“Колку ти чини меракот”, “За таа љубов да наздравиме”, “Дуњо моја”, “Запри запри виолино”, “Ти можеш се”, “Љубов моја ранлива” и “Ана Аника” се само дел од хитовите на фолк пеачот Мишко Крстевски. Тој е повеќе од 30 години на македонската фолк сцена.
Приватна архива
За Гламур искрено говори за својата кариера и вели дека од оваа перспектива можел и повеќе но и дека можеби некои работи би ги променил но сепак е задоволен од неговата кариера. Додава и дека секој врвен наш пеач не бил доволно почитуван и не биле соодветно признати и наградени успесите во кариерата во нашава земја.
Вашите професионални почетоци ги имавте на “Фолк Фест Валандово” во 1991 година со песната “Колку ти чини меракот”. Вашата кариера ја одбележаа неколку големи хитови: “За таа љубов да наздравиме”, “Дуњо моја”, “Запри запри виолино”, “Ти можеш се”, Љубов моја ранлива” и Ана Аника”. Од оваа перспектива дали сте задоволен од сето она што сте го постигнале?
Со вашето прашање и кратко резиме за фестивалите и песните кои беа забележани и прифатени од публиката, ме вративте како со временска машина 30-тина години и нешто повеќе.
Музичкиот израз на еден уметник постојано се менува и се води од искуството кое паралелно со животот, расте и се развива. Од тука, не би кажал само дали сум задоволен или не.
Еве вака- можеше да биде и подобро, да имам можност, некои работи би ги направил поинаку, некои песни , некои соработки со автори кои ми понудиле и јас сум прифатил . Но едно е сигурно, а тоа е дека научив од грешките и скапо платив за тоа, но Бог е над се.
Во 2021 година одбележавте 30 години јубилеј и по тој повод ги извадивте песните „Да живее љубовта”, „Ех да си до мене” и „Само ти”. Што значи за Вас овој јубилеј, три децении да Ве има на сцената?
Да, 2021 година беше моја јубилејна, 30 години на Македонската естрадна сцена.
За жал, мерките за заштита од Корона вирусот и комплетниот амбиент во државата а и во светот, добри две години ја оддалечија естрадата комплетно од публиката а и публиката од нас. Ни останаа студијата и авторите кои беа креативни и во тој период , како што кажавте, снимив неколку песни ,, Да живее љубовта,, , ,,Само ти,, некои преработки на стари македонски песни итн…
,,30 години на сцената, некако како да летнаа, во кои преовладуваше мотото Не е важно колку пати ќе паднеш, туку колку пати ќе станеш и после тоа да продолжиш”, Значи со оптимистички диоптер хахаха. Тоа беа години на подеми и падови но сепак личен развој на музичко поле и некои други . Благодарен сум што имав можност да се запознаам со дијаспората во најголем дел од светот а македонската дијаспора е огромен дел од македонското постоење , бит и опстојување! Би можел многу да зборувам но доволно е за сега.
Приватна архива
Фолк музиката како да е Во стагнација во однос на оние години кога беше навистина во подем. Што се случува, зошто е тоа така?
Паралелно со развојот или подобро-почеток на стагнацијата на државата од тогаш до денес стагнираше и македонската музичка сцена. Секој врвен наш пеач не беше доволно почитуван и не беа соодветно признати и наградени успесите во кариерата во Македонија. Ако се појавеше на емисија во соседството , кај нас веднаш тоа беше како да се качил на месечината итн. Кај нас поделеноста во општеството фати корени за жал и во музиката , спортот и секаква друга уметност. За комерцијализација т.е. Шоу бизнис, тоа кај нас не постои. Кај нас постои тоа, кој ќе направи попатриотска песна или ќе направи некакво патриотско дело, веднаш е гостин кај нашите во дијаспората и ќе заработи некој долар, евро. Иако, ако јас се прашувам , ние македонските пеачи и сите други уметници, во знак на нашата самосвест треба една цела година да создаваме песни и други уметнички дела само и исклучиво со елементи кои се специфични за нашата земја проткаени со македонски мотиви!
