26 години е во МТВ. Последните седум години е водител заедно со колегата Орце Гелевски на емисијата „Фолк Џубокс“. Секогаш средена, со својата специфична убавина и смирен и пријатен глас им ја разубавува секоја недела на гледачите. За професијата вели дека е потребно да бидеш свој, да не копираш никого, а публиката или ќе те прифати или нема да те прифати. За својата љубов со Љупчо вели дека од прв момент е љубовна искра и желба која трае со истиот интензитет.
Приватна архива
Нејзиното животно мото е -почитувај ги другите како што би сакал да бидеш почитуван- искрено со водителката и новинарка Татјана Петровска.
Вашиот професионален работен век од 26 години е во МТВ. Последните седум години сте водител заедно со колегата Орце Гелевски на емисијата „Фолк Џубокс“. Секогаш средена, со својата специфична убавина и смирен и пријатен глас им ја разубавувате секоја недела на гледачите на МТВ. Се сеќава ли Тања како го започна ова телевизиско патување?
Благодарам, преубави зборови. Убаво е кога луѓето така те доживуваат .Уште подраго ми е што на вистинскиот начин имам можност да раскажам накратко во што е сличноста меѓу мене и новинарите на *Гламур*. Кога во далечната 1997 дојдов во информативната редакција на МТВ, веднаш им реков на одговорните- извлечете го мојот максимум така што ќе ми дадете можност да афирмирам а не да критикувам. Не дека не треба да постои и критика во новинарството,напротив, но едноставно мене многу подобро ми оди кога треба да претставам нешто што е добро, убаво, афирмативно. Такви сте и вие од *Гламур*. Секогаш, за сите од нас умеете најдоброто да го истакнете. Мои луѓе !
Само 15 дена по дипломирањето на Филолошкиот факултет, случајна познаничка дури инсистираше да се појавам на конкурсот за хонорарни соработници во МТВ додека чекам работа во просвета. Драго ми е што заминав сосема сама, без никакви ургенции или врски и од тоа појавување до ден денешен јас останав во МТВ. Немам ни 1 час работно искуство на друго место. МТВ ме освои на првата средба и иако имаше тешки периоди низ кои поминуваше МТВ, истовремено и јас имав навистина привлечни понуди од други медиумски куќи ( им благодарам ),сепак првата љубов ми остана професионално најсилна.
Сега сум многу горда на тоа. Навраќајќи се на сработеното, за среќа брзо во мене одговорните препознаа водител, па поминав низ многу емисии и проекти – Скопска програма ,Програма на градови, Екологија, Неделно попладне, Семеен магазин, Инстинкти, Ноќна програма, Утринска програма…се до најпопуларната емисија која ги сруши сите рекорди на гледаност – Иселенички Џубокс. Е, оттогаш започна моето професионално другарување со македонската фолк музика.
Приватна архива
Кој Ви беше учител за водителството и новинарството, од кого учевте на почетоците?
Драго ми е што можам да им изразам јавна благодарност .За жал некои од нив само со почит да ги споменам, зашто одамна не се меѓу нас. Пред се и пред сите бардот на македонското новинарство Слободан Трајковски. Тоа беше време кога имаше кој да те слушне, да провери, да укаже на грешките. Се познати имиња во телевизиското новинарство – Мирјана Димовска, Лилјана Алтипармакова, Владо Арсов, Драги Аргировски, Димче Велјановски. И навистина списокот на тогашните уредници е долг.
Секој од нив совесно си ја вршеше работата и со крајно внимание умееше да не посоветува нас младите новинари, да ни покаже каде грешиме и како треба. Кога првпат влегов да водам Скопска програма а тоа беше отприлика по само еден месец искуство, по завршувањето ми пријде Слободан Трајковски и ми рече – Браво, трема немаш, го слушаш соговорникот, го пратиш и не поставуваш веќе одговорени прашања. Камерата те сака а времето го следиш ( бидејќи емисијата одеше во живо ).Но, секој има свој адут кој мора да го користи пред гледачите. Твој адут се очите, кога зборуваш со устата не заборавај дека мора да научиш и со очите да зборуваш. Веднаш разбрав што сака да ми каже. До ден денешен, ги препознавам луѓето што зборуваат со очите и на нив најмногу им верувам.
