Можеби мислевте дека вашите патики се премногу истрошени и дека итно имате потреба од нови, а старите да ги фрлите или подарите на некого, но откако ќе видите овие необични патики од Гучи кои се продаваат за нешто помалку од 1000 долари веднаш ќе се предомислите.
Имено, луксузниот бренд по таа цена продава патики кои изгледаат како да се стари и носени. Бела и зеленикави патики со специфични ленти и со името на брендот Гучи на задниот дел, имаат извалкан изглед, баш на начинот на кој старите патики изгледаат откако добро ќе ги износите, што секако не е случај и со овие дизајнерски патики.
Но, се чини дека има луѓе кои ќе дадат неколку македонски просечни плати само да ги имаат овие патики.
На страната на Гучи пишува дека оваа линија е инспирирана од „винтиџ спортски парчиња”. Тие се направени од кожа во Италија, а откако се појавија во нивната интернет продавница се појавија и луѓе кои не престануваат да се шегуваат на нивна сметка на социјалните мрежи.
„Имам еден таков пар. Ми стојат фрлени во градината. Сака некој да му ги продадам за 500 долари”, „Тие се валкани, јас се сомневам дека некој има дадено толку многу пари за патики кои изгледаат како да се носени и тоа пред 20 години”, пишуваат корисниците на Твитер шегувајќи се на сметка на овој модел од познатиот италијански бренд.
Инаку, токму во еден ваков модел деновиве се појави и Џаред Лето на ревијата на Гучи во Милано.
Па, дали би го носеле овој модел?