Пазете се од вакви измамници: Скопјанка наседнала на Фејсбук, ѝ ветувал работа во Германија за нејзиниот син
Скопската полиција денеска информира за измама која се случила преку социјалната мрежа Фејсбук каде скопјанка била излажана дека ќе ѝ биде решен голем проблем – вработување за нејзиниот син во Германија.
Според полицискиот билтен случајот бил пријавен вчера попладнето во 15 часот во СВР Скопје.
Жената што го пријавила случајот на измама има 53 години.Таа на Фејсбук контактирала со маж кој се прикажал дека е посредник за работа во странство. Измамникот ѝ ветил на скопјанката дека ќе најде работа за нејзиниот син во Сојузна Република Германија.

Госпоѓата поверувала во неговата приказна и во периодот од 12.10.2023 до 10.11.2023, како што вели полицијата, на лицето, на различни банкарски сметки, му уплатила вкупно 13.516 денари.
Овие пари тој ѝ ги барал наводно за потребните документи за ветеното вработување. Подоцна измамникот повторно побарал пари, овој пат 3.000 денари за обезбедување нови документи.

Тогаш скопјанката видела дека е е измамена и ја прекинала комуникацијата со него, а случајот го пријавила во полиција која, како што вели, презема мерки за откривање на сторителот на кривичното дело.