Приватна архива
Од каде љубовта кон фолк музиката и зошто токму емисија за фолк музика?
Најпрвин беше работна задача, емисијата Иселенички Џубокс која искрено прво помислив дека повеќе наликува на емисија за радио. Но, повторно му верував на уредникот Слободан Трајковски кој ми рече – ќе видиш колку ќе ја прифатиш оваа емисија и што ќе значи баш оваа емисија за твојата кариера. Уште на првата емисија ( оттогаш почнавме да работиме како водителски пар со Орце Гелевски) во живо, знаев дека сакам да останам. Беше тоа емисија со многу душа, многу емоции, многу хуманост, сплотеност, поврзаност со македонската дијаспора и се тоа преку моќта на нашата македонска народна песна. Од тука произлегоа многу контакти, многу средби и патувања. Емисијата требаше да се надградува, но како и секогаш кога е најдобро се појавува некој што умее да расипе се за свои лични интереси и полека со нашето најгрубо оттргнување од емисијата што ја создадовме, се наsираше нејзиниот крај и згаснување. Но, да не зборуваме за негативни луѓе и ситни души. Оттука , по повеќе години произлезе и името на Фолк Џубокс.
Приватна архива
Што е потребно да се поседува за да се биде успешен водител-новинар?
Само оригиналност и душа. Да бидеш свој, да не копираш никого. Публиката или ќе те прифати или никогаш. Ако не, тогаш секој треба да си побара друга професија. Како и многумина и јас, сум имала и успеси и падови во работата, но таа моја публика ми давала поддршка секогаш. Најголемо фала, ја препознаа мојата намера. Треба да има човек и душа. Да не е злобен, да не е завидлив, да не е сплеткар, да не *гази преку луѓе * за своја добивка. Барем не во оваа професија. Камерата и телевизискиот екран се големи издаици, се се препознава преку објективот, Нашиот народ е паметен, чувствува и казнува или наградува.
Приватна архива
Инаку сте професорка по македонски јазик по струка, не посакавте ли да го работите тоа во некој период од животот?
Преубавото телевизиско патување низ професијата започна затоа што така судбината одредила. Јас не во прв момент, ама сега сум и многу благодарна на судбината. Уште пред да се запишам на училиште ,некаде околу 5 години имав кога реков дека ќе бидам учителка. Знаев да читам и ќе ја прашав мајка ми – Мамо, дали учителките *излегуваат* на телевизија? Таа, веројатно за да го задоволи моето мислење ми велеше- ако си најдобра, најдобрите излегуваат. Јас потоа ќе го земев весникот во раце и ќе речев – не знам ,ама ајде јас да повежбам читање, знам дека ќе‘*излегувам на телевизија.
Дваесет и пет години подоцна се најдов во телевизиските студија на МТВ и оттогаш ја имам работата која ја обожам ,благодарение на мнопгу нешта.
Приватна архива
Се занимавате и со пишување на текстови за песни , кои ги отпеале Благоја Грујовски, Бобан Цаневски, Душко Георгиевски, Ефто Пупиновски, Ибуш Ибраимовски, знам дека ова Ви е како хоби, но дали планирате во иднина да бидете попродуктивни и дали имате некој нов текст за некоја песна која можеме да ја чуеме во иднина?
Секоја чест за деталните информации. Отсекогаш пишував се, поезија, проза, есеи, секакви текстови и стихови. искрено, понекогаш се прекорувам што ете не сум попродуктивна кога веќе и работам со музика. Се што се отпеало било по иницијатива на композиторите, а најмногу од сите на Ефто Пупиновски. Чест, привилегија и огромна среќа е изведувач како Ефто да посака да отпее песни на мој текст и тоа не една, неколку. Со него и најконструктивно сме создавале, заедно.
Приватна архива
Не знам зошто, но ете сите мои текстови се за *машки песни . Сакам да напишам една убава емотивна, баш „женска“ песна и тоа ќе го направам. Со Бобан Цаневски направивме и текстови на српски јазик и се уште има не снимена една дуетска песна на српски јазик. Да, убаво што и вие ме инициравте. Од овој момент, следната година ќе се посветам поинтензивно на пишување текстови.
Вљубени сте и среќни веќе пет години, Ви се случи ли љубовта во прав момент и што е најважно, една љубов да опстои?
Јас и Љупчо сме еден за друг, тоа сум сигурна. Од прв момент љубовна искра, желба која трае со истиот интензитет. Честопати сум се прашувала зошто судбината не не споила многу порано , но веројатно така требало да биде. Можеби се пропуштени многу години на заедничка среќа но благодарна сум што сега гордо стоиме еден покрај друг. Многу работи се важни во партнерството а најголема од сите е љубовта. Кога неа ја има , тука до неа стојат и довербата, поддршката, верноста. Откако сме заедно со Калц, јас сум комплетна, се пронајдов себеси, тој бил делот што ми недостасува за целото да ми биде – СЕ.
Приватна архива
Што е тоа што најмногу ве привлече кај Вашиот партнер?
Од првиот момент ми подари љубов каква што јас сакам како и јас на него. Не се сомневав дека како што го запознавам тој беше таков како што очекувам. Не само со мене туку и во сите сегменти на животот. професионалец каков што ретко се среќава во својата професија, одговорен и премногу чесен. Без никакви професионални афери што е реткост кај спортистите.
Човек што го почитува семејството и секој добронамерен во неговиот живот но истовремено и многу искрен ,отворен и импулсивен кон оние што не се баш добронамерни. Со други зборови, не е лицемерен и не знае да глуми. Неправдите некогаш го прават енергичен и гласен, но не дека е мој ама ретко кој може парира на неговата чесност и искреност.
Приватна архива
Кога родителот е горд на своето дете, и колку Тања е горда на својот син од она што е тој денес?
Фала му на Бога, имам културно и воспитано дете кое никогаш во животот не ми приредило непријатности. Дарко отсекогаш имаше афинитет кон странските јазици и зборува неколку од нив. Работи како професор по шпански јазик во училиштето Филос и многу сум среќна што работи во една културна средина во која има меѓусебно почитување. Работи и со возрасни слушатели, но најсреќна сум кога ќе ми раскажува случки со дечињата или кога ќе видам некоја посвета од нив до него ,кажувајќи му колку им се убави часовите со наставникот. А на некој начин, Дарко го оствари мојот сон за просветна дејност.
Се радувам за успехот на сите деца на светот, буквално на сите им посакувам само среќа, и секако и на моето понатаму низ животот.
Приватна архива
Кој елемент е важен за целокупниот визуелен впечаток на жената?
Не за џабе е кажано – Убавината е важна се до моментот кога ќе треба нешто и да се прозбори. Или има и една друга мисла – зборувај ми за да видам колку си убава. Не за џабе битолчани на пример за добар човек викаа убав човек. За жените особено важна е и културата, манирите, навиките и повторно таа црта во карактерот која ја носи добрата мисла. Сите ние грешиме. Јас сум на пример брзоплета понекогаш, експлозивно реагирам на неправда. Но, кога од срце не мислиш лошо не е проблем и да погрешиш. Ниедна ненамерна грешка не може да биде катастрофална. А, и убавината, и таа е индивидуално чувство. Секоја жена што држи до себе, има свои принципи и се изградила како должност не може да помине незабележано.
Приватна архива
Како се негува Тања и што е најважно за убавината на една жена?
Благодарам ,повторно. Се обидувам секаде да се појавам пристојно средена и секаде со себе да го понесам и моето јас. Немам некои навики дури ни за повремено посетување на козметички салони но тоа не значи дека сама дома не знам да си подготвам некоја маска за лице или за коса. Мислам дека за да изгледа човек убаво пред другите треба убаво да се чувствува. Внатрешната исполнетост рефлектира пред другите. Имам професија која особено бара пристоен изглед, затоа она што ми го дала мајката природа и моите родители треба да се негува. Убавото да се истакне ,недостатоците да се прикријат. Тоа е моето правило.
Приватна архива
Ги сакате и животните и се грижите за уличните кучиња, од каде оваа љубов кон животните?
Првпат некој ме прашува за моите мнооогу сакани душичиња, моите улични миленичиња. Нека ми простат сопствениците на домашни миленичиња ама моја слабост се уличните. Не постои кученце што сум го пресретнала а не сум го нахранила. Ако го одминам, цел ден ќе го мислам. И, сите ми се преубави и сите ги сакам. Денот ми почнува си маалските Нуну, Меденце, Миле, Инsирче..Тука е секогаш уште по некое кученце но и неколку маалски мачиња. Најголема мака ми е мислата како да ги нахранам сите а да не си пречат едно на друго.Но,се научивме полака.проблем ни е уште галењето зашто сите сакаат одеднаш да се галат и љубоморнички се а имам само две раце. Откако ќе се изгалиме им средувам околу куќичките им менувам вода и веќе на фудбалскиот стадион ме чекаат Шарче, Јадре и мојата душа Жуче. И тука со Љупчо сме сосема исти, многу сака и тој животни и секогаш чувал по неколку. Да не ги заборав и домашните Ада и Луна и мачињата Марко, Црвенка и Црнче. Замислете само колку ни е исполнет денот, хахаха. Кога одиме на одмор ангажираме многу ѓе за да се грижат и ништо да не им недостасува. И, да завршам – колку што јас ги сакам нив толку тие ме прават среќна мене, ми го прават денот најубав.
Приватна архива
Готви ли Тања и што е Вашиот специјалитет?
Да, готвам и многу ја сакам кујната. Можам часови и часови да поминам во кујната и тоа да ми претставува задоволство. Особено кога другите го бендисуваат тоа што ќе им го зготвам. Нема нешто што не сум зготвила. Син ми е вегетаријанец и само му измислувам нови специјалитети а тој е воодушевен од понудата. Љупчо сака убави чорби, и тестенини на 1001 начин. Готвам и солено и слатко, интересна ми е и играта со тесто кое некако ептен го погодувам. Немав направено само шкембе чорба но ете минатата години и неа ја направив и оттогаш е редовна на нашето мени. Готвам и интересно ми е.
Приватна архива
Кое е Вашето животно мото?
Почитувај ги другите како што би сакал да бидеш почитуван. Не секогаш и не со сите можеме еднакво да функционираме ,да другаруваме , но должна почит секој треба да покаже. Важно ми е моите двигатели, луѓето околу мене да ми бидат живи, здрави и среќни, работата да ми оди добро и јас сум му благодарна на Бога. Не ме интересираат туѓите животи а повторно фала на Бога ,умеам да се радувам на сечија среќа. Што повеќе среќни луѓе наоколу, толку е подобар и светот за живеење.
Приватна архива
Една порака до младите новинари и водители, која е тајната да се биде успешен новинар-водител?
Од една страна да препознаат дали ја имаат таа sвезда, да се занимаваат со јавна професија. Од друга страна ако ја чувствуваат и ако имаат желба, постојано да се надградуваат. да не дозволат да им се случи недозволена грешка, голем лапсус какви што имало низ годините во новинарството, во водителството. Но, најмногу од се да бидат она што се, природни. Секој обид за манипулација со публиката завршува поразително. Најстрогиот и најдобриот критичар кој никогаш не греши е публиката.