Наскоро најдолгиот полициски час – за Велигден во карантин од петок до вторник, а ќе нема скара и дружење со пријателите и за 1-ви Мај?
Препораката на експертите е да не се брза со укинување на мерките, туку да почнат да се намалуваат постепено.
Пред граѓаните на цела Македонија најверојатно е најдолгиот полициски час откако се бориме против корона вирус – Велигден следната недела ќе го дочекаме во домовите, а се разгледува забрана за движење од петок попладне од 16 часот до вторник, до 05 часот наутро.
По овој карантин, која ќе трае 85 часа, доколку епидемиолошката состојба во земјава остане под контрола, се отвора можност за разговори за постепено намалување на мерките и скратување на полицискиот час.
Ризични празници
Веднаш после Велигден, ќе имаме уште еден термини со висок ризик, проценуваат експертите. Во прашање е Денот на трудот, 1-ви Мај, па така додека граѓаните очекуваат постепено намалување на мерките по православниот Велигден, нема да се изненадиме ако власта веќе размислува и се дискутира за опцијата за продолжен полициски час и за петок и сабота, за 1 и 2 мај. Имено, тие веќе во неколку наврати напоменаа дека се очекува пикот да биде при крајот на овој месец, па од тие причини и викендот што следува по велигденските празници е со висок ризик заради обичаите како што се протести, собирање на отворено, скара и слично.
Тоа мора да се избегне
Препораката на експертите е да не се брза со укинување на мерките, туку да почнат да се намалуваат постепено. А потоа, кога тоа ќе го овозможи епидемиолошката слика, полека да почне животот да се враќа во нормала – ни вели наш извор и додава дека ситуацијата може да се смени во еден ден и мерките да бидат прилагоди на тоа.
Постепеното ублажување на мерките би значело дека тие се придвижуваат кон оние што биле на почетокот на епидемијата.
Тоа значи дека полицискиот час повторно ќе биде од девет навечер, наместо од четири, полека ќе започнат со работа ресторани на отворено, т.е. бавчите, со ограничен број на луѓе и пропишано растојание.
Ништо нема да биде исто?
Ќе се отворат јавните установи, продавниците, трговските центри, фризерските салони и салоните за убавина, но повторно со ограничувања што ќе бидат пропишани од Владата. За отворањето на училишта и градинките сè уште е неизвесно и експертите и претставниците на Владата при носењето на оваа одлука треба да бидат највнимателни.
Ова деновиве го најави и министерот за здравство, Венко Филипче, кој на отворената дискусија во Владата спомена дека една од мерките за која ќе се разговара на владина седница е од петок попладне до вторник наутро, за време на Велигденските празници да трае полицискиот час, а потоа ќе се размислува дали мерките ќе важат и за следните викенди. Покрај министерот за здравство на отворената дискусија во Владата овие мерки ги најавија и заменик-министерот Арменд Арслани и епидемиолозите од Институтот за јавно здравје д-р Жарко Караџовски и д-р Владимир Микиќ.
Министерот Филипче исто така потврди дека по намалувањето на рестрикциите нема да биде ист начинот на живот и дека мерките ќе се намалуваат постепено.