Гламур интервjу со македонската инфлуенсерка „ Готвиме со Теа“
Како започна приказната на „Готвиме со Теа“?
Приказната наречена Готвиме со Теа започна пред 2 години. Мојот сопруг за Божиќ ми подари изгравирана даска со #ГотвимеСоТеа. Бидејќи бев импресионирана од подарокот, голем дел од јадењата почнав да ги сервирам на даската и да ги фотографирам. Еден ден си реков, а зошто да не направам инстаграм профил на кој ќе ги објавувам моите фотографии, каде моите најблиски ќе може да ги гледаат .
Кога го направив инстаграм профилот не очекував дека ќе стане дел од моето секојдневие и мое омилено хоби. Но, за да успееш треба да имаш многу љубов кон тоа што го работиш и да бидеш посветен.
Колку напорно се работеше за да се добие признанието за најдобар „Food Influencer“ во земјава?
Ова признание се должи на мојата посветеност, упорност и континуитет. Со оглед на тоа дека две години активно го работам мојот инстаграм профил, искрено до тој момент не бев ни свесна дека луѓето го препознаваат и ценат мојот труд, а и дека навистина им се допаѓа се што им презентирам.
Која е најлошата критика што ја имате добиено за некој тип на храна што го имате подготвено?
Хм… Па можам да кажам дека неколку пати имам добиено критика дека комбинација на солено со благо не оди. Лично јас многу сакам такви вкусови, ама па и за вкусови не се дискутира, така што секој си има право на избор.
Кои се тајните што треба да се познаваат за готвењето?
Тајната на мојата кујна е користење на многу различни зачини и различни зеленчуци со што јадењата содржат широк спектар на бои.
Што сакаш најмногу да готвиш? Сподели го со нас твојот омилен рецепт?
Дефинитивно омилени ми се ребра кои ги подготвувам на неколку начини. Еве еден од моите рецепти:
BBQ ребра во прилог со пире:
За подготовка на овој ручек за 4 лица ви се потребни околу 60 минути.
Потребни состојки:
– 1.5 kg ребра (поделени на помали парчиња)
– 100 ml BBQ сос
– 3 средна големина компири
– 2 средна големина моркови
– 1 помал балг компир (во замена може да ставите тиква)
– 150 ml млеко
– 4 мали коцкички путер
– масло за готвење
– вегета, сол и бибер
Најпрво зачинете ги ребрата со сол и бибер. Потоа премачкајте ги со BBQ сосот и оставете ги да се маринираат најмалку 15 минути. Подобро би било доколку сте во можност да ги припремите претходниот ден и цела ноќ убаво да се маринираат.
Овака припремените ребра ги ставате во експрес лонец, додавате малку масло за готвење, ги пропржувате ребрата, го затварате експрес лонецот и ги оставате да се готват 15 минути на ниска температура.
Во меѓувреме, ја загревате рерната на 250 степени и почнувате да го подготвувате пирето.
Во тенџере на оган додавате вода и малку сол. Ги додавате излупени и исецкани на коцки компирите, морковите и благиот компир да се варат.
Откако ќе бидат сварени ги прецедувате, го додавате млекото и со помош на рачен блендер го правите пирето. Во него го додавате путерот и зачинувате со малку вегета, сол и бибер.
Претходно спремените ребра од експрес лонецот ги префрлувате во тавче за печење и уште еднаш ги премачкувате со BBQ сосот.
Ги ставате во рерна уште 15 минути за да се испечат и да станат крцкави.
На здравје и уживајте.
Кој подобро готви жените или мажите?
Иако сум женско, очигледно е дека мажите се подобри готвачи, со оглед на тоа дека најпознатите шевови се мажи.
Како е најдобро да се приготват јајца?
За мене приготвувањето јајца нема многу голема филозофија. Постојат неколку начини на подготовка на јајца. Конкретно за правење на кајгана и јајца на око најважно е маслото за пржење да биде добро загреано.
Сакаат ли младите да готват, или повеќе се за готова храна?
Јас сум изненадена дека има многу млади кои сакаат да спремаат храна, но сигурно има и такви кои се за готова храна.
Покрај твојот профил на социјалните мрежи размислуваш ли да направиш телевизиско кулинарско шоу?
Да, верувам дека секој што готви би сакал да има свое кулинарско шоу. Се надевам дека ќе имам прилика и тоа да ми се оствари.
Кое е твоето омилено јадење?
Покрај ребрата кои ми се на прво место, можам да ги издвојам како омилени јадења бургер, лазањи и цезар салата.
Која е најчестата грешка што ја правиме при готвењето?
Најчестата грешка при подготовка на одредено јадење е што слепо се држиме до дадениот рецепт, а не се водиме по нашата интуиција и нашиот вкус.