Што Ви недостасува најмногу Вам на фолк пеачите за да имате бенефит каков што заслужувате. Каде е проблемот?
Нам ни недостасува нормално општество и институции во државата кои ќе го поддржуваат творештвото, продукцијата и егзистирањето на професионалната македонска музичка сцена.
Приватна архива
Дали сметате дека повеќе се почитуваат естрадните пеачи од надвор отколку нашите овде? Зошто не знаеме според Вас да си ја цениме нашата македонска изворна музика?
Државите околу нас го прават сето она што ние не го правиме. Поточно, приватните продукции се компании кои работат на продуцирање, комерција и реализација на концерти за нивните проекти, автоматски- колегите од соседните држави се прикажани, рекламирани, песните со спотови се вртат на медиумите и така стануваат хитови и се барани. Инаку нашиот народ си ја сака својата музика, тоа го тврдам затоа што на сите мои свирки сум сведок на љубовта кон нашата убава македонска песна.
Приватна архива
Фестивалите некогаш и сега, што недостасува?
Фестивалите треба да бидат круна на музичките случувања, но за жал не ги гледам на Македонските ТВ канали. Се снимаат а не се емитуваат. Не знам што да кажам.
Приватна архива
Татко сте, сопруг, бидејќи Вашата професија бара многу отсуства од дома, како успевате да го менаџирате сето тоа и да имате успешен брак толку години?
Како сите, така и луѓето од мојата професија, така и јас имам семејство, имам сопруга со која сме 34 години во брак, имаме двајца синови и две снаи кои до сега ни подарија три прекрасни внукички хахаха души мои. Подигнавме здрави деца, денес тоа се личности кои се свои луѓе, со свој живот. Бог да ги пази и чува од лошо сите деца па и нашите, за обврските во животот, вредни се, не се плашам.
Приватна архива
Свирите гитара, дали можеби знате да свирите и некој друг инструмент?
Мојот прв инструмент кој го добив за шестиот роденден беше хармоника. Хармониката ми беше огромна љубов. Во средно почнав да свирам гитара и до ден денес таа ми е како залепена за мене хахаха, им свирам на внуките дома на пијаното детски и народни песни, пееме заедно во разни прилики а и не мора да има нешто посебно, кај нас се пее често.
Приватна архива
Каде обично се релаксирате и како?
Моја релаксација е моето студио, прошетка со точак на кеј до центарот во Скопје и назад , пуштам реклама на ФБ за моите настапи, хаха, дружење кога можам со колеги музичари, пријатели, сервисери на музички инструменти, со кои имаме добри кафе муабети околу музичката опрема која е многу важен сегмент од музичкото битисување.
Што ви се следните планови во однос на музиката?
Следните планови ми се да продолжам вака уште едно дваесет години, а за потоа, здравје ќе видиме хахаха. Шалата на страна. Прво – моите редовни настапи во ресторан ,,Балканика кај Ефто,,. Фестивали, За оваа година веќе имам песна со која ќе настапам на „Фолк фест Валандово” и песна пратена на конкурсот на КИЦ Битола а за учество на фестивалот ,,Ех таа серенада,, па ако ја примат ќе учествувам и на тој фестивал, кој има посебен шарм со Битолскиот градски амбиент со својот диригент и оркестар, кои во живо ги свират песните со неповторлив звук и боја и тоа е едно доживување за пеачите кое треба да се елаборира малку повеќе во некоја друга прилика. Тука е и ,,фестивалот на Дуети,, во општина Могила , најверојатно ќе се видиме и таму , ќе се дружиме и во единствениот Дојран со своите летни содржини а со Господ напред и оваа година продолжувам со моите настапи во Вараждин – Хрватска со наслов ,,Дани Македонске глазбе,, – „Денови на македонската музика„ кои почнаа да се организираат за првпат во 2002 од семејството Перовски и траат во континуитет до денес.