Нови сознанија за ширењето на заразата: Откриен пациент во Франција, фатил коронавирус уште во декември
Откако една француска болница ги повтори тестовите врз стари примероци земени од пациенти кои боледувале од воспаление на белите дробови, откри дека еден заболен маж бил позитивен на коронавирус на 27 декември.
Тоа е речиси месец дена пред француската влада да ги потврди првите официјални случаи на коронавирус.
Ив Коен, шеф на болница од северот на Париз, рече за БеЕфЕм ТВ дека научниците повториле тестирање на примерок од 24 пациенти кои се лекувале во декември и јануари, а чии тестови биле негативни на грип.
„Од тие 24 имавме еден кој беше позитивен на ковид-19 на 27 декември“, рече Коен.
„Секој примерок повторно е тестиран повеќе пати за да се отстрани можноста за грешка“, додаде тој.
Станува збор за двајца пациенти во Париз и еден недалеку од Бордо.
Коен вели дека е прерано да се каже дали пациентот чиј тест на 27. декември бил позитивен е францускиот нулти пациент. Сознанието за тоа е критично за да се разбере тоа како се ширел вирусот.
Коен додаде дека тој пациент преживеал.
„Бил болен 15 дена и ги заразил двете свои деца, но не и жената која работи во супермаркет. Бил воодушевен, не знаел како се заразил. Ја сложивме слагалицата и откривме дека не патувал. Единствен контакт му бил оној со сопствената жена. А таа работела близу штандот на кој се продава суши, близу колега од кинеско потекло. Меѓутоа не е познато дали тие луѓе патувале во Кина, а тоа би требало да го истражат локалните институции“, додаде Коен.