Нервоза во Германија: Нагло скокна бројот на новозаразени, властите претпазливи во однос на попуштањето на мерките
Според податоците од епидемиолошкиот институт Роберт Кох, бројот на новозаразените во Германија порасна на 933, а само ден претходно во земјата се забележани 357 случаи, јавуваат медиумите.
Исто така бројот на жртвите од коронавирусот во еден ден изнесува 116, а вкупниот број починати од вирусната инфекција е 7.533. Вкупно во таа земја се забележани 170.508 случаи на зараза со Ковид-19.
До овој пораст на заболените веројатно дојде поради извештаите кои доцнеа во текот на викендот, што би можело да објасни зошто во понеделникот бројот на заразените бил помал отколку денеска.
Иако Германија тргна кон попуштање на мерките, постои страв дека поради тоа би можело да дојде до зголемен број на новозаразени во таа земја.
Имено, претходно институтот Роберт Кох објави дека репродукцискиот број (Р) во Германија пораснал над критичниот еден, што значи дека сега секој пациент заразува просечно повеќе од едно лице. Затоа во Германија во последните денови со голема претпазливост се следи попуштањето на мерките.