Не излегувајте од дома, посебно не со децата – еве што да правиме кога воздухот е загаден
Скопје повторно се најде меѓу најзагадените градови на светот
Во Македонија голем проблем претставува квалитетот на автомобилите и фосилните горива во термоцентралите кои немаат адекватна контрола на емисијата на честички, како и тоа што се уште имаме котли во институциите, па и во здравствените домови кои во Европа не би можеле ни со „прст да мрднат“, а да не бидат дожвотно исклучени.
И метеоролошките услови се нетипични за овој период од годината, па тие допринесуваат за лошата состојба. Но Скопје отсекогаш бил град со неповолна положба (од аспект на загадувањето). Имено, Скопје се наоѓа во централниот дел на Скопската котлина, која речиси од сите страни е заградена со ниски, средно-високи и високи планини. Тоа значително го ограничува струењето на воздушните маси и проветрувањето, особено во зимските месеци.
Исто така во непосредната близина на градот, нема високи планини, заради што дневните вертикални струења на воздухот се многу слаби. Затоа наместо само да чекаме подобри податоци од Хидрометеоролошкиот завод и драстична промена на времето за ветерот и дождот да ни го исчисти воздухот, кој притоа сами го загадуваме, подобро е некако сите заедно да почнеме да влијаеме како Скопје да има почист воздух. Имено, живееме во отровна зона, а Скопје гледано од Водно е постојано во кафеава магла, со постојани чадови кои го обвиткуваат градот, така што граѓаните кои се прашуваат кога ќе добиеме датум за почист воздух се потполно во право.
Инспекциите се нефункционални, па така и покрај ветувањето од страна на централната и локалната власт дека ќе биде подобро, дека ќе се намали загадувањето дури и за 50 проценти, Скопје се уште е на врвот на листите меѓу најзагадените градови на светот. И тука сме шампиони. Но додека чекаме некои невозможни мерки како да се реши проблемот, и додека не ги освестиме надлежните да сторат нешто конкретно за почист воздух, не е лошо да знаеме што треба да правиме кога воздухот ќе биде загаден и тоа многукратно повеќе од дозволеното што во овој период од годината ни се случува речиси секојдневно.
Како да се заштитиме
Кога воздухот е загаден и тоа неколку пати повеќе од дозволеното, тогаш здравствените проблеми поради загадениот воздух можат да се појават кај целата популација. Но кај постарите лица, децата и лицата со болести на срцето и градите можат да се појават посериозни тегоби отколку кај популацијата со здравите лица.
Препораките се лицата од почувствителните групи да ги избегнуваат напорните активности во надворешна средина кои се проследени со забрзано и длабоко дишење или да го насочат извршувањето на овие активности да се случува во затворен простор додека не се подобри квалитетот на воздухот.
Препорака за останатиот дел од популацијата е да ги скратат должината и интензитетот на напорните активности и да прават почесто пауза во сите активности што ги извршуваат во надворешна средина.
Најголемиот проблем го претставуваат ПМ-10 честичките кои се составени од смог, чад и тешки метали. Токму овие честички негативно влијаат на развојот на градите кај децата, кои се развиваат до нивната седма година.