Реклама
Блог

Не мораме да бидете дел од Парада на гордоста, но НИКАКО не смееме да шириме говор на омраза и да маваме со камења по нив

Реклама

Претпоставувам дека и вие не еднаш, туку милион пати со пријателите сте зборувале на оваа тема.

И тука не мислам само на хомосексуалноста како појава во нашето општество, кое по супстрат нели не е ништо поразлично од она во европските земји, но за жал со многу поголем степен на хомофобија. Да, нам ни се крева косата на главата и при самото споменување на овие луѓе и покрај тоа што во историјата многу познати ликови биле такви.

Маркетинг

Сетете се само на Педро Алмодовар, Ханс Кристијан Андерсон, Платон, Оскар Вајлд или од поновото време на Фреди Меркјури, Рики Мартин, Џорџо Армани и бројни други познати ѕвезди за кои сите знаеме дека биле хомосексуалци. Да сите овие големи луѓе имале поинаква сексуална ориентација од нашата, но дали затоа заслужуваат да бидат осудувани и да не им биде признат нивниот талент?

Маркетинг

Од друга страна и сите ние имаме пријатели кои се со вакви склоности. Некои ги познаваме, затоа што ни имаат откриено дека се такви. Некои не. Но заедничко за сите нив е што се несреќни. Несреќни затоа што не знаат како ќе ги прифати средината, но и дека би можеле да бидат осудени. Од најблиските, од семејството, од пријателите… иако хомосексуалноста не е болест која се пренесува како вирус, ниту пак за овие лица постои апче.

Што се однесува до парада на гордоста, можеби и мене не ми се допаѓа или сметам дека нема потреба од тоа. Но тоа не значи дека треба да земам камен во рацете и да мавам врз учесниците. Ниту пак дека треба да ширам говор на омраза на социјалните мрежи со рафали погрдни зборови за овие несреќни луѓе. Едноставно, наместо да ги осудуваме, стигматизираме и отфрламе, доволно е да имаме барем малку емпатија и да се обидеме да ги разбереме нивните проблеми, но и оние што маршираат заедно со нив.

Да, кога можат некои храбри луѓе да застанат рамо до рамо заедно со нив и да се борат за нивните права, иако не се хомосексуалци и немаат такви склоности, зошто и ние да не се обидеме барем да го смениме мислењето за нив.

Барем ние како народ никогаш во животот не сме ги ставале на клада или носеле во контрациони логори, зошто сега поради нашата хомофобија да не сметаат како варвари?! Да, кога едни Швеѓани од народ кој јадел живо месо кога ние сме имале универзитети сега можат да бидат толку културни, зошто да не можеме и ние да ги побараме нашите доблести и да му покажеме на светот дека можеме и подобро. Наместо деструкција, да бидеме конструктивни. Наместо омраза, да шириме љубов. Наместо мрачните страни, да му дадеме шанса и на другиот да биде среќен. Наместо комплекси и фрустрации, да зборуваме за убавите работи. Наместо сопки и разделби, да се сконцентрираме на напредокот и да си помагаме меѓусебно. Наместо да се самосожалуваме како нација која многу добро знае кога некој друг не те признава и не ги почитува твоите права, да застанеме гордо и да покажеме дека сме ги победиле предрасудите. Да се избориме за своите права, но и за правата на сите други во ова наше општество. А потоа да се посветиме на решавање на вистинските проблеми, наместо да бидеме подложни на разно-разни манипулации, да се разбудиме и да сфатиме дека тоа не го заслужуваме и дека сите заедно можеме да имаме многу подобра иднина.

На крајот на краиштата, и тие се луѓе, нели?

Робин Худ Џуниор

Сите најнови вести поврзани со ѕвездите можете да ги следите на Гламур, убедливо најчитаниот портал за познатите во Македонија (види тука), како и на нашите страници на социјалните мрежи со вупно преку 1.000.000 фанови. Сите актуелни теми и случувања, најновите трачеви и најинтересните вести на едно место. Придружете се и на нашата официјална Фејсбук заедница ТУКА и бидете во тек со настаните, додека најинтересните текстови и интервјуа со познатите можете да ги следите и на Инстаграм ТУКА .

Поврзано

Back to top button