Бојан Јовановски познат како Боки 13 има сериозни проблеми со здравјето пренесе денес порталот „Слободен печат“.
Во текот на вчерашниот ден, во ноќните часови на првообвинетиот во случајот „Рекет“ му се слошило и стражарски бил однесен на ректоскопија. Неговата состојба е се’ полоша, а кога е во лежечка позиција желудочната киселина му оди право во белите дробови, како да нема желудник, па во таква ситуација во секој момент може да го изгуби животот, вели неговиот адвокат, Сашо Дуковски.
„Јовановски нема желудник и за тоа има 10 лекарски мислења дека треба под итно да биде хоспитализиран, вели Дуковски“, а пренесе Слободен печат.
Инаку, судењето за случајот Рекет треба да започне на 3 декември, а покрај Боки осомничени се и поранешната шефица на Специјалното јавно обвинителство, Катица Јанева и Зоран Милевски Кичеец. Второосомничениот е пуштен во домашен притвор, додека Катица Јанева и Бојан Јовановски се наоѓаат во притворското одделение во Шутка.
Јовановски се терети за две тешки кривични дела – примање награда за противзаконито влијание и за перење пари. Неговиот адвокат досега повеќе пати бараше да му биде укината мерката притвор, односно да му биде заменета со домашен притвор, токму поради нарушената здравствена состојба, но ова барање беше одбиено.