Реклама
Вирално

Нови проблеми за Македонците со бугарски пасоши

Реклама

И покрај најавите на Бојко Борисов дека ќе се заострат условите за добивање бугарски документи, во Македонија се уште не запира трендот за вадење бугарски пасоши и тоа најчесто од егзистенцијални причини.

Бројките рушат рекорди, посебно во источниот дел од Македонија, а според неофицијални податоци тие се движат од 50.000 до 150.000 Македонци кои извадиле или имаат поднесено барање за бугарски пасош.

Само во Делчево повеќе од 70 % од жителите имаат двојно државјанство, а таму се наоѓаат и најголемиот број посредници преку кои можете да извадите бугарски документи.

Маркетинг

Овој тренд не запира, па така и оваа година се повеќе Македонци поднесуваат барање во соседна Бугарија за да ги извадат потребните „европски“ документи.

Нашите граѓани тоа најчесто го прават од егзистенцијални причини, а како што известуваше неодамна Дојче Веле на македонски јазик, Македонците биле „привилегирани“ во процесот за добивање на пасоши.

Маркетинг

Како што изјави сведок кој неодамна ја обелодени корупциската шема во Агенцијата за Бугари во странство која што ја тресеше Бугарија, за Македонците да добијат сертификат за бугарско потекло тарифата била 1000 евра, додека за граѓани од Косово помеѓу 3000 и 5000 евра.

Врз основа на ваквиот сертификат за бугарско потекло и статус на постојан престој во Бугарија, наште граѓани можат да поднесат барање и по одреден период да го добијат својот пасош со кој можат слободно да патуваат и работат во Европа.

Проблемот е во тоа што тие користат фиктивни и лажни адреси, а сумите за да ги обезбедат истите се движат од 50 до 100 евра. Оваа појава најмасовно се случува во пограничните области, во Благоевград и Ќустендил, а во Агенцијата постоеле и тарифи за експресно добивање на пасоши, како и за услови за странци со муслимански имиња.

Поединците за услугата плаќаат од 300 до 500 евра, а тарифата за посредниците се движи околу 500 евра.

На ваков коруптивен начин илјадници странци во изминативе години станале Бугари, а Македонците го држат рекордот. Па така пред неколку месеци министерката за правда Цецка Цачева реферираше дека само од 2011 до 2016 преку 70.000 Македонци добиле бугарско државјанство.

ЕУ сака да запре продажбата на пасоши

Неодамна Европската комисија предупреди за ризикот што го носи тоа што некои ЕУ држави за пари даваат визи и пасоши.

Па така меѓу овие земји на самиот врв е и Бугарија која отворено продава државјанства, а со тоа истовремено продава и државјанство за цела Европа. Поради ова, во Бугарија беа уапсени двајца високи владини службеници кои за пари издавале лажни уверенија за бугарски потекло и со тоа овозможувале стекнување право на бугарски пасош.

Во исто време беше обвинет и поранешниот шеф на Агенцијата за Бугарите во странство. Тој големата измама ја организирал заедно со свој близок соработник, а Бугарските власти пред Европската комисија ветија дека ќе преземат мерки против корупција од ваков вид. Но како што пишуваат аналитичарите, проблемот со трговијата со „Бугарските државјанства“ не се решава, туку истиот се користи за да се корумпираат политичарите и да се влијае на нив.

Кучињата лаат, караванот си врви

И покрај тоа што во Бугарија неодамна имаше апсења за издавање на пасоши на граѓани од Македонија, Украина, Молдавија и Албанија, многу наши граѓани се уште чекаат и се надеваат дека ќе извадат бугарски документи. Во акцијата беа уапсени и неколку посредници од српските погранични градови, а во март годинава и францускиот медиум пишуваше за тоа дека Бугарија фабрикува лажни, но и опасни европски граѓани преку издавање на пасоши.

Но Македонците кои посредуваат при вадење бугарски пасош не се плашат дека ќе завршат во затвор или дека нивните клиенти ќе останат и без пари и без пасош.

Бугарија наводно презема мерки да се санкционира ваквиот процес, но според посредниците, оние што имаат исправни документи, како за потеклото, така и за престој, не би требало воопшто да бидат загрижени.

Можеби сега контролите ќе бидат поригорозни, но оние што ќе успеат да ги набават сите документи што се потребни, повторно ќе можат да извадат пасош.

Така барем не уверуваат посредниците од Македонија, а дека тоа е така и дека тие не се плашат дека би можеле да одговараат, кажува и фактот што на интернет се уште можете да најдете огласи во кои се нуди посредување за вадење на бугарски пасоши. На огласот на кој што се јавивме, посредникот отворено не само што ни понуди и услуга за помош при постапка за добивање на државјанство (види ја сликата), туку ни понуди и адреси во Софија и регулирање на привремен престој во Бугарија.

Бугари под наводници

И покрај тоа што помина цела година откако премиерот на Бугарија, Бојко Борисов, најави Министерството за внатрешни работи и Државната агенција за национална безбедност да ги проверат издадените документи за бугарска легитимација за странски државјани во последните пет години, досега не е откриен ниту еден случај граѓанин на Македонија извадил бугарски пасош со лажни документи.

Од друга страна официјалните власти во Бугарија под притисок на европските институции минатата година направија проверка на работата на Државната агенција за Бугарите во странство (ДАБЧ) и притоа утврдија дека таа била легло на мито и корупција. Беше притворен и тогашниот нејзин претседател, а најскандалозно беше тоа што за добивање документ од Агенцијата се земало мито од 300 до 5000 евра.

Но и покрај ова, ДАБЧ продолжи да си поигрува со „бугарштината во Македонија“ (како што неодамна објави порталот Фактор.бг), па така во јавноста излегоа и документите на жена од Македонија која преку Бугарскиот клуб во Скопје одлучила да побара бугарско државјанство. Но, Бугарскиот клуб како документи пред Агенцијата за да се утврди или потврди нејзиното бугарско потекло, користи посмртница на нејзиниот дедо Г. М., кој бил роден во 1877 година, извод од родените на мајката Р. С., ќерка на лицето Г.М., и извод од родените на жената што бара пасош.

Проблематично е тоа што потврдата за потекло го вадат од две книги „Македонија, Етнографија и статистика“ од 1900 година на Васил Канчов и  „La Macédoine et sa Population Chrétienne” од 1905 година. Во нив како крунски доказ се наведува дека кавадеречкото село од каде што води потеклото на жената во тоа време било бугарско (што е краен апсурд, нели?), а како доказ за тоа наведуваат дека во 1905 година мало „640 Бугари егзархисти и работело бугарско училиште“.

Но, в.д претседателот на Агенцијата, Димитар Владимиров оценил дека сето тоа не е доволно за да се одговори позитивно на барањето на жената преку Бугарскиот културен клуб Скопје, а ова го отвора прашањето колку граѓани на Македонија досега извадиле бугарски пасоши со вакви па дури и со посомнителни потврди за своето бугарско потекло?

Без доказ за потекло НЕМА бугарски пасош

Неодамна нашие медиуми објавија дека двајца граѓани на Македонија биле казнети за давање фалсификувани документи.

Тие во Министерството за внатрешни работи дале лажни декларации за престој во Бугарија, иако живееле во Македонија. Тие имале бугарски пасош, но документите им биле потребни за возачка дозвола со која би можеле да работат како шофери во земјите од Европската Унија.

Овие лица биле казнети со по 1000 лева (околу 500 евра), јави Бугарската телеграфска агенција, а пренесе Експрес.мк.

Од тука многу совесни граѓани си го поставуваат прашањето дали евтините трикови за добивање на бугарски пасоши полека замираат и дали наскоро можеме да очекуваме овој феномен целосно да исчезне?!

Владата во Бугарија веќе најави дека оваа практика не само што ќе запре, туку и ќе се оди еден чекор понатаму – ќе се преиспитуваат документите на тие што веќе се во процедура за да се види дали ги исполнуваат новите правила. Тие најавија крај на пазарот со бугарските државјанства, а дали граѓаните што веќе имаат бугарски пасош треба да бидат загрижени, одговорот и на ова прашање е потврден. Ако ништо друго, тогаш барем затоа што тие за националистичките кругови во Бугарија не се само „Бугари под наводници“.

Бугарските пасоши и Брегзит

Новиот закон за емиграција во Велика Британија се очекува да влезе во сила во 2021 година, а дури и со тврд Брегзит правата на бугарските граѓани ќе бидат загарантирани во оваа земја, велат во амбасадата на Бугарија во Лондон. Во моментов постојат индикации дека граѓаните ќе можат да патуваат со своите лични карти или соодветни биометриски пасоши до крајот на 2020 година, а како што пред неколку месеци изјави Васил Асенов, шефот на службата за вработување и социјални прашања во амбасадата на Бугарија во Лондон, по 2021 година, најверојатно за краткорочните патувања со цел туризам, нема да неопходно е да се извадат туристички визи.

Порталите што ќе го преземат текстот без дозвола ќе им биде испратена фактура од 30.000 денари.

Сите најнови вести поврзани со ѕвездите можете да ги следите на Гламур, убедливо најчитаниот портал за познатите во Македонија (види тука), како и на нашите страници на социјалните мрежи со вупно преку 1.000.000 фанови. Сите актуелни теми и случувања, најновите трачеви и најинтересните вести на едно место. Придружете се и на нашата официјална Фејсбук заедница ТУКА и бидете во тек со настаните, додека најинтересните текстови и интервјуа со познатите можете да ги следите и на Инстаграм ТУКА .

Поврзано

Back to top button