Планинарите од ПД Лисец од Штип изминатиов викенд се искачија на врвот Кајмакчалан ( 2521 ) на планината Ниџе каде на 10 февруари загинаа Калина Велевска ( 27 ) и Александар Миновски ( 35 ).
Тие запалија свеќи во црквата Св. Илија но и на местото каде што загинаа младите планинари. Поради лошите временски услови и овој пат искачувањето не беше лесно, но како што кажуваат самите планинари, се движеле во група и не дозволувале никој да се оддели. Искачувањето беше во рамките на традиционалниот планинарски марш „февруарски поход“ кој ПД Лисец го организира уште од самото основање на клубот, а којшто по по смртта на претседателот Трајковски е преименуван во „Марш Борис Трајковски“.
Членови на ПД „Лисец“ досега ги своиле сите повисоки врвови на Балканскиот Полуостров и во Европа, почнувајќи од Мон Блан, па до бројни врвови во Норвешка, Финска, Италија, на Алпите, на Татрите итн. Исто така, планинари од овој клуб имаат освоено и неколку врвови во Африка и во Азија. Алпинисти на „Лисец“ меѓу другото имаат учестувано и во освојувањето на врвот Манаслу на Хималаите, еднаш како дел од македонска експедиција, а еднаш во состав на македонско-австралиска експедиција.
Фото: Фејсбук, Тоше Ристов