Најавени обилни врнежи снег, викендов граѓаните да возат внимателно

Времето денес променливо облачно и релативно топло со повремени врнежи од дожд, особено во западните делови, каде ќе бидат пообилни. Ќе дува умерен до засилен ветер од јужен правец. (над 60 км/час). Максималната температура ќе биде во интервал од 12 до 18 степени.
Времето утре наутро во дел од котлините со услови за појава на магла или ниска облачност. Преку денот променливо облачно и релативно топло со сончеви периоди.

Ќе дува умерен, а во западните делови засилен ветер од југозападен правец. Во текот на ноќта во западните и северните делови ќе има врнежи, кои во пониските места ќе бидат најпрвин од дожд, а потоа ќе преминуваат во снег.
На планините и на повисоките места врнежите ќе бидат од снег. Ветерот ќе го промени правецот во северен и долж Повардарието ќе засилува.
Во Скопје променливо облачно со сончеви периоди. Ќе дува слаб до умерен јужен ветер. Во текот на ноќта ќе има врнежи од дожд кои постепено ќе преминат во снег. Ветерот ќе го промени правецот во северен и ќе засилува.

Во сабота ќе има значителна промена на времето. Под влијание на влажен и студен бран ќе има врнежи претежно од снег, кои наместа ќе бидат пообилни, особено во западните делови. На планините ќе се формира значителна снежна покривка (над 30 см), а во пониските места од 3 до 10 см.
Ќе дува засилен северен ветер, особено долж Повардарието и температурите значително ќе опаднат. Локални врнежи од снег ќе има и во недела претпладне, а од понеделник времето ќе биде стабилно со ниски утрински температури.
По најавата на УХМР дека следните денови се очекува значителна промена на времето со обилни врнежи од снег и ниски температури, ЈП „Македонија пат“ апелира до сите учесници во сообраќајот да ја почитуваат законскaта одредба за поседување задолжителна зимска опрема, да користат зимски гуми и да ја прилагодат брзината спрема условите на патот.
Како што наведува ЈП „Македонија пат“, возачите треба да имаат и топла облека во своите возила, како и полни резервоари со гориво.

Службите ќе бидат постојано на терен, во потполна подготвеност и ќе ги одржуваат сите патни правци да бидат проодни.
-Во текот на престојните денови, од 19.01.2024, до 21.01.2024 (петок, сабота и недела), согласно временската прогноза од УХМР се очекува значителна промена на временската состојба во државата – обилни врнежи од снег и ниски температури проследени со појава на северен ветер.
Апелираме до учесниците во сообраќајот да ја почитуваат пропишаната законскa одредба за поседување задолжителна зимска опрема, да користат зимски гуми, да ја прилагодат брзината спрема условите на патот, како и да имаат топла облека во своите возила и полни резервоари за гориво, наведува ЈП „Македонија пат“.




