Отворете ги очите во недела и барајте ја Атиџе Муратова. Таа е најголемата ѕвезда на Оскарите
Медена земја е приказна за главната хероина Атиџе Муратова која ги импресионираше сите со својата појава
Во недела на 9 февруари кога цел свет ќе ги очекува Оскарите, нашиот документарен филм „Медена земја“ ќе се бори за две категории од оваа најпрестижна филмска награда. И како што вели Атиџе во филмот за медот, така и на коментарите во Македонија можевме да прочитаме дека доволно е да освоиме еден Оскар, а другиот да им го оставиме.
Всушност тоа е и главната поента во генијалниот документарец „Медена земја“– да живееме во хармонија со природата и да знаеме како да делиме со другите. Во прашање е ремек-дело на македонската кинематографија кое благодарение на главната хероина во филмот, нејзината харизма и бивствување, влезе во историјата на светската кинематографија како прв филм номиниран за Оскар во две категории – најдобар странски филм и најдобар документарец.
Приказната е поврзана со светот на исконските вредности на човекот и природата, за една фасцинантна жена која живее во живописен дел од Овчеполието. Таа е последната пчеларка во Европа која медот го чува онака како што тоа го правеле и нашите предци пред илјадници години. Таа воедно е и жена која се бори и која по секоја цена сака да ги сочува своите пчели и да ја врати природната хармонија во нејзината Земја на медот. Таа со својата појава веќе го освои Холивуд, а за неа водечките светски медиуми веќе пишуваат како една од најголемите ѕвезди на годинешниве Оскари.
Па така текстот на меѓународната новинска агенција АФП со седиште во Париз насловен како „Атиџе, македонската пчеларка која го шармира Холивуд“ започнува со зборовите . „Отворете ги очите во недела на доделувањето на Оскарите и барајте ја Атиџе Муратова. Не може да ја промашите. Таа ќе биде единствената македонска Турчинка, традиционално облечена жена среде ѕвездите во Театарот Долби во Холивуд“. И мислам дека тоа кажува сé.
Имено, жената која до вчера живееше во својата трошна колиба од камен и плитари, без струја и вода, заедно со својата стара и болна мајка, во дивите предели на Македонија, веќе го освои Холивуд. Како што вели продуцентот Атанас Георгиев, дури и легендарната холивудска актерка Сара Џесика Паркер била возбудена што ја запознала Атиџе откако го гледала филмот. „Атиџе дури и ја предвиде и иднината гледајќи и на кафе“, вели тој за странските новински агенции.
Георгиев меѓу другото и најголемиот дел од феноменалниот успех на филмот го препишува токму на „прекрасното срце на Атиџе“, но тој смета дека врз нив делувала и „магијата на нејзината покојна мајка – матицата на филмот“.„Мислам дека ни фрли магија, аманет да ја чуваме ќерка ѝ откако нејзе ќе ја нема’, вели продуцентот на документарниот филм.
Нејзината појава предизвика вистинска хистерија и во Македонија, а секој што во изминатиов период имаше можност да ја запознае е воодушевен од нејзиниот карактер.
Тоа го изјави и Тања Кокев, која е задолжена за креациите и на останатите членови од екипата на „Медена земја“ за Оскарите. Кокев за Атиџе вели дека не е жена која се трансформира, туку „ние сме тие што се трансформираме додека сме во нејзино присуство и учиме од неа“.
„Ние не сме тие кои треба на таа скромност да и кажуваме како да прошета на Оскарите. Таа си ја знаеше бојата уште пред да и го отвориме каталогот. Секако дека ќе го испочитуваме дрес кодот на домаќините, Оскарите и ќе ја стокмиме во свечено руво, но нема да ја трансформираме бидејќи не гледаме потреба за такво нешто. Ќе ја испратиме на Оскари скромна, убава, дотерана онака како таа ќе се чувствува најпријатно. Само во една средба таа ми кажа 10 мудрости, јас тука не можам и не сакам ниту да додадам ниту да одземам нешто“ пишува Кокев на нејзиниот профил на Фејсбук.
Култот на Атиџе
Медена земја го режираа Тамара Котевска и Љубомир Стефанов кои го следеа животот на Атиџе Муратова, жената која што живее во склад со природата и која на посебен начин ја покажа моќта, но и силата на обичниот човек.
Интересно е тоа што режисерите сосем случајно ќе ја сретнат Атиџе и ќе решат да снимаат документарец за нејзиниот живот и пчелите. И дури откако го снимиле материјалот, воочиле дека имаат сериозно добар филм пред себе.
Нејзината порака половина од медот да се земе, а половина да се остави за пчелите е универзална порака како треба да се однесуваме кон природата, доколку не сакаме да бидеме казнети од неа. „Во спротивно можеме да стигнеме до амбисот, за да ја научиме лекцијата“, вели продуцентот и монтажерот Атанас Георгиев, за „БиБиСи“ на српски.
И откако филмот освои три награди на филмскиот фестивал Санденс, основан од актерот и режисерот Роберт Редфорт, за него пишуваа најпознатите светски магазини- Гардијан, Њујорк тајмс и Венити фер.
На овој начин цел свет дозна за скромната Атиџе од Македонија, која луксузот го мери со бројот на залаците што ќе ги изеде. И да, таа можеби е последната жена во Европа што собира мед на природен начин, но и првата жена од Македонија, која поради својата голема љубов кон природата, стигна дури и до Оскарите и не научи како да се однесуваме ако сакаме да чекориме кон подобро утре. И токму затоа денес на местото на кое што е снимен документарецот не престануваат да доаѓаат гости од сите страни на светот. Сакаат да ја запознаат главната хероина, да и честитаат и да позборуваа со неа, но и да ја видат нејзината трошна куќа и местото покрај реката Брегалница каде што таа го собира медот.