Повторно се огласи мајката на Вања, овој пат го спомна и таткото Александар. Еве што се случува со истрагата
Полицијата веќе петти ден интензивно трага по исчезнатото девојче Вања Ѓорчевска од Скопје
Сигналот од мобилниот телефон на Вања се губи преку патот на Универзална сала, на булеварот Партизанска.
Потрагата по Вања Ѓорчевска од Скопје влезе во петтиот ден, а Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски за медиумите изјави дека се прегледани повеќе од 50 камери, сите подруми, коритото на реката Вардар, како и дека се земени сите електронски уреди, но и дека имаат некои информации од нив.
Тој додаде дека е формиран специјален тим кој активно работи скоро 24 часови на ден, а додаде и дека се проверени и сите манастири во нашата земја. Министерот Спасовски исто така им се заблагодари на медиумите во борбата против лажните вести и апелираше до сите да не се шират паника и шпекулации. Тој исто така изјави и дека сите профили што шират лажни вести веќе се детектирани, а дел од нив и се повикани во полицијата, каде што ќе се утврди дали ја загрозуваат истрагата и ќе бидат предадени на обвинителството.
Принтскрин/ Фејсбук
Министерот исто така додаде и дека системот „Сејф Сити“ функционира, но и дека системот за препознавање на лице односно „Фејс рекогнишан“ ќе биде инсталиран за неколку дена, односно на 10 декември.
Мајката на Вања, Зорица, која прва на социјалните мрежи сподели апел за пронаоѓање на девојчето, само неколку часа по нејзиното исчезнување, во разговор со порталот „Фокус“ изјави дека е свесна за интересот на јавноста за овој настан, но и дека шпекулациите не само што нема да помогнат, туку можат и да одмогнат во истрагата и да ја доведат во крив правец.
Принтскрин/ МВР
Таа за бројните реакции во врска со таткото на Вања, каде е тој и зошто ништо не објавува јавно, вели дека тој не користи социјални мрежи. И таа самата претходно многу малку објавувала на социјалните мрежи, така што не гледа ништо спорно околу тоа, вели загрижената мајка, а пренесе денес порталот Фокус.
Таа исто така додаде и дека таткото на Вања, Александар, не се занимава со ризична професија и повторува дека сите шпекулации околу наводното киднапирање на нејзината ќерка заради работи поврзани со нивната професија можат само да и наштетат на истрагата.
Принтскрин/ Фејсбук
И МВР исто така апелира да не се шират дезинформации, а објави и демант во врска со тоа дека Вања наводно била пронајдена.
Потсетуваме, Вања Ѓорчевска има 14 години и исчезна на 27 ноември во раните утрински часови на патот кон нејзиното училиште.
Фото: МВР
Мајката на девојчето го пријави исчезнувањето на 27 ноември, откако класната раководителка се јавила кај неа и кажала дека Вања не дошла на првиот час. Откако мајката на Вања видела дека е недостапна, веднаш пријавила во полиција. Последен пат, односно пред да се исклучи телефонот, локацијата била на булевар „Партизански одреди“ кај „Броз кафе“, наспроти „Универзална сала“.
Оттука и се губи трагата. Деталниот опис и фотографијата на девојчето е во билтенот на МВР за исчезнати лица.
Вања е висока 175цм, тешка околу 58 кг , со кафена коса и кафени очи, бемка на десната страна од лицето, носела протези на забите. На себе носи црни пантолони со странични џебови, син дуксер, кратка црна зимска јакна, бели патики најк со кафене линија и со себе носела и училишен ранец и мобилен телефон ајфон. За секоја информација која може да биде корисна за потрагата по Вања, пријавете на 112.