Нашите мајки не се плашеле толку за нас.
Мојот татко не морал да се нацрта секоја вечер во 20:00 за да и помогне на мајка ми да ме избања.
Затоа и јас детето си го бањав сама. Со едната рака го држев детето, со другата тушот, сапунот… Не размислував и не се плашев дали ќе ми падне во када.
Мојата мајка не се плашела од бременоста, ниту од враќањето на работа, ниту од јасли групата. Од одвојувањето. Немала кога да мисли за тоа дали престојот во групата во градинка ќе остави трајни последици врз мене.
Таа не трчала на лекар за секоја ситница. Не доаѓала во училиште секој понеделник и секогаш кога ќе ѝ паднело на памет дека треба да ме „штити“ од наставничката. Не игравме на картата „професорот ме мрази“.
Денес ете, ништо не е доволно за детството да биде пријатно. Не, денес детството мора да биде незаборавно! Незаборавно, дами и господа! Секој ден е добар повод за мала прослава, за никогаш да не им е здодевно.
Од моментот кога ќе ги отворат очите, до моментот пред да легнат во кревет, децата е потребно да ги анимирате, да им угодувате на сите можни начини, да ги поместите своите граници, да бидете благи, попустливи, да не го повишите тонот, да не го загрозите нивниот мал интегритет на било кој начин и сè на сè – да не создадете едно големо, огромно, агресивно, незадоволно и деструктивно его.
Нашите мајки не се плашеле од нас. Од нашиот плач. од нашето (не)поведение. Со трескањето, фрлањето и дрскоста некако полесно излегувале на крај.
Нашите мајки си го пиеле кафето раат и си дремнувале после работа. Ние за тоа време игравме надвор, пред зграда, со другите деца. Со други деца, дами и господа!
Двоумењата се решаваа без пребарување на Гугл, без совети од други, поискусни мајки. Не постоеја сите тие книги, форуми, Фејсбук групи, а пак – сè некако се знаело. На крајот од краиштата, и не излеговме така лоши.
Денешното растење личи на трка. Дури и пред да се роди – клукај се со фолна киселина, пиј витамини, прави милион тестови, посетувај курсеви, психолои…
Потоа – породи се безболно, без трауми, биди со бебето, дои го додека да наполни три години, величај му го карактерот, темпераментот, генетските предиспозиции, не дозволувај да плаче, носи го како да е штафета на младоста, не го оставај само, не гаси светло, направи место во твојот кревет, премести го сопругот во дневна, бдеј му, не дозволувај било што да зафали, да се почувствува загрозено, запоставено, почитувај го неговото мало ЈАС, преиспитувај се, преземи ја целата одговорност, на заслугите заборави, заштити го од сонце, зрачење, загаден воздух, кучиња скитници, вода од чешма, очи кои може да го урочат, ретроградниот Меркур, заситените масти и слободни радикали.
Чисти околу зграда, собирај го ѓубрето, рециклирај ја пластиката, купувај само органско, сади дрвја, бидејќи – нашите деца заслужуваат подобра планета.
ОК, а што ако нашата планета заслужува подобри деца? Мислам, за другарка прашувам…