Паришки шик и романтичен “look”.

Ваквиот изглед е добиен со комбинација на нежни и меки линии со прецизни геометриски форми. Со виолетови и црвени тонови и бојата на лаванда е постигната суптилна деликатност на целосниот изглед.

Пред некој месец твоето студио го славеше деветтиот роденден. Како е да се гради бренд кај нас низ овие години?

Не е лесно да се создаде и одржи бренд, кој не подлегнува на стереотипите и просечноста на малиот пазар, а зборува со свој автентичен и препознатлив јазик. Јас сум посветена на клиентите, сакам и ги разбирам нивните потреби, им нудам висококвалитетни парчиња облека кои носат безвременска естетика и се носат многу сезони. Тие го препознаваат искрениот и отворен однос што го негувам со користење оригинални идеи и директен контакт со производот во текот на неговото создавање.

Дали ги носиш моделите што сама ги создаваш и кое парче ти е омилено воопшто но и од последната колекција?

Ги носам во официјални и неофицијални прилики и се чувствувам како во своја кожа:).

Што е она што не ти допаѓа на модната сцена во Македонија?

Тоа што нема конзистентост и се уште нема изградено препознатливост.

Која е твојата омилена боја?

Црна или бела.

Бјути рутина што редовно ја практикуваш?

Негуван изглед.

Козметички производ или шминка без која не излегуваш од дома?

Крем за лице, маскара и парфем.

Предмет во твојот дом со кој најмногу си поврзана?

Книги.

Последен филм или книга што добро те „раздрмала“?

Последна книга што ми остави впечаток и ме натера да размислувам за перцепцијата и односот кон творењето е автобиографскиот запис на храбрата и неконвенционална Елса Скиапарели “Shocking Life”.

Каква музика слушаш кога си сама?

Тотално ретро: Billie Holiday, Ella Fitzgerald, Sinatra…

Која е Росица Мршиќ во приватниот живот?

Прав хедонист, ужива во се што прави и што ја опкружува. Сака убави нешта и е со љубопитна природа. Го почитува и негува искрениот и праведен однос. Секогаш гледа низ розева призма:).

Што мислиш за моменталната ситуација во Македонија? И што треба да направиме за да ни биде подобро?

Да градиме одговорност кон себе и кон општеството, да ја чуваме и негуваме природата и да сме свесни дека секоја добра промена почнува од нас самите.

И за крај кој би бил твојот совет за некоја млада девојка што сака да започне свој моден бренд во Македонија?

Упорност, посветеност, доследност и следење на своите инстинкти.

Фото: Ерина Богоева

Поврзано

Back to top button