Дуке Бојаџиев успешно работи како композитор и пијанист на светската музичка сцена со години наназад. Досега има издадено седум соло албуми, а неговата музика исто така е дел од познатите компилации Buddha Bar, Marrakech Express и Chill out in Paris.
Тој е автор на музиката на неколку македонски и странски филмови меѓу кои за филмот „Страв од паѓање“ на Џонатан Деми и за македонскиот филм „До балчак“ на Столе Попов. Во текот на изминатата година публиката во Македонија имаше неколку можности да ужива во настапите на Дуке Бојаџиев во живо, а заедно со Македонската филхармонија настапи на сцената на престижниот „Карнеги хол“ во Њујорк. Неговите концертни настапи секогаш предизвикуваат огромен интерес кај публиката која нестрпливо ги очекува. Пред претстојниот концерт на Дуке кој ќе се одржи на 20 февруари во арената „Метрополис“ поразговаравме со него за подготовките за концертот, но и за неговите идни планови.
Ш: Концертот насловен како „Дуке и пријателите“ во организација на Авалон продукција е најголемиот концерт во Вашата досегашна кариера. Дали настапот пред домашната публика на еден ваков голем концерт Ви создава притисок и стрес или овде доминира емоцијата на едноставно враќање дома?
ДУКЕ БОЈАЏИЕВ: Секогаш концертите во Македонија ги доживувам како враќање дома, со многу емоции кои најдобро ги „раскажувам” преку музиката. Овој концерт ми е од посебно значење како поради соработката со Авалон Продукција со кои е вистинско задоволство да се работи, така и со гостувањето на многу драги соработници од домашната и интернационалната сцена со кои работам низ годиниве.
Ш: Ќе настапувате со „пријателите“. Како всушност ги избирате Вашите соработници и кои се главните нешта што сте ги научиле од соработката со други луѓе?
„Мислев дека музиката ќе ми остане хоби, додека музички не созреав до степен на кој сфатив дека тоа е мојот повик и во ниедна друга професија не би можел да се пронајдам и дадам толку многу.“ |
ДУКЕ: Повеќето луѓе со кои работам спонтано се појавиле низ разни проекти и моменти во мојата музичка кариера. Со перкусионистот Матијас Кунцли работам уште од моите почетоци во Беркли колеџот, а со Исмаил се запознав во Њујорк и соработуваме веќе десет години. Но со мојот ценет колега и инспирација од детството Влатко Стефановски ова ми е прва соработка, на која посебно и се радувам!
Нема правила по кои ги избирам моите соработници освен да ни се поклопат музичките вкусови.
Ш: Голем дел од уметничкото творештво е резултат на макотрпен креативен процес, но чувството да се занимавате со нешто што ви доаѓа од внатре е пресудно за многу уметници. Како сфативте дека музиката е токму она со што сакате да се занимавате во животот?
ДУКЕ: Музиката постои во мојот живот од најраните години и моите први сеќавања се на пијано. Но како професија не ја сфатив до подоцна во животот, веројатно поведен од фактот дека мојот татко Тодор Бојаџиев беше лекар по професија но и многу плоден композитор кој остави бројни македонски евергрини. Свирењето клавир и компонирањето музика ми станаа природни и секојдневни нешта кои ме исполнуваа додека паралелно учев во средно биохемија и потоа дипломирав Медицински факултет. Мислев дека музиката ќе ми остане хоби, додека музички не созреав до степен на кој сфатив дека тоа е мојот повик и во ниедна друга професија не би можел да се пронајдам и дадам толку многу.
Ш: Вашите концерти се незаборавно музичко доживување за публиката која повторно и повторно сака да Ве слушне. Што да очекуваме од претстојниот концерт што би било поразлично од претходните? Дали ни подготвивте некое специјално изненадување во репертоарот или изведбата?
ДУКЕ: Овој концерт ќе биде една кулминација на сета моја досегашна концертна работа. Ќе биде зачинет со врвни музички гости, поезија и прекрасен камерен оркестар! Моите концерти секогаш си имаат по нешто ново и уникатно, што се менува во зависност од просторот и тимот со кој настапувам.
Ш: Авалон Продукција објави дека нашата дизајнерка Тања Кокев ќе се погрижи за Вашиот изглед на претстојниот концерт во арената „Метрополис“. Како дојде до оваа соработка? Колку е за Вас важен изгледот и колку внимание посветувате на изборот на облека и Вашиот стил, како во секојдневниот живот, така и за настапите?
ДУКЕ: Соработката со Тања Кокев почна преку Авалон продукција кои ме запознаа со неа и нејзините креации кои многу ми се допаднаа. Првпат соработувам со моден дизајнер за мој концерт и многу се радувам бидејќи обично јас се грижам самиот за тоа, а овој пат ќе имам стручна помош. Изгледот на сцена, а и во секојдневие ми е битен во смисол да се чуствувам удобно во својата облека, но не пратам некаква мода, си имам свој стил на облекување кој најчесто ми зависи од расположението.
ШМ: Кои се Вашите планови за во блиска иднина? Продолжувате со концертите или работите на некој нов проект?
ДУКЕ: Моментално завршувам музика за новиот филм на Хрватскиот режисер Рајко Грлиќ, а после концертот ќе направам мала пауза. После интензивни проекти секогаш ми треба ресетирање на мозокот пред да продолжам со следниот креативен чекор